Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје и Центарот за едукација, заштита на животната средина и природата „Биосфера“ од Битола на 26 јуни во хотелот Холидеј Ин сала „Милениум I“ во Скопје, во 10 часот, официјално ја промовираат и пуштаат во употреба единствената електронска платформа за граѓански организации, институции, медиуми и експерти – Екосфера.
Главна цел на еколошката платформа Екосфера е да им помогне на еколошките здруженија активно да учествуваат во консултативните процеси, адекватно да разменуваат информации со надлежните институции, медиуми и експерти, да развиваат партнерства и да соработуваат, да ги следат влијанијата врз животната средина и еколошките трендови на локално и национално ниво и да ја подобрат својата отчетност пред јавноста.
Говорници на настанот ќе бидат: Стево Темелковски, заменик Министер за животна средина и просторно планирање, Златко Самарџиев, национален координатор на ГЕФ Програмата за мали грантови – Македонија, Стојан Лешоски, проектен координатор во Еко-свест, Нешад Аземовски, претседател, Биосфера, Методија Саздов, претседател на Македонски зелен центар.
По промотивниот настан предвидена е работилница со наслов „Иднината на Екосфера“ наменета за сите заинтересирани страни.
Вкупниот буџет на проектот е 50.543,71 американски долари од кои 25.000 американски долари се обезбедени од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а останатите се учество на Еко-свест, Биосфера и приватни компании од Македонија.
Проектот е исто така подржан од Министерството за животна средина и просторно планирање како и од Министерството за информатичко општество и администрација.