Градчето Штадталендорф во западна Германија гордо ја отвори новата противпожарна станица пред помалку од една година, но иронично таа сега изгоре до темел со сета своја опрема и возила.
Итната помош била известена рано во средата дека пожарот избувнал во едно возило, а потоа се проширил на целата станица. Околу 170 пожарникари се бореле со огнот, меѓу кои и членови на волонтерската противпожарна единица.
Објектот изгорел до темел заедно со 10 најсовремени возила.
Иако немаше жртви, гордоста на пожарникарите е многу повредена, особено по неверојатното сознание дека станицата немала вграден систем за противпожарна заштита.
Уште почудна е информацијата дека тоа не било ни законска обврска.
Пожарникарите кои по долга борба успеале да го изгаснат пожарот, останале без зборови и со солзи во очите кога сфатиле дека нивната станица целосно изгорела.
„Ова е кошмар за пожарникарите. Никој не сака да ја гаси сопствената станица“, изјави окружниот противпожарен инспектор Ларс Шафер за германските медиуми, додавајќи дека трошоците за изградба и опрема биле од 20 до 24 милиони евра.
Локалните весници во времето на нејзиното отварање ја опишале како „најмодерна и најиновативна“.
Шефер изјави и дека поставувањето на противпожарен аларм не било законски задолжително, бидејќи станицата припаѓа на локалната општина и е класифициран како објект за складирање опрема, а не како противпожарна станица.
Претседателот на пожарникарското здружение на покраината Хесен побара итна промена на законот. Причината за пожарот сè уште не е потврдена, но првичните извештаи сугерираат дека полначот на батери веројатно се прегреал.