Eдна година од почетокот на војната меѓу Хамас (Газа) и Израел, а во екот на нова ескалација на војната со Либан и Иран како учесници, мошне јасно, иако срамежливо, објавен е план Газа 2035, кој првенствено се однесува на архитектура и инфраструктура, а кој зборува за тоа како Владата на Израел замислува дека ќе изгледа вечно немирното подрачје Појасот Газа, десет години по завршувањето на војната, која (некако) се предвидува да заврши следната година.
Зградите во Појасот Газа (да не зборуваме за луѓето) постојано се уништуваат веќе една година, веројатно многумина си го поставиле прашањето: што ќе се гради овде кога ќе престанат бомбите? Каде ќе се вратат преживеаните, во што ќе живеат? Секако, една од идеите што паѓа на ум е дека ова ќе биде „Варшава на Блискиот Исток“, односно дека градот ќе се обновува по истите улици, со помодерни градби со слична големина и дизајн.
Но, градовите како Кан Јунис, Рафа или самата Газа, немаа ниту многу историски градби. Но, можеме да претпоставиме дека најважните места за богослужба и тврдини ќе бидат обновени. Дали ова ќе биде „блискоисточен Минск“ или „јужен Бејрут“, кој страдаше во војната 1975-1991 година? Сè модерно освен неколку улици и квартови? Можеби и не, ако ја прашате Владата на Израел и ако им веруваме на написите во весникот The Architect’s Newspaper. Велат дека Газа ќе биде новиот Дубаи. Или Доха, или Кувајт, што и да е.
Табула Раса 2025 – Газа 2035 година
Планот е наречен „Газа 2035“ и подразбира дека во 2025 година ќе завршат сите операции во Газа, ќе се постигне траен прекин на огнот и смирување на регионот, а потоа на целосно „срамнета“ област Газа (претпоставката е да се закопаат озлогласените тунели на Хамас под оваа територија), со помош на 1,7 милијарди барели нафта што се наоѓаат веднаш покрај брегот на Газа, а кои Палестинците не ги користеа сиве овие години, да се изгради сосема нов град, сличен на монархиите во Персискиот залив.
Се споменува и „фабрика за електрични автомобили“, што не е најјасно зошто, ако градот лежи на нафта, која најверојатно ќе биде евтина, како во сите земји богати со нафта. Затоа, една од сенките што го следи овој план е обвинувањето за „greenwashing“.
Значи, првото што следи, како што може да се види од сликите со вештачка интелигенција што го придружуваат планот, е дека сите постоечки структури (освен неколку историски значајни) се отстранети – односно се прави табула раса – и потоа на тоа место да се градат хипермодерни облакодери, следени со наводнувани полиња (искуството на Израел во трансформирање на пустината), соларни панели и постројки за пречистување на солена вода итн.
А кој би го извел тоа? Планот предвидува Газа да стане еден вид протекторат на Бахреин, Јордан, Саудиска Арабија, Мароко, Египет, ОАЕ и Катар (можеби уште некои, можеби не сите наведени) и дека од нафтата и парите на овие земји се ќе биде изградено за десет години, со помошта на експертите и знаењето веќе користено за трансформација на монархиите на Персискиот Залив – а потоа територијата на Газа би им била вратена на Палестинците со конечен договор со кој би го признале Израел, би им се гарантирала безбедност и демилитаризација, односно, би им била дадена некаква надгледувана независност исто така од протекторатски тип, а можеби тоа би била сосема нова држава, која не е дел од Палестина, туку би се викала „Газа“, како што се мини-државите Бахреин или Кувајт.
зона на слободна трговија Газа-Ариш-Сдерот
Александрија – Газа – НЕОМ
Интересен е делот според кој истовремено со обновата на Газа се гради и брза пруга Александрија – Газа – НЕОМ (Саудиска Арабија) со тоа што првиот дел до 2035 година би бил оној меѓу Газа и НЕОМ, преку Израел, и можеби и би ја вклучувал и крстосница во Еилат во Израел. Идејата е да се забрза протокот на луѓе, стоки и услуги толку многу што сите ќе станат „граѓани на светот“, односно да се користат архитектурата, инфраструктурата и урбанистичкото планирање за целосно да се сменат перспективите и да се сменат перцепциите на жителите на тие региони – идната хипотетичка Газа и сосема извесниот НЕОМ (единствено е неизвесно колкав ќе биде овој последнниот, бидејќи „The Line“ или „Линија“ веќе „опасно“ се скрати).
Дека станува збор за сериозен проект, зборува и фактот што архитектонско-инженерско-градежната компанија AECOM (всушност конгломерат) веќе почна да бара експерти за водоводна инфраструктура во Трансјордан (Западниот брег, популарно) и Газа, по завршувањето на конфликтот, а истата компанија 2017 година, помогна да се изгради мастер план „Поврзана Газа“, кој предвидува цела низа проекти за модернизација на Газа, нејзините пристаништа, железници и патишта, откако Газа ќе биде „мирна и демилитаризирана“. АЕСОМ се занимава со „досадните инфраструктурни теми“ водовод, канализација и слично, но откако ќе се постави таа мрежа, стигнува мрежа од патишта и железници, а потоа доаѓаат големите архитектонски фирми кои градат светкави облакодери со футуристички дизајн.
Исто така, планот предвидува слободна трговска зона Газа-Сдерот-Ел-Ариш, која би го обединила целиот Појас Газа и египетското пристаниште Ел-Ариш (јужно од Газа), како и израелскиот град Сдерот (северно од Газа ). Значи, ова не е планот на ООН за итно отстранување на урнатите згради, над 37 милиони тони градежен отпад и шут и отстранување на неексплодирани бомби, што веќе се проценува на 50 милијарди долари, туку она што оди после: медитеранска melting-pot култура, пристаниште кое цвета, ултрамодерен хибриден град кој никнува од песокот. Целата оваа зона би била надгледувана од Египет, Израел и она што во планот се нарекува GRA или „Gaza Rehabilitation Authority“ („Управа за рехабилитација на Газа“), а оваа третото е замислен претходник на идната држава, која ќе добие самоуправа во 2035 година.
Се споменува и брза железница за патници и веднаш до неа бавна железница за товарен сообраќај од израелскиот брег (и Газа) преку Јордан и Ријад до Дубаи и другите градови на ОАЕ, а од другата страна, друга „оска“ во регионот се планира на релација Пристаниште Имам Хомеини (Иран) – Басра (Ирак), Багдад – Дамаск – Латакија (Сирија) која би била економска противтежа на политичките неистомисленици. Првата ја поддржува Урсула фон дер Лајен со цел ЕУ да се поврзе со Индија преку овој коридор, а втората Русија и Кина.
Проектот Газа 2035 би создал брза железница од 212 километри меѓу Газа и НЕОМ
Епилог
Само што овде нема градење без рушење. Овде идејата е целата област да се срамни со земја (имплицитно) за да се изгради нова, футуристичка Газа. Нема сомнеж дека визуелните решенија на новите облакодери на плажите на можеби идниот луксузен ресор со хотели во Газа ќе бидат спектакуларни, нема сомнеж дека мирот е подобар од војната и подобро е трговија и патување од бомби и екстремизам, но како да се изведе ова? И кој потоа ќе биде донесен да живее во тој футуристички „рај“? Истите оние кои го напуштија? Дали тие ќе бидат психолошки и идеолошки променети со едноставно влегување во hi-tech градот на иднината? Дали ќе бидат подготвени да живеат како Дубаи или Кувајт, како ништо да не се случило? Нема ли да има тажни, бесни и екстремизирани?
Планот Газа 2035, со сите критики дека станува збор за „суров и неоколонијален“ план (тука се ставени настрана огромните човечки жртви, но не и заборавени), предвидува „паметен град“. Но, не ги зема предвид човечките емоции.
Можеби премногу се верува дека новата архитектура и новиот урбанизам ќе создадат „Нов човек“, овој пат во Газа. Архитектурата ги менува луѓето, но дали може да направи толку многу?