Неделата на дизајнот во Париз, која траеше од 5. до 14. септември завземаше повеќе од 400 локации во „градот на светлината“, секојдневно изненадувајќи со изложби, инсталации и возбудливи новитети од светот на дизајнот. Со отворањето на неделата на дизајнот во Париз, беа поставени импресивни изложби на отворено, а за оваа пригода дизајнерите беа поканети да ги преземат дворовите и градините на некои од најважните светски споменици, со цел да се создаде дијалог помеѓу класичната архитектура и современиот дизајн. Секако, кога е тоа во Париз, мора да изгледа причично импресивно.
Еве неколку изложби на отворено кои можеа да се видат во Париз.
Paul Cocksedge во Hôtel de Sully
Секоја година, Paris Design Week ги поканува дизајнерите да создадат уникатна инсталација користејќи го ренесансниот амбиент на Hôtel de Sully. Оваа година, дизајнерот Paul Cocksedge од Лондон, познат по своите спектакуларни инсталации и креативна употреба на материјали, ги трансформираше Оrangerie и градината на историски приватна вила.
Неговата инсталација си поигруваше со концептот на рефлексија, користејќи големи балони врамени на начин што создава оптичка илузија помеѓу рамнина и тродимензионален простор. Изложените огледала ја одразуваа архитектурата, небото, градините и посетителите, правејќи ги составен дел од доживувањето. Cocksedge имал за цел да предизвика чувство на разиграност, охрабрувајќи ги луѓето да уживаат во моментот и да се поврзат едни со други.
Studio Uchronia во Hôtel de la Marine
Во главниот двор на парискиот хотел, студиото Uchronia изложи грандиозен кревет со балдахин како ода на историскиот Hôtel de la Marine, поранешен кралски магацин за мебел на Place de la Concorde. Поставен високо како акропол на керамичка платформа, ја трансформира инсталацијата во јавен плоштад, поканувајќи ги посетителите да седнат.
На врвот на своето постоље, свечениот кревет беше украсен со раскошна комбинација на завеси и перници. Додека драпериата ја поттикнува удобноста на спалната соба, сјајот на плочките потсетува на декорот на историските бањи. Внимателно избраната керамика создава фасцинантна игра на светлина, истакнувајќи го материјалот и деталите на креветот.
Pierre Renart во Hôtel de la Marine
Столарот Pierre Renart прикажа оригинално дело, исто така во раскошната градина на Hôtel de la Marine, и тоа во соработка со галеријата Maison Parisienne. Инспириран од темата патување, тој го презеде дворот на старите мајстори и неговата архитектура од 18. век со делото наречено Escale.
Делото беше лежалка изработена од шармантни дрвени летви. Посетителите кои легнуваа во неа имаа поглед на величествениот стаклен покрив во облик на дијамант, кој го изградил Hugh Dutton при реновирањето на зградата.
Eau Fraîche во Hôtel de Soubise
Во градината на историскиот Hôtel de Soubise од 18. век, осамна оригинална, поетска мултисензорна инсталација на дизајнерот Lucas Huillet и парфимерот Alexandre Helwani. Eau Fraîche е керамичка фонтана со вода со прекрасен мирис дизајнирана според нивната визија.
Некаде помеѓу дизајнот, уметноста и парфимеријата, Eau Fraîche ги носеше посетителите на извонредно олфакторно искуство. Мирисните капки, собрани во емајлирани садови, потсетуваа на потребата повторно да го осмислиме нашиот секојдневен живот во услови на климатски предизвици.