Насловна / Архитектура / Кулата Сена во Бразил му оддава почит на легендарниот Формула 1 возач

Кулата Сена во Бразил му оддава почит на легендарниот Формула 1 возач

Градот Balneario Kamboriu во Бразил се подготвува да испише историја со проектот за облакодер Сена (Senna), градба висока 509 метри која ќе стане највисоката зграда во земјата, како и највисоката станбена кула во светот.

Познат по својот драматична хоризонт на која доминираат високи згради, овој крајбрежен град во бразилската држава Санта Катарина е идеална локација за ваков амбициозен проект, кој ќе ја редефинира и локалната архитектура и глобалниот „пејзаж“ на облакодери.

Авторката на проектот за кулата Сена е бразилската уметница Лалали Сена, внука на легендарниот Формула 1 возач Аиртон Сена (1960-1994), која истакнува дека нејзиниот дизајн има за цел да му оддаде почит на „херојскиот пат“ на нејзиниот вујко, а кулата претставува симболичен пресек меѓу материјалниот и небесниот свет.

Оваа метафора станува видлива преку тенката, обложена со стакло форма на зградата, како и фасадата, која интегрира светлосни ленти кои се протегаат до врвот на кулата, проектирајќи се понатаму кон небото и на тој начин придонесуваат за иконичниот изглед на објектот.

Со оглед на тоа дека кулата е проектирана во чест на Аиртон Сена, една од најомилените спортски икони во Бразил, на подиумот ќе има обемен дел посветен на покојниот Формула 1 возач, со тркачка патека која служи како потсетник за неговото трајно наследство во автомобилизмот и бразилската култура.

Поместување на границите на дизајнот и иновациите

Кулата Сена е резултат на соработката помеѓу истакнатата градежна фирма FG Empreendimentos и брендот Сена, кој го продолжува наследството на Аиртон Сена.

Претставените рендери на облакодерот покажуваат елегантна и иновативна структура, со тераси кои носат базени и бујно уреден пејзаж.

Овој проект го истакнува спојот на две влијателни бразилски семејства, обединети со заедничка визија за поместување на границите на дизајнот и иновациите.

Кулата ќе нуди широк спектар на содржини кои ќе бидат распоредени на неколку нивоа. Јавните простори се планирани за приземје и ќе опфаќаат продавници, ресторани и објекти за забава.

На повисоките нивоа ќе има погодности како што се базен со топла вода, велнес центар, тениски терени и теретани.

Станарите ќе имаат пристап до подигнати „мансарди“, како и современи рекреативни простори, а на врвот ќе биде сместен видиковец со поглед од 360 степени на градот и крајбрежјето.

План да се постигне LEED Platinum сертификат

Како прва станбена супервисока зграда во Бразил – а и Латинска Америка – со Tuned Mass Damper систем, кулата Сена поставува преседан. Овој напреден систем го минимизира движењето предизвикано од налетите на ветерот, подобрувајќи ја стабилноста и удобноста, особено на повисоките катови.

Кулата Сена ќе тежнее да добие сертификат LEED Platinum, највисокиот стандард за одржливост кој го доделува Американскиот совет за зелена градба, кој, доколку се постигне, ќе ја направи првата супервисока зграда во светот што ќе го постигне ова ниво на одржливост.

Како што пишува Designboom, почетокот на изградбата на кулата е планиран за 2025 година.

Испрати коментар

Scroll To Top