Хелидроми, фудбалски игралишта, олимписки базени, водопади, кино сали – се тоа го имаат најскапите куќи во светот. Впечатливи балски дворани, градини со ретки тропски растенија, соби украсени со антиквитети се подразбираат.
На листата на петте најскапи куќи во светот, според светските медиуми, годинава нема ниту една во САД. Дури три се наоѓаат на Француската ривиера, само една е надвор од Европа, поточно во Индија, а нивната вкупна проценета вредност е неверојатни 8,5 милијарди американски долари.
- Бакингемската палата, Лондон, Велика Британија
Најпознатата зграда на оваа листа, резиденцијата на британското кралско семејство, воедно е и најскапа, проценета на речиси 4,9 милијарди американски долари.
Познатите архитекти Џон Неш и Сер Ештон Веб работеле на уредувањето на неокласичната зграда од 1705 година. Палатата има 775 соби, вклучувајќи 188 спални соби за персоналот, 92 канцеларии, 78 бањи, 52 кралски и гостински спални и 19 државни одаи.
Една од најпознатите е Соба 1844, наречена така затоа што во 1844 година на тој простор бил примен рускиот цар Николај I, а денес британскиот монарх овде прима и други важни гости. Легендарниот балкон служи како истакната сцена за кралското семејство за време на значајни церемонии, а помалку е познато дека палатата содржи и внимателно уредени градини, па дури и фудбалски терен.
Во тек е обемно реновирање од 369 милиони фунти, според Би-Би-Си, а кралот Чарлс продолжува да живее во блиската палата Кларенс хаус, која е негова резиденција повеќе од две децении.
- Антилија, Мумбаиј, Индија
За разлика од повеќето семејни домови, куќата на еден од најбогатите Индијци, Мукеш Амбани, „оди“ во висина. Зданието вредно две милијарди долари достигнува висина од 173 метри, има 27 ката со екстра високи тавани, секој во просек од два ката во висина.
За проектот беше задолжено бирото „ Perkins & Will “ од Чикаго, а како инспирација послужил митскиот остров Антилија во Атлантикот, по кој го доби името палатата изградена во 2010 година.
Ова современо архитектонско чудо зафаќа над 400.000 квадратни метри и е познато по својата низа луксузни удобности. Меѓу нив има три хелиодроми, шесткатна гаража за 168 автомобили, неколку базени, домашно кино за 50 гледачи, монументален храм. Tука е и снежна просторија за да се победи вруќината, каде што паѓаат вештачки снегулки.
Во уредувањето се користени материјали со врвен квалитет како кристали, мермер и бседеф, како и мотиви инспирирани од лотосот и сонцето. Безбедноста, очекувано, е на највисоко ниво, а објектот наводно може да преживее земјотрес со јачина од 8 степени според Рихтеровата скала.
- Вила Леополда, Вилфранш-сур-Мер
Скандали и интриги се вткаени во ѕидовите на вилата Леополд, која се наоѓа во Вилфранш-сур-Мер, на Француската ривиера.
Вилата ја изградил тогаш 65-годишниот белгиски крал Леополд II за неговата 16-годишна љубовница Каролин Лакроа. За време на Првата светска војна, вилата служела како воена болница, а во 1920-тите била трансформирана од американскиот архитект Огден Кодман Јуниор, давајќи и неопаладијански архитектонски сјај.
Има 19 луксузни соби, 14 бањи, а зградата во која се снимале популарни филмови, како што е „Фати го крадец“ (1955) на Хичкок, денес се проценува на близу 750 милиони американски долари.
Во текот на својата турбулентна историја, Леополда била во сопственост на бројни богати семејства, вклучувајќи го и Џани Ањели, претседателот на Фиат. Огромен депозит уплатил во 2008 година рускиот милијардер Михаил Прохоров, но се повлекол поради финансиската криза, па вилата остана во сопственост на Лили Сафра.
- Вила на кедрови Вила, Сен-Жан-Кап-Фера
Уште еден бисер на Француската ривиера, изграден во 1830 година, се наоѓа во Франција, во близина на Ница. На почетокот на 20 век го купил белгискиот крал Леополд II, познат по огромното богатство стекнато од Конго. Тогаш вилата помина низ обемно реновирање и го доби името Вила на кедрови (Villa Les Cedres).
Се простира на 18.000 квадратни метри, има 14 спални соби, величествена библиотека која содржи ретки книжевни дела, базен со олимписка големина, бронзена статуа на божицата Атина, импресивна балска сала, градина со 14.000 тропски растенија, за која се вели дека е една од најголемите колекции во Европа. Се проценува на речиси 450 милиони американски долари, а од 2019 година е во сопственост на Украинецот Ринат Ахметов.
- Палата на меурчиња, Француска ривиера
Третиот претставник на француската ривиера, Les Palais Bulles, во близина на Кан, е најнеобичната градба на оваа листа.
Проектирана е во 1989 година од унгарскиот архитект Анти Ловаг во духот на хармонијата со природата. Позната како Палатата на меурчиња, поради кружните форми, опкружен е со бујна вегетација. На 1.200 квадратни метри има 10 спални соби, исто толку бањи, а посетителите уживаат во базени, водопади и настани во амфитеатарот кој може да прими 500 гледачи.
По првиот сопственик, францускиот бизнисмен Пјер Бернар, тука се одмара и вториот Пјер Карден, познат моден дизајнер. Денес, вилата се проценува на близу 420 милиони американски долари.