Од 8 октомври 2024 (вторник), па се до крајот на месецот, Мала станица ќе биде сцена на ретроспективниот осврт на Златко Трајковски-Хинки, еден од најзначајните уметници кој почна да работи во првата половина на 80-тите години од минатиот век. Тој период е пресвртница во размислувањата за уметноста и за тоа како таа во иднина би изгледала во Македонија, период кога се работи на посмодернизмот и новите медиуми. Тој е еден од предводниците во македонската современа уметност кој видеото, инсталацијата и перформансот ги користи како медиум во уметничкото дејствување.
Златко Трајковски е визуелен уметник кој твореше во контекст на постмодернистичкото дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат сликарските, скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани форми на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти. Изложбата е пример за неговиот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната идеологија. Златко луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединците, како и односите меѓу поединците и колективите, поединците и институциите и меѓу самите институции. Хинки твореше во духот на сложени човечки, политички, религиски, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации испровоцирани од човечката состојба во кризни моменти. Изложбата ги посочува односите меѓу два важни модалитета на неговото дело: ликот на склопување на традиционалните и модерните материјали/медиумите и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталното и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за преиспитување на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност.
Оваа изложба е составена од повеќе тематски целини во различни медиуми – мултимедијално претставување, каде се застапени дела во конвенционални медиуми (цртеж, слика, колаж, графика…), видеоарт, музика и документирани перформанси, како и фотографии итн., чиј меѓусебен однос сочинува сложена инсталација и нивната поединечна анализа би била само општ опис на изложеното. Затоа оваа изложба треба да се гледа како претопување и присоединување на микронаративите што создаваат нова естетско-концептуална целина – макронаратив со заеднички именител. Така се создава нова уметничка ситуација во која се одразуваат одредени конкретни состојби врз основа на личните и интимните приказни, кои колку што се лични толку се и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот.
Оттука почнува идејната нишка за оваа изложба на Златко Трајковски, која постхумно се реализира. Таа одредува сопствена игра на чепкање по неговите доживувања, настани и сеќавања, па извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото, создава визуелна фрагментирана археологија на меморијата. Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината… градејќи нови сликовни и наративни претстави. Оваа изложба, всушност, претставува „ослободување“ на сидрото што го држи минатото и запловување кон иднината.
Златко Трајковски
Роден е во Скопје, во 1960, а почина во 2017 година. Беше уметник и музичар, добар познавач на современата музика, една од клучните личности на македонската авангарда во 80-тите години, човек кој остави голема трага во новите уметнички форми кај нас. Беше и еден од членовите на уметничката група ЗЕРО.
Студирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (во класата на професорите Димитар Малиданов и Димче Николов). Од 1986 г. започнува да се занимава со колажи, со кои најпрво изведува анимации во видеопроекти, а подоцна оваа техника ја користи самостојно, често внесувајќи ги тие сегменти во своите инсталации. Од 1987 година се занимава со видео: „Блискост“, 1987 (со А. Станкоски и Х. Попдучев); „Љубовна песна“ (со А. Станкоски); „Кокино“ (со А. Станкоски и Д. Абјаниќ), 1996; „Драма на прогонот“.
Во 1991 година, во Скопје, реализира шест перформанси: март, Културно-информативен центар: „За пролетта што нема да дојде“; јуни, Дом на младите „25 Мај“: „Во земјата Мордор“; јули, Куршумли ан: „Седиште на милосрдието“; октомври, Дом на младите „25 Мај“: „Ехолалија“; декември, настан во Даут-пашин амам. Во февруари 1995, МКЦ: „Ouch Puch“.
Позначајни изложби:
1998 – Дом на младите „25 Мај“, Скопје
1989 – Дом на младите „25 Мај“, Скопје, „Блискост“
1990 – Дом на младите „25 Мај“, Скопје (со И. Тошевски)
1993 – Галерија „Мијачки зографи“, Скопје, „Олтар“
1994 – Музеј на Град Скопје
2003 – Мигдал – музичко издание
2006 – Мала станица, Скопје, „Re4m“, перформанс.
Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски, отворањето е во 20 часот, а истата ќе биде поставена во Мала станица до 31 октомври 2024.