Добри вести за сите оние на кои чистењето на куќата со правосмукалка им е ноќна мора – повеќе не мора да барате дополнителен простор за сместување на правосмукалката, едноставно за секунда претворете ја во помошна маса или стол…
Правосмукалки со кабли, безжични правосмукалки, правосмукалки со кеса, или со филтер за вода… пазарот денес е преплавен со правосмукалки кои стануваат се помодерни за да ги задоволат барањата на купувачите. Но, дали некогаш сте се запрашале каква иднина не очекува кога станува збор за овие мали помагачи во домаќинството? Дали некогаш сте се запрашале како би изгледало ако правосмукалката едноставно се претвори во парче мебел?
Не треба повеќе да размислувате, само погледнете го овој интригантен концепт на правосмукалка кој не само што е мултифункционален во поглед на дизајнот, туку и апсолутно одржлив бидејќи е направен од плута – биоразградлив материјал.
Поточно, преградата за складирање на правосмукалката е направена од плута со намера да се создаде топол и пријатен амбиент, додека цевките на правосмукалката и другите придружни делови се дизајнирани да се чуваат во тој омотач од плута кој потоа е се прекрива со капак и на тој начин станува масичка која можете да ја поставите каде сакате.
Токму способноста да се скрие целиот апарат е заслужна за заштеда на вреден простор дома, бидејќи станува збор за висина од околу 45 центиметри, што совршено одговара на димензиите на помошна масичка, па дури и на стол. Сите останати внатрешни делови (освен моторот) се изработени од биоразградлива пластика, моделот е цилиндричен без кеса што може да се користи и за длабинско чистење и за декорација на домот.