Насловна / Арт и дизајн / Вештачката интелигенција дизајнирала кауч од 10 килограми што го собира во плик

Вештачката интелигенција дизајнирала кауч од 10 килограми што го собира во плик

Каучот е најудобното место во повеќето домови и најнепријатното парче мебел кога треба да влезе во вашата дневна соба. Тие се обично тешки, гломазни и бараат неколку луѓе да ги внесат во домот.

А што ако каучот може да се склопи, да се вклопи во голем плик и да го носи едно лице?

Прототип на таков кауч е проектиран со помош на вештачка интелигенција (ВИ), а благодарение на соработката на Space10, независна истражувачка и дизајнерска лабораторија од Копенхаген, и Panter&Tourron, швајцарска дизајнерска фирма.

Дизајнот наликува на клупа, со прилагодливи крила и тенки перничиња. Може да се спакува во голема торба во форма на плик и тежи само 10 килограми, пренесува Fast Company.

Идејата се јавила уште во 2019 година. Space10, кој вообичаено работи со Икеа, бил заинтересиран да најде иновативни начини за производство на мебел.

Проектот оригинално е замислен како истражување на потенцијалот за користење на алатки за дигитално производство, како што се роботите за креирање лесен и склоплив мебел. Пандемијата го ставила проектот во мирување, но потоа Space10 го вратил проектот во живот, со дополнителни  алатки кои биле на располагање – генеративна вештачка интелигенција.

По стотици и стотици повторувања, вештачката интелигенција од оригами сепареа, преку пар лежалки, дошла до школка со перници.

Џорџина Мекдоналд од Space 10 вели дека клучниот момент во фазата на дизајнирање бил внесувањето на терминот „conversation pit“ во ВИ известувањето, што довело до конечниот дизајн.

„Вештачката интелигенција не може да ви каже дали каучот ќе биде удобен, безбеден или дали ткаенината е доволно мека“, вели Мекдоналд, додавајќи дека идеите создадени од вештачката интелигенција се само почетна точка за дизајнерите.

Финалниот дизајн беше претворен во прототип, кој беше изложен на Фестивалот на архитектура во Копенхаген. Мекдоналд додава дека каучот нема веднаш да се појави во продавниците на Икеа, но подготвена е да ги слушне коментарите на луѓето за дизајнот. Целта на проектот е да се поттикнат дизајнерите да користат вештачка интелигенција како соработник.

„Ја имаме оваа моќна алатка наречена генеративна вештачка интелигенција, повеќе не мора да се држиме до одредени архитипови. Мислам дека каучот беше добар почеток“, заклучува.

Испрати коментар

Scroll To Top