Насловна / Вести / Инфрастуктурата во САД е занемарувана со децении наназад

Инфрастуктурата во САД е занемарувана со децении наназад

Има еден збор којшто може речиси веднаш да ги разлути сите Американци, без оглед на нивната политичка склоност, а тоа е – инфраструктура.

Инфрастуктурата во САД е занемарувана со децении наназад, со застарени патишта и мостови и со не многу ефикасен јавен превоз и железница. Постоечките системи се проектирани за клима во која се уживало пред 50, 75, па дури и 100 години, така што во услови на климатски промени, ситуацијата дополнително се влошува. Голем дел од тие системи брзо стареат, а со тоа стануваат опасни за населението и за економијата.

Во редовен извештај од 2021 година, Американското здружение на градежни инженери (ASCE), на инфраструктурата ѝ даде „C-“ од „D+“ во 2017-та – највисока оценка за државата во последните дваесет години. Сепак, групата процени „инвестициски јаз во инфраструктурата“ од речиси 2,6 трилиони долари за оваа деценија, што, доколку не се реши, до 2039 година државата би можело да ја чини 10 трилиони долари во изгубен бруто-домашен производ (БДП). Истовремено, Светскиот економски форум во однос на севкупниот квалитет на инфраструктурата, САД ги рангира на 13-то место.

Колку е запоставена американската инфраструктура?

Oд 1960-те години, наваму, кога всушност биле дизајнирани повеќето од главните инфраструктурни системи во САД, популацијата во земјата е речиси двојно зголемена, а јавните инвестиции во оваа сфера како дел од БДП се намалени за преку 40 проценти.

Според владини податоци, околу 43.000 мостови низ кои дневно поминуваат околу 167 милиони возила, се во лоша состојба. Овие мостови во просек се стари по 70 години.

Како еден од најновите докази за алармантноста на ситуацијата е уривањето на мостот Френсис Скот Ки (Francis Scott Key) во Балтимор, Мериленд во март годинава, откако во него удри товарен брод, при што загинаа шест лица. Мостот со четири ленти, долг 2,57 километри, бил комплетиран во 1977 година. Според најновите проценки, за негова обнова којашто би требало да заврши за околу четири години, ќе бидат потребни меѓу 1,7 и 1,9 милијарди долари.

Друг од многуте примери е уривањето на Меѓудржавниот мост 35 (Interstate 35W) над реката Мисисипи, во Минеаполис во 2007 година, при што загинаа 13 лица, а 145 други беа повредени. Според една анализа, економијата на Минесота во периодот 2007 – 2008 година загубила 60 милиони долари заради зголеменото време за патување и оперативните трошоци за патниците и бизнисите.

Водоводниот систем е друг аспект. Милиони луѓе во САД сè уште се снабдуваат со вода од оловни цевки, иако е познато дека изложеноста на олово има неповратни здравствени последици. Како пример е градот Флинт, во Сојузната Држава Мичиген, кога во 2015 беше прогласена вонредна состојба бидејќи беа пронајдени токсични нивоа на олово во водата за пиење.

Според извештај на Федералната комисија за комуникации, 19 милиони Американци немаат пристап до фиксен широкопојасен пристап до интернет, а 14,5 милиони луѓе во руралните области немаат никаков пристап. Брзиот интернет е витално средство за целосен пристап до образованието, вработувањето и до безброј основни услуги за жителите.

Патиштата не се најбезбедни. Иако овде се вклучени и други фактори, како менталното здравје или употреба на наркотици, сепак, само во последната деценија (2011-2020), во сообраќајни незгоди во САД загинале преку 370.000 лица. Главните магистрални патишта се изградени во 50-тите години и во тоа време важеле за модерен и ефикасен систем којшто ги задоволил потребите на растечкото население и на економијата, како и на националната безбедност. Меѓутоа, тој систем бил предвиден да трае до 1970-тите. Недоволното финансирање со децении наназад придонело до заостанување на работата на патиштата и мостовите.

САД се единствени меѓу големите индустријализирани земји во неуспехот да изградат значителни брзи железнички мрежи во своите најгусти коридори, така што преполните аеродроми и автопатишта остануваат како единствена алтернатива. Бројот на жители во поголемите градски подрачја секоја деценија се зголемува за стотици илјади и овие луѓе очекувано мора да ја користат постоечката транспортна инфраструктура. Бидејќи изградбата на нови современи автопатишта е речиси невозможна, на САД итно им се потребни големи транзитни системи кои можат брзо и ефикасно да опслужуваат стотици илјади возачи дневно.

Секоја климатска катастрофа во САД носи загуби коишто надминуваат по една милијарда долари, што е нов рекорд. Ниту едно лице или место не е имуно на овие ризици коишто со стареењето на инфраструктурата само се зголемуваат. Како што објаснува една студија – ако едно општество има ослабена инфраструктура, тоа е како човечко тело со компромитиран имунолошки систем, нема да може да издржи поголема траума.

Потреба од итна ревитализација

Несомнено е дека за да опстане, американската економија се потпира на огромна инфраструктурна мрежа. Конечно, по бројни студии и долгогодишни ветувања, во 2021 година ревитализацијата на инфраструктурата на САД почна да се третира како приоритет на националната безбедност. Мошне малку идеи имаа толкава двопартиска привлечност и економски потенцијал, и особено по економскиот шок како резултат на КОВИД-19, претседателот Џозеф Бајден претстави сеопфатен план за ремонт на инфраструктурата на државата. Во ноември истата година, Конгресот го одобри Законот за инфраструктура, што ја означува најголемата федерална инвестиција во оваа сфера во последните неколку децении. На чекорот се гледа како на визија за иднина, која е истовремено економски конкурентна, социјално правична и еколошки здрава.

Законот за инфраструктурни инвестиции и работни места (IIJA) вклучува 500 милијарди долари за површински транспортни системи, 73 милијарди за ажурирање на електричната мрежа, 55 милијарди за подобрување на квалитетот на водата низ целата земја и 50 милијарди долари за поддршка на отпорноста на општините заради климатските промени, кибернетските напади и други закани.

Од стапувањето на сила до денес, со законот се финансирани преку 40.000 проекти во 4.500 подрачја низ САД, од кои, 7.800 се проекти за мостови. Освен надградбата на физичката инфраструктура, мерката инвестира и десетици милијарди за модернизација на електричната мрежа, поттик за поголем интерес за електрични возила и проширување на пристапот до широкопојасен интернет. Според анализата на институтот Брукингс, легислативата се очекува да отвори 1,5 милиони работни места годишно. IIJA не е единствениот неодамнешен чекор насочен кон подобрување на американската инфраструктура. Законот за намалување на инфлацијата, усвоен од Конгресот во август 2022 година, вклучува преку 150 милијарди долари помош. Најголем дел од средствата се насочени кон проекти за транспорт и чиста енергија за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Според Белата куќа, САД со децении извезуваат работни места и увезуваат производи, додека другите земји во светот ги надминаа во критичните сектори како инфраструктурата, чистата енергија, полуспроводниците и биотехнологијата. Иако се чини дека и покрај напорите, претседателот Бајден не го добива потребниот политички стимул за испорачаната инфраструктурна легислатива, неговата агенда за инвестирање во Америка поттикна преку 866 милијарди долари во производството на приватниот сектор, а Владата неодамна објави и веб-страница со најнови информации за тековните проекти во сите 50 сојузни држави, територии и во главниот град Вашингтон.

(https://www.whitehouse.gov/invest/?utm_source=invest.gov)

За очекуваните попатни проблеми при реализација на проектите, најчестото објаснување е дека е потребно време да се видат резултатите од вакви големи потфати. Има и доцнења од бирократски причини или канализирање на овластените федерални средства до локалните власти. Згора на сè, инфлацијата, особено по пандемијата, зема значителен замав и градежниот сектор беше, и сè уште е, една од жртвите.

Стратешката важност на инфраструктурата во САД не е нешто ново, туку во последниве години таа порасна поради климатските промени, иновациите и глобалната конкуретност.

Кога станува збор за трка за престиж, САД се натпреваруваат за многу повеќе од вниманието на светските компании. Инфраструктурата ќе влијае на тоа дали Америка ги обучува и привлекува најинтелигентните умови, дали ќе остане водечки центар за иновации и дали американските работници и компании имаат цврста основа за извоз на нивните стоки и услуги на странските пазари.

Одржувањето на функционална инфраструктура за следната генерација е од клучно значење за одржување на функционирањето на нацијата. Пред САД се две алтернативи – првата е ревитализација на инфраструктурата, и тоа не како еднократна инвестиција. Тоа ќе води кон обнова, просперитет и безбедност. Втората е продолжување на курсот на инерција и расчистување и санирање на штетата само откако ќе се случи одредена катастрофа. Тој пат е лесен, но опасен и води кон пропаст. Изборот е едноставен.

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

Испрати коментар

Scroll To Top