Oppenheim Architecture, архитектонска фирма со канцеларии во Мајами и Базел, го откри проектот на новиот кампус на Европскиот колеџ што ќе се гради во Тирана. Проектот го воведува првиот „наменски изграден“ кампус на Европскиот колеџ, следејќи ги постојните кампуси во Бриж, Белгија и Натолин, Полска.
Презентираниот проект вклучува елементи од локалната архитектонска традиција и е инспириран од историјата на Албанија, вклучително и студентските протести од 1991 година, кои одиграа клучна улога во промените кај нашите соседи.
Овој контекст е интегриран во проектот за да се создаде простор кој се поврзува со културното и историското ткиво на градот.
Во самото срце на кампусот се наоѓа централна кружна „агора“, како мултифункционален простор наменет за одржување на универзитетски предавања, дипломатски обраќања и уметнички перформанси.
Просторот на агората е покриен со бетонска купола, која се реферира на бетонските бункери на Албанија и содржи концентрични седишта инспирирани од античките грчко-римски театри.
Овој распоред е замислен да промовира интеракција и демократско искуство на просторот, со флексибилност да се прилагоди на различни настани и функции.
Црвен бетон
Во непосредна близина на агората се наоѓаат три главни згради: влезната зграда за јавни програми, вклучувајќи библиотека, музеј и простор за настани; универзитетската зграда со училници, предавални и кафетерија; и дипломатската зграда со канцеларии, сали за состаноци и сместување при посета на ЕУ дипломати.
Фасадите се од темно црвен пигментиран бетон, како одраз на архитектонскиот карактер на Тирана и содржат структурни детали инспирирани од нотните записи на Одата на радоста, симболизирајќи единство и соработка.
Фасадите свртени кон агората се украсени со мурали од локални уметници.
Секоја зграда е организирана да ги води корисниците од јавните простори кон приватните, како и многуте заеднички работни простори и грандиозни скали кои поттикнуваат интеракција.
Терасите на кровот служат како проширувања на соседниот спортски парк, нудејќи дополнителни простори за социјални и рекреативни активности, објаснуваат од Oppenheim Architecture.
Нивниот сеопфатен дизајн е обликуван со детално проучување на архитектонскиот пејзаж на Тирана, вклучувајќи ги материјалите, боите и текстурите кои го одразуваат уникатниот карактер на овој град.
Што е Европски колеџ
Европскиот колеџ, создаден е на иницијатива на Хашкиот конгрес, посветен е на промовирање на европските идеали за единство, соработка и интеграција. Проширувањето на локација во главниот град на Албанија има за цел да го одрази продолжувањето на оваа мисија и да обезбеди можност Колеџот да воспостави присуство во овој град.
Архитектонски бум во Тирана
Во последниве години, Тирана стана големо игралиште за познати архитектонски бироа. Францускиот Coldefy работи на нова зграда на јавната администрација, Oppenheim ја проектира и Tirana Tower, архитектонското студио OODA ги потпишува проектите Bond Tower и Hora Vertikale, чешкото студио Chybik + Kristof ја потпишува каскадната кула во главниот град на Албанија. , додека меѓу познатите архитекти е и Стефано Боери кој ја подготви вертикалната шума за Тирана.