Последиците ќе бидат уште покатастрофални без итна акција. Кризата со водите се заканува на повеќе од 50% од глобалното производство на храна, како и на намалување на БДП во просек за 8% до 2050 година. Загубите во земјите со ниски приходи ќе бидат уште поизразени. Извештајот прави разлика помеѓу „сина“ вода, односно водата од езерата, реките и аквиферите, наспроти „зелената“ вода складирана во тлото и растенијата. Иако снабдувањето со „зелена“ вода долго било занемарувано, тоа е еднакво важно за водниот циклус, стои во извештајот. Нарушувањата во водниот циклус се „длабоко испреплетени“ со климатските промени, покажал извештајот.
Авторите на извештајот велат дека светските влади мора да го препознаат водниот циклус како „општо добро“ и колективно да се позанимаваат со ова прашање. Земјите зависат една од друга, не замо поради реките и езерата кои премостуваат државни граници, туку и поради водата во атмосферата која може да мине големи растојанија. Тоа значи дека одлуките донесени во една земја, сериозно може да влијаат врз случувањата во друга земја. Извештајот повикува на воведување ценовни политики кои ќе го спречат нерационалното трошење на водата, како и избегнување на посеви и градење објекти кои се особено „жедни“ за вода во региони со недостаток на вода.