Насловна / Архитектура / El Rincón House во Сантјаго де Чиле како гранитна скулптура

El Rincón House во Сантјаго де Чиле како гранитна скулптура

Куќата El Rincón House во Сантјаго де Чиле има волумен над терен кој е ротиран во однос на улицата, свртен кон север за да го бара сонцето и далечните погледи на планинскиот венец Анди. Овој волумен, составен од бетонска призма, наликува на гранитна скулптура. Преку игра со волуменот, полно и празно, сместени се просторите за живеење. За да се нагласи овој процес на вајање, некои ѕидови се оставени полирани, а други текстурирани.

За да се внесе топлина во просторите, проектантите од бирото Juan Carlos Sabbagh Arquitectos одлучиле да додадат трета текстура што се состои од дрвени рамнини кои покриваат некои внатрешни страни, како и решетки кои создаваат светлосни филтри и го контролираат влегувањето на сончевата светлина во внатрешноста.

Теренот е во пад од север кон југ, каде што се пристапува од улицата, а во долниот дел се наоѓа хоризонтална платформа која порано била тениско игралиште. Ова место било најпогодно и најдостапно за лоцирање на куќата, но ја оставило во малку затрупана во однос на градината и далечните погледи на север. Затоа архитектите одлучиле сите главни простори да имаат двојна височина за да се спротивстави на оваа состојба и, исто така, да фатат максимално количество светлина и, во исто време, да може да се гледаат два големи постоечки американски дабови во нивната целосна димензија, пишува ArchDaily.

Програмата на куќата зададена од инвеститорот била доста обемна, бидејќи семејството е големо и потребни биле повеќенаменски простори, како што се работни соби, уметничка работилница и теретана. Затоа куќата е решена така што се концентрира на три нивоа со цел да се усогласат различните намени во најмал можен простор.

Во главниот простор на дневната соба и трпезаријата проектирана е тераса кон главната градина со иста двојна висина како и внатрешните простори. Ова овозможува проширување на просторите, создавајќи континуитет помеѓу ентериерот и екстериерот. Оваа тераса е заштитена од сонце преку дрвена решетка на второто ниво што се протега по целата нејзина должина.

Оваа автоматизирана решетка овозможува постепена контрола на влегувањето на светлината и топлината во куќата. Во комбинација со тенди кои се извлекуваат скриени во меѓукатна греда, просторот може да биде целосно затворен за да се користи во студените зимски денови.

Испрати коментар

Scroll To Top