Портретот, откриен во подрумот на една куќа на Капри, со децении висел во евтина рамка на ѕидот на трговец со отпад и користени работи, додека неговата сопруга го опишувала како „одвратен“ и целото семејство навивало да се ослободи од него.
Откако го нашол во 1962 година, Луиџи Ло Росо го зел платното и го однел дома во Помпеја, каде што го ставил во евтина рамка и го закачил во дневната соба каде што висела сликата во следните неколку децении.
Портретот, за кој сега се верува дека е искривен приказ на Дора Мар, француската фотографка и сликарка која била љубовница и муза на Пикасо, го има препознатливиот потпис на уметникот во горниот лев агол.
Ло Росо, меѓутоа, не знаел кој е тој. Дури многу подоцна неговиот син Андреа почнал да се распрашува откако ја проучувал уметничката енциклопедија што му ја подарила неговата тетка.
Семејството на крајот побарало помош од експерти, вклучувајќи го и познатиот детектив за уметност Маурицио Серачини. По сложена долгорочна истрага, графологот Шинција Алтиери потврдила дека потписот на сликата е навистина на Пикасо.
Денес сликата вреди околу шест милиони евра.
„Откако беа направени сите други тиспитувања, ми беше дадено да го проучам потписот. Работев на него со месеци, споредувајќи го со оние на други оригинали. Несомнено е дека потписот е негов. Нема докази дека е фалсификуван“, изјавила Алтиери за Гардијан.
Пикасо често го посетувал островот Капри, а се верува дека сликата е создадена помеѓу 1930 и 1936 година. Ло Росо починал, но неговиот син Андреа, кој сега има 60 години, си зацртал цел да го открие уметникот зад сликата.
„Татко ми е од Капри и собираше отпад и продаваше користени работи. Сликата ја нашол пред да се родам јас и немаше поим кој е Пикасо. Тој не беше премногу образован човек. Додека читав за делата на Пикасо, ја погледнав сликата и го споредив потписот. На татко ми упорно му кажував дека се слични, но тој не разбраше“, изјави Андреа Ло Росо.
Тој додава и дека имало моменти кога сликата за малку ќе завршела во ѓубре: „Мајка ми не сакаше да ја задржиме, постојано велеше дека е одвратна“.