Во целот ја пренесуваме информацијата за настанот организиран од Гоу Грин.
Дали сте приметиле дека секоја велосипедска патека и лента во Македонија е приказна сама за себе?
Ви личи како да се проектирани и изведени без да се договорат како треба да изгледаат? Како да немаат унифициран пристап?
Тоа е бидејќи Северна Македонија е една од последните земји на Балканот (и секако во Европа) која нема важечки Правилник за велосипедска инфраструктура. Со нас се само Албанија и Косово.
Ако имаше таков правилник ќе мораше секоја општина при проектирање на било каков пат да го земе предвид и велосипедското движење.
Немаше да смее да се изведе булевар без посебна лента / патека за велосипеди.
Немаше да смее да се изведе пешачки премин со висок рабник по кој не може да се вози тркало.
А со тоа ќе се олеснеше движењето на секое лице со посебни потреби, бебешките / пазарски колички.
Затоа бараме од Министерството за Транспорт што побрзо да донесе Правилник за велосипедска инфраструктура.
Утре, 29.10.2024, во просториите на Младинскиот центар Матично (спорти Градски парк), од 13 до 15 часот ќе ги презентираме двата пристапи за донесување на ваков правилник.
Поканети се гости од Министерството за Транспорт, РСБСП, ЈП за Државни патишта, стручните факултети, различни институции и чинители од домашниот невладин сектор и меѓународната заедница.
Целта е со заеднички пристап да добиеме што подобар Правилник за велосипедска инфраструктура, што побрзо.
Настанот е од отворен карактер.
Пријава за посетителите – https://docs.google.com/…/1_b…/edit
Напомена:
Локацијата е пристапна со велосипеди по велосипедската патека на бул. Илинден и располага со сопствен паркинг за велосипеди изведен по квалитетен универзален дизајн (кој делумно ги задоволува препораките пишани во предлог Правилникот). Во случај на преполување на сопствениот паркинг за велосипеди, останатите паркинзи се наоѓаат во радиус од 50м од локацијата.
Ги охрабруваме посетителите да дојдат со своите велосипеди, што би ја збогатило дискусијата поради нивното лично искуство користејќи ја скопската вело-инфраструктура, која иако не е на завидно ниво на светски ранг, е единствената во републиката која има каква-таква мрежа и е изведена делумно со стандардизиран пристап.
Локација – Младински центар Матично – Google Maps
Датум: 29.10.2024, вторник
Време: 13:00 – 15:00
АГЕНДА НА НАСТАНОТ
12:45 -13:00 Регистрација на учество
13:00 – 13:15 Недим Беговиќ, Transport Community, Green/Multimodal/Innovative transport Solution Desc Officer
13:15 – 13:30 Кристина Ицковска, проектант соработник за транспортна инфраструктура
13:30 – 13:45 Јована Тозија Велковска, НаТочак, Вело Активист
13:15 – 14:00 Мирослав Богдановски, Општина Центар, Главен општински инспектор
14:00 – 14:30 Дискусија
14:30 – 15:00 Коктел
Настанот е организиран од Гоу Грин, а поддржан од Heinrich-Böll-Stiftung Sarajevo.