Во пресрет на најголемиот национален празник 2. aвгуст, кога одбележуваме 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, темелникот на македонската државност, во Музејот на македонската борба за самостојност во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН, денес, 31 јули 2024 година со почеток во 19.30 часот ќе се отвори изложбата, „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“.
Изложбата содржи селекција од 24 скици и цртежи, изработени од авторот Борко Лазески кои послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, коишто досега не се изложувани.
Делото е создадено во 1950 година и изложено на Есенскиот салон на Друштвото на македонски ликовни уметници, а истата година е поставено во Домот на ЈНА. Зградата на домот беше разурната во земјотресот од 1963 година, а фреската Илинден 1903 уништена. По неколку обиди да се обнови, конечно во 1991 година, Борко Лазески ја реизведува фреската Илинден 1903 според оригиналните шеми, во Хотелот Монтана во Крушево каде се наоѓа и денес.
На отворањето ќе се обратат Зоран Љутков, министер за култура и туризам; проф. д-р Далибор Јовановски од Филозофскиот факултет; Анче Илиевска, в.д. директор на музејот, м-р Бојан Трпевски, водич во музејот и Марија Коробар од Асоцијацијата ИКОН, автор на изложбата.
Изложбата се органзира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје. Автор е Марија Коробар, а во реализацијата на изложбата учествуваат Василија Чали, Елизабета Марковска, Габриела Постолова Бошкова, Ана Китановиќ и Даниела Митевска.
Музејот на македонската борба за самостојност изразува голема благодарност до Росица Лазеска за укажаната доверба и до Хотелот Монтана од Крушево за поддршката во реализацијата.