Германскиот регулатор ја одобрил изградбата на мрежата од цевководи за водород, но нејзината вкупна должина ќе биде нешто пократка од планираната. Некои делници ќе бидат завршени пред зацртаниот рок – 2032 година, а вкупниот трошок на проектот е проценет на 19,8 милијарди евра. Најголем дел од средствата ќе бидат обезбедени од приватниот сектор, а државата со субвенции ќе ги ограничи мрежните трошоци.
Според Здружението на оператори на преносните системи, транспортниот капацитет ќе одговара на производство од 278 TWh енергија годишно, односно една третина од сегашната потрошувачка на природен гас во Германија. Мрежата од цевководи ќе биде долга 9.040 километри, одлучил регулаторот, скратувајќи одредени непотребни делници за 600 километри.
До средината на следната деценија, Германија би можела да обезбеди нешто повеќе од 10% од побарувачката за „зелен“ водород, во најголем дел од увоз, доколку се пренамени европската гасна инфраструктура. До споменатиот период, водородот би учествувал со 11,2% од побарувачката за енергија во земјата, процента на 894 TWh, пресметале консултантските куќи Agora Energiewende и Agora Industry.
Берлин настојува да го популаризира користењето на водородот со цел да ги намали емисиите на стакленички гасови во секторите – загадувачи, кои не можат да се електрифицираат, како челикот и хемиската индустрија, и да ја ублажи зависноста од фосилни горива.