Прекрасните оризови полиња во Кина покриваат илјадници километри планини и долини. Терасовидните полиња ориз почнале да се градат пред 1.300 години и опстанале до денес.
Можат да се видат илјадници степенасти тераси кои се спуштаат по планините, од кои секоја е мало оризово поле.
Во Кина може да се види и пејзажна уметност создадена на оризовите полиња низ целата земја, како што е онаа што привлекува голем број туристи во предградијата на Шангај, најголемиот финансиски центар во Народна Република Кина.
На оризово поле од 2,8 хектари плански се засадени фиданки ориз за да се создадат огромни слики кои се гледаат од далечина. Од слики на овошје и кошаркарски терен до млазни авиони и возови, уметниците ги користат оризовите полиња како платна за да ги воодушеват посетителите од цела Кина.
Исто така и во кинеската провинција Хебеи секоја година, уметноста на оризови полиња напредува. Областа на цртежот се шири, бидејќи земјоделците ја усовршуваат работата со сорти ориз во различни бои.
Секоја пролет тие почнуваат да создаваат слики на оризовите полиња користејќи ги зелените, жолтите, белите и виолетовите нијанси на растенијата и редовно ги обновуваат.
Како што созрева оризот, нијансите на дизајнот се менуваат.
Интересно е и во градот Шенјан, каде поле со ориз е претворено во џиновско „платно“ со површина поголема од 80 фудбалски игралишта. На него се „насликани“ 13 слики.
Во североисточната кинеска провинција Лиаонинг, кинеските фармери создале огромни 3Д слики на нивните ниви. На површина од 10 хектари има 13 слики. Овој спектакуларен проект го испланирале, користејќи напредна технологија, со засадување на различни сорти ориз кои се разликуваат по висина и боја. Пејзажот е дизајниран со користење на најмалку четири видови ориз, од светло жолта боја до виолетова. Ова им овозможува да создаваат неверојатно 3Д слики со традиционални митолошки теми, цртани ликови, историски личности, животни и кинески божества. Овие 3Д слики се дел од уникатен парк во Шенјан. Неконвенционален забавен парк, кој се простира на вкупно 25 хектари.