Насловна / Архитектура / Куќа на Истра ќе ја добие својата целосна форма со текот на времето

Куќа на Истра ќе ја добие својата целосна форма со текот на времето

Оваа куќа за одмор со површина од 400 квадратни метри на копнениот дел на Истра, која се наоѓа во местото Бале недалеку од Ровињ, е првиот проект на познатото белградско биро „Студио Аутори“ во Хрватска.

Контекстот на рамна, правоаголна парцела, граничи со две мали сообраќајници и парцели со неизвесна иднина, ја дефинирал задачата – самостоен микроамбиент, свртен кон себе и независен од промените во непосредната околина – копнено медитеранско прибежиште.

Волумени кои се преклопуваат

Просторната композиција се состои од еднокатни, хоризонтални објекти кои се смакнуваат и се преклопуваат и незабележливо исчезнуваат во зеленилото.

„Благата денивелација придонесува за чувство на флуидност и ритмичност на просторот, додека самата организација ја евоцира структурата на медитеранските градови“, наведува тимот и додава: „Волумените на објектот формираат длабоки сенки, скриени ниши, покриени тераси и атриуми – простори на приватност и рефлексии, како и интеракција.

Сакавме да го создадеме истиот оној впечаток што го добивате кога се движите низ стариот град – волумени што се смакнуваат и се преклопуваат, сенки, покриени тераси, атриуми, места за средби, поглед кон стариот град.“ – велат архитектите.

Целината се состои од главна куќа, куќа за гости (планирана за изградба во следната фаза) и гаража, околу кои и понатаму се градат амбиенти.

Сместени на имот со површина од 3.300 квадратни метри, објектите се позиционирани да обезбедат удобност, но и приватност.

„Свртени  се кон внатре, со единствен исклучок на главната куќа, која ги кадрира урнатините на старата камена куќа на соседната парцела и кровната тераса на гаражата, која отвора поглед на историскиот центар на Бале“, велат од бирото.

Сопствен микроамбиент

„Интересно е што по посетата на локацијата беше како празно парче хартија, без никакви специфичности, опкружена со празни парцели со „неизвесен исход“. Немаше поглед кон кој куќата може да се насочи“ – се сеќаваат архитектите.

Погледот на пикторесниот центар на Бале е таму, но било извесно дека ќе биде попречен од околните нови објекти. Токму од ова произлегла идејата да се создаде сопствен микроамбиент. Две куќи, главна и гостинска, свртени кон „внатре“, кон сопственото зеленило и врамените погледи.

Архитектите се фокусирале на создавање простор со флуиден распоред и движење, каде пар скали ги делат зоните и суптилно ја менуваат динамиката на движење, погледите и просторот.

Простор за собирање

Централното плато со маслиновото дрво и дневната соба на главната куќа се замислени како место за бришење на границите меѓу надворешните и внатрешните простори. Платоата околу куќата се позиционирани така што се активни во различни периоди од денот, па така и кровот на гаражата пред зајдисонце станува видиковец, т.е. отворена тераса со поглед на панорамата на стариот град.

Длабоки сенки, отворени бочни страни и врамени погледи ги формираат централната дневна зона и просторот за собирање.

„Од неа се разгрануваат благо подигнати ноќни блокови кои овозможуваат интимност и подиректен контакт со зеленилото“, објаснуваат проектантите.

Куќа како рамка

„Проектот беше специфичен во смисла дека клиентите сакаа куќа како рамка, база која полека ќе ја пополнуваат и уредуваат со текот на времето, што не е типично за проектите што вообичаено ги работиме# – велат архитектите.

Тоa e и токму причината поради што делува релативно скромно, иако не е. Проектирана е како волумен кој во неговите димензии, текстури, ритам и организација  го репродуцира морскиот контекст, а ќе ја добие својата целосна форма со текот на времето.

Испрати коментар

Scroll To Top