Обилните дождови во Париз го влошија квалитетот на водата во реката и покрај тоа што за нејзиното чистење беа потрошени милијарда и пол долари.
Франција инвестираше милијарда и четиристотини милиони евра за да се погрижи водата во реката Сена да биде квалитетна за Олимписките игри во Париз.
Сепак, натпреварувањето во триатлон за мажи беше одложено бидејќи водата во Сена се уште е премногу загадена.
Обилните дождови што во петокот и саботата паѓаа во Париз го влошија квалитетот на водата, чии најнови анализи покажуваат „вредности забележани на одредени места на пливачката патека дури и повисоки од прифатливите граници“, соопшти Светскиот триатлон и организационен комитет.
Организаторите се надеваат дека подоброто време, прекинот на дождот и сонцето, би можело да го подобри „квалитетот на водата во Сена“ и дека натпреварите во триатлон за мажи и жени може да се одржат до петок.
Три месеци пред почетокот на Олимпијадата, францускиот претседател Емануел Макрон вети дека водата во Сена ќе биде чиста и безбедна за натпреварувањето. Пред тоа Макрон најави дека ќе се капе во реката.
Наместо него, тоа го направи градоначалничката на Париз, Ан Идалго, која го одржа ветувањето и се капеше во Сена само девет дена пред почетокот на Олимписките игри.
Облечена во костум за нуркање, Идалго се нурна во реката во близина на Градското собрание, нејзината канцеларија и катедралата Нотр Дам.
„Ова е среќа. Сонувавме за ова со години, работевме многу, многу напорно, водата е многу добра, малку студена, но не толку“, рече таа и додаде дека реката е доволно чиста за натпреварување и пливање за време на Олимписките игри.
Инаку, пливањето во Сена е забрането поради лошиот квалитет на водата, а очигледно водата се уште не е безбедна и покрај тоа што за нејзино чистење се вложени милијарда и пол долари.