Насловна / Вести / Претставен тенок, цврст и ефикасен материјал за апсорпција на звук и вибрации

Претставен тенок, цврст и ефикасен материјал за апсорпција на звук и вибрации

Иновативен композитен материјал кој апсорбира вибрации и пригушува звук, а притоа е исклучително тенок, претставен е на јавноста како решение за многу предизвици во градежништвото и индустријата. Истражувачите од швајцарскиот Институт за технологија во Цирих  (ETH Zurich), го развиле овој материјал со специфична структура.

Традиционално материјалите кои пригушуваат звук и вибрации, како што се гумените плочи и експандирани пени, имаат тенденција да бидат дебели и меки. Овој композит, претставува исклучок, бидејќи е изработен од ултратенки слоеви на цврст материјал, кои се поврзани со уште потенок слој од еластичен полимер. Прототиповите на материјалот се составени од стаклени плочи со дебелина од 0,2 до 0,3 милиметри, помеѓу кои се наоѓаат PDMS (полидиметилоксан) слоеви со дебелина од само неколку стотини нанометри. Компјутерските модели покажале дека композитот мора да содржи најмалку 99% цврст материјал по волумен, додека еластичните  слоеви помалку од 1%. Експерименталните испитувања покажале дека материјалот може ги да издржи стандардните тестови на свиткување, како и да ги задржи своите пригушувачки својства дури и на екстремно ниски температури до -125oC.

Во споредба со обичното стакло, овој композит при пад од височина од 25 сантиметри, генерира значително помал звук и не отскокнува од површината, што сведочи за неговата способност за апсорпција на вибрации. Се очекува понатамошниот развој на технологијата да овозможи примена на овој композит во различни области, како што се прозорци, куќишта на машини, автомобилски делови и елементи во аеронаутичката индустрија. Дополнителна предност е можноста за целосна рециклажа – стаклениот дел од композитот може лесно да се одвои од малите количини на PDMS, што придонесува за одржливост и еколошка прифатливост на материјалите. Истражувањето е објавено во научното списание Composites Part B: Engineering, а понатамошната работа е насочена кон комерцијализација на овој материјал.

Испрати коментар

Scroll To Top