Насловна / Арт и дизајн / Денес во Охрид ретроспективна изложба по повод стогодишнината од раѓањето на Вангел Наумоски

Денес во Охрид ретроспективна изложба по повод стогодишнината од раѓањето на Вангел Наумоски

Со ретроспективна изложба и пригодна програма во рамки на чествувањата по повод празникот Илинден, ќе биде одбележана стогодишнината од раѓањето на охридскиот и македонскиот уметник Вангел Наумоски, како и 70 години од неговата прва самостојна изложба.

Изложбата ќе биде отворена вечерва на полноќ во домот/галерија на Вангел Наумовски „Охридска порта – Љубица“.

„Причината за изложата е потребата да ги манифестираме, да ги презентираме културата, уметничките вредности со кои располага градот и државата. Главниот повод е 100 годишнината од раѓањето на Вангел и 70 години од неговата прва самостојна изложба која се случува исто на 2-ри август. По тој повод се направија некои манифестации, но за мене централната манифестација е оваа изложба што ќе се одржи во неговата галерија и ќе биде едно возобновување после многу години. Од 1987 година кога првпат ја отворивме галеријата почнавме секоја година на овој ден, 2-ри август, да имаме покрај изложбата и целокупна програма. Годинава бидејќи е стогодишнина правиме една ретроспектива на неговите дела во која посетителите ќе имаат претстава за неговиот ликовен израз, неговата идеолошка поставеност, емотивна и инспиративна, рече на вчерашната прес-конференција Рубенс Наумовски, синот на охридскиот уметник.

Потенцираше дека низ годините овде поминале плејада уметници, артисти, академици, филозофи кои ја збогатувале програмата и била реализирана програма уметност во уметност.

„По традиција изложбата се одржува на 2-ри август кога била и првата изложба на Вангел во 1954 година и почнуваме со Илинденските камбани. По кои следува рециталот ‘Да се биде Македонец’ на актерот Петар Темелковски. Потоа предвидено е обраќање на академик Јордан Плевнеш која ќе ја презентира неговата творба ‘Песна за бесмртниот Вангел’. Пригодна реч предвидено е да има градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, по што ќе следува презентација на тродимензионалната поставка ‘Универзумот на Вангел Наумоски’ на уметникот Трајко Митрески. Вангел секаде околу него наоѓал инспирација, а во случајот имаме инспирација уметник за уметник. На настанот збогатен со музичка програма ќе бидат презентирани и инсерти од документарен филм и архивски снимки со уметникот Вангел Наумовски“, додаде Наумовски.

Се осврна на бројните изложби ширум светот на кои има со свои дела учествувано Вангел Наумовски, но и на бројните позитивни критики.

„Покрај нашите ликовни критичари, во цел свет многу видни критичари дале ликовна критика меѓу кои и Жан Мари Дот кој ќе рече: ‘Него не би можеле да го вклучиме во наивната уметност, туку пред се во уметноста со почетна голема буква. Наумовски се раѓа со еден гение, без да биде предвиден во оваа организација на светот. По пет, шест или повеќе години, организаторите на општеството пак ќе се потрудат се да предвидат, но и тогаш ќе се роди Наумовски кој ќе им се смее на сите предвидувања’. Не само што вели дека е еден од за него тројцата најголеми уметници кои влегле најдалеку, најдлабоко во уметноста, туку посочува дека Вангел бил толку визионер, толку напред, што ги изненадил сите големи предвидувачи, креатори на денешницата во сите сфери, дури и во ликовната критика и до ден денес е загатка“, потенцираше Наумовски.

Манифестацијата годинава е поддржана од Општина Охрид, што, како што истакна Наумовски е голем придонес за реализацијата на истата според однапред поставените критериуми.

Извор: https://www.ohridnews.com/

Испрати коментар

Scroll To Top