Насловна / Архитектура / Скопскиот Дом на АРМ – репрезент на архитектурата на „домови“ низ Социјалистичка Југославија

Скопскиот Дом на АРМ – репрезент на архитектурата на „домови“ низ Социјалистичка Југославија

ДОМ, КУЌА

Зборот „дом“ влече корени од праиндоевропскиот јазик; подоцна негови варијанти се јавиле во старогрчкиот и во латинскиот, a потоа е прифатен во многу други јазици, задржувајќи се до денес. И секогаш, на кој и да е јазик, во секоја варијанта означувал куќа, живеалиште, огниште.

Сите кои потекнуваме од поранешните југословенски простори, и говориме на македонски, српско-хрватски (или во духот на некаква политичка коректност, некој би ги напишал неговите современи официјални варијанти: – српски, хрватски, босански или црногорски – заб. на авт.) или словенечки, зборот „дом“, освен на нашето семејно живеалиште, неизбежно нè асоцира на цела една плејада на општествени објекти градени во социјализмот, а во духот на модерната архитектура. Веројатно не бадијала, за сите тие видови на јавни објекти, се користел терминот ДОМ.

Па сме имале домови на културата, домови на армијата, домови на синдикатите, младински домови, пионерски домови, работнички домови, планинарски домови итн… Дури и во најмалите населени места, имало некаков дом – објект од јавен интерес. Не дека и претходно терминот „дом“ не се користел за слични јавни објекти, но асоцијацијата неизбежно се врзува со периодот по Втората светска војна, веројатно поради тогашната експанзија на градењето на такви објекти.

Домовите од тоа време се резултат на целокупните општествени околности: политичкото и системско уредување, прокламираните идеи на социјализмот, а важна околност е и позицијата во таквиот систем на работничката класа која ги градела и најмногу ги користела. Биле одраз и на времето во кое биле градени, следејќи ги актуелните светски архитектонски парадигми. Оттука е и доминацијата на поствоениот (по Втората светска војна) модернизам во чиј дух биле градени репрезентативни јавни објекти, болници, училишта, административни згради, како и цели станбени населби – а соодветно на нив секако дека и урбанистичкото планирање го следело таквиот правец.

 

Социјалистичка Југославија е можеби единствена во обидите да изгради сопствен архитектонски стил, кој од една страна ќе направи разлика од останатите земји во комунистичкиот блок, а од друга страна ќе ги вгради актуелните светски трендови во тоа време, во прв план секако модернизмот, и на тој начин ќе ја обедини актуелната светска естетика со идеолошките принципи на кои почива социјализмот. Можеби и затоа се смета дека југословенскиот модернизам е еден од најхуманистичките и најантрополошките; правец кој е најмногу доближен до човекот, оној обичниот, работникот, кој бил центар на тогашниот систем, не капиталот.

Како и да е, домовите, кое име и да го носеле, биле јадро на општествениот и на културниот живот на заедницата во која се наоѓале. И најголемиот дел од нив, барем физички, сè уште постојат, иако се некаде на маргините на денешното општество. Промената на политичкиот контекст по распадот на Југославија неминовно резултирала со занемарување на овие објекти кои во суштина почивале на идеите на социјализмот. Низ поранешната држава, мал дел од овие објекти се срушени; повеќето се во тажна состојба и во сопственост на некоја институција или установа која е некаков правен наследник на некоја друга од поранешниот систем, а на која најчесто не ѝ е многу гајле за таму некој си дом – па го користи за разни административни или за други потреби, ако воопшто и го користи. Мал дел се физички обновени и се во одлична или пристојна состојба, но тоа е направено само поради пренамена на објектот, без разлика дали е полициска станица или приватен ресторан и без разлика во чии раце и да е сега.

Заедничко за сите нив, е што веројатно ниту еден, каде и да се наоѓа во поранешна Југославија, ја нема функцијата или значењето кое го имале некогаш, а уште помалку неговиот дух, едноставно опишан со еден збор: ДОМ. Во веќе ретките случаи кога не само физичката состојба, туку и изворната функција на некој дом е сочувана, сепак таа не е целосно адаптирана на променетиот општествено-политички контекст. Затоа и во таквите случаи овие простори не се користат целосно во склад со потребите на локалните заедници. Како вредно материјално наследство од претходен систем, во кој односот на просторот и заедницата се темелел на тоа што заедницата директно учествувала во градењето на објектот, а подоцна нејзини локални членови директно учествувале и во креирањето на програмата и активностите внатре во домовите, ваквите објекти несомнено го имале оправдано доделувањето на терминот дом, кој е прв синоним за семејното живеалиште.

ДОМОВИТЕ НА ВОЈСКАТА

Домовите на војската градени по Втората светска војна се секако своевиден наследник на офицерските домови градени претходно. Разликата е сигурно во начинот на користење, нивото на достапност до обичниот, цивилен народ, и секако, нивната архитектура. Ако офицерските домови од Кралството Југославија, градени во периодот помеѓу двете светски војни, се обично некој микс од неовизантиски, неокласични, еклектистички и историцистички стилови, особено оние изградени во 30-тите, веќе во првата деценија-две по Втората светска војна, новите домови на ЈНА градени во новата Југославија, силно го преземаат тој југословенски модернизам како водилка во нивниот израз.

Со оглед на тоа дека нив ги градела Југословенската народна армија, тие разбирливо биле сместувани на одлични локации, најчесто во најстрогите градски центри. Во суштина претставувале објекти од културата, но во сопственост на ЈНА. Освен за воените лица, тие биле отворени за користење и за останатата јавност. Во нив се одржувале приредби и манифестации од различна природа, објектите често располагале со неколку простории за поголеми собири, а оние во поголемите градови, проектирани за повеќе корисници, неретко вклучувале и цели гледалишта, аудиториуми, кина, амфитеатри.

Можеле да содржат и простории наменети за различни активности од угостителски, театарски, културен, ликовен, музички, па и од спортски карактер, од типот на простории за пинг-понг, куглање и слично. Интересно е тоа што во некои населени места едноставно не се успеало да се изгради Дом на културата, па доколку постоеле, домовите на ЈНА неизбежно ја преземале главната улога во таквите средини, најчесто помали, како главни центри, единствени објекти од јавен карактер кои во себе обединувале различни намени од културно-забавен карактер.

ДОМОТ НА АРМ ВО СКОПЈЕ

Непосредниот однос помеѓу корисниците и објектите за кој пишував погоре, треба да се рехабилитира или во спротивно ќе гледаме сеништа од објекти. За некое чудо, Домот на АРМ во Скопје не може да се каже дека е сениште. Барем не сѐ уште, иако присутен е впечатокот дека е тргнат во таа насока, барем судејќи според неговата надворешност.

Локациски иако е во строгиот центар на градот, на ударна локација во Малиот ринг, пешачки пристапен преку главниот влез од ул. „Македонија“, но и од страната на Собранието, веќе е наголемо маргинализиран. Најпрво секако физички, сокриен е зад недовршената црква „Св. Константин и Елена“ и Спомен-куќата на Мајка Тереза, има неодржуван партер и пристапни патеки, а потоа маргинализирањето е врзано за таа тешкотија, ваквите објекти градени во социјализмот, да се адаптираат на денешниот капиталистички контекст.

Изграден е во 1972 година, како тогашен Дом на Југословенската народна армија. Проектот е дело на архитектите Горица Мандичева и Милка Мицевска. Tиполошки спаѓа во објекти со разгранети основи, има прилично сложена комбинаторика на полигони и кубуси, но во манирот на врвните модернистички мајстори, двете архитектки умешно успеале да воведат ред во инаку мошне развиената основа.

Главниот влез на објектот е ориентиран кон северозапад, односно кон улица „Македонија“, при што природно, оваа фасада на објектот е паралелна со неа. Но, извршено е значително повлекување во однос на улицата, формирајќи на тој начин своевиден плоштад, јавен отворен простор, при што е посветено големо внимание и при проектирањето на партерното уредување. Ова е видливо преку грижлив избор на павер-плочите и колоритното решение за нив, внимателно проектираните платформи и позиции за клупи и нивно дизајнирано обликување, како и позициите на ниското зеленило и тогаш тазе засадените високи дрвја.

Фокална точка на овој плоштад е Феудалната (бегова) кула која датира од XVII век, при што објектот на Домот во основа ја „прегрнува“ кулата од двете страни, а е овозможен и пешачки пристап до неа од првиот кат, преку своевиден мост. Ваквиот плоштад сега е просторно компромитиран со позиционирањето на црквата „Св. Константин и Елена“ и на Спомен-куќата на Мајка Тереза.

На другата страна отпечатокот на Собранието, следејќи го кракот на улицата „Даме Груев“, на некој начин „навлегувал“ под околу 45 степени во природниот отпечаток на локацијата на Домот, и наместо проектантите да го засечат проектното решение со коса линија, се решиле во основа скалесто да се повлекуваат, со што ги избегнале косите линии. На овој начин искажана е максимална почит кон затекнатиот контекст и на оваа страна на локацијата, особено кон објектот на Собранието, при што, ваквото скалесто повлекување визуелно придонесува за негово зголемување, а Домот на АРМ само се става во функција на надополнување на силуетата на улицата „11 Октомври“ – не му е поентата да доминира тука. Овој скалест израз во поблага форма е повторен и на североисточниот дел кон станбените згради.

Белата боја користена за фасадата, атриумскиот простор, отворените скали, впечатливата архитектонска пластика и големите стаклени отвори го прават Домот значителен симбол на модернизмот во главниот град. Мандичева и Мицевска при самото проектирање на објектот, плански во холот предвиделе ѕид кој носи големо уметничко дело. Станува збор за делото „Раѓањето на езерото“ од великанот, сликарот Петар Лубарда, кое се наоѓа во холот на Домот, пред влезот во концертната/филмска сала. Се работи за голема композиција (5 на 6,7 метри) составена од 48 сликани панели. Во објектот можат да се видат и дела на сликарот Владимир Георгиевски и на други наши автори, што говорат за своевремено неговата силна позиција во културниот живот на градот.

Објектот има фино проектирана концертна сала со капацитет од околу 500 гледачи, каде со години „домаќин“ беше Македонската филхармонија пред да добие свој објект. Освен салата, Домот вклучува и богата библиотека со читална, ресторан со пропратни простории, а низ различни периоди корисници на простории во Домот биле различни друштва, чии членови во Домот цртале, пееле, свиреле, танцувале, куглале итн. И ден-денес Домот го користат разни групи за најразлични потреби, иако го има изгубено некогашниот сјај. Губењето на сјајот на ваквите архитектонски бисери од југословенскиот модернизам насекаде низ државата е правило со сите непрофитабилни објекти во нејзина сопственост. Исклучоците, ако ги има такви, служат само за да го потврдат ова правило.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top