Европската Комисија одбрала 85 иновативни проекти за остварување на целите за нето нулта емисии, кои ќе добијат 4,8 милијарди евра неповратни средства од Фондот за иновации. Станува збор за најголемиот конкурс на Фондот од неговото формирање во 2020 година, со што вкупната вредност на поддршката пораснала на 12 милијарди евра, а бројот на проекти се зголемил за 70%.
Со проценети приходи од 40 милијaрди евра од системот на ЕУ за тргување со емисии во периодот од 2020 до 2030 година, Фондот за иновации е осмислен така што ќе пружи финансиски субвенции за компании и државни органи за инвестирање во напредни технологии со ниски и нето нулта емисии на јаглерод, поддржувајќи го така преминот на Европа кон климатска неутралност. Проектите доаѓаат од 18 земји, вклучувајќи ја и Белгија, Германија, Хрватска и Финска, и опфаќаат различни сектори: енергетски интензивни индустрии, обновливи извори на енергија, складирање на енергија, управување со јаглерод, одржлива мобилност и згради. Планирано е проектите да бидат оперативни пред 2030 година, што би можело да ги намали емисиите за околу 476 милиони тони во текот на првите десет години.
Избраните проекти се во согласност со „Законот за индустрија со нулта емисии“ (Net-Zero Industry Act) и се фокусирани на развој на чисти технологии во областите на енергија од ветер, Сонце, топлински пумпи, електролизери, горивни ќелии, складирање на енергија и батерии. Проектите ќе придонесат кон зголемување на капацитетот на соларните електрани во Европа за 3GW, како и зголемување на капацитетот на електролизерите за 9,3 GW. За енергетски интензивните индустрии, поддржаните технологии ќе ги намалат емисиите преку користење на обновлива енергија, рециклирање, складирање на топлина и електрификација. Проектите за управување со јаглерод би требало да овозможат складирање на 50 милиони тони јаглерод диоксид годишно од секторите кои е тешко да се декарбонизираат, како што се цементната индустрија и хемикалиите. Во областа на обновлив водород, планирано е производство на 61kt на обновливо гориво годишно за индустриски и транспортни примени. Проектите од нето-нулта мобилност ќе ги намалат емисиите во поморството и патниот транспорт, со производство на 525kt одржливи горива годишно. Проектите се оценувани од страна на стручњаци, според намалувањето на емисиите, иновативноста, зрелоста, ефикасноста и ценовната ефикасност. Договорите за финансирање ќе бидат потпишани во првиот квартал од 2025 година, а следниот повик се очекува во Декември 2024 година.