Прочуената црква на Гауди, Саграда Фамилија во Барселона, која се гради од 1882 година, ќе биде завршена во 2026 година.
Се очекува дека капелата Успение ќе биде завршена во 2025 година, а следната година и Кулата на Исус Христос, соопшти организацијата задолжена за управување со локацијата.
Архитектот Гауди на овој проект му посветил 40 години од својот живот, од кои последните 15 работел исклучиво на него, кој несомнено е неговото најважно уметничко дело. Тој замислил градбата да има 18 кули во облик на вретено, од кои секоја укажува на различна библиска приказна: Исус, Девица Марија, 12-те апостоли и четирите евангелисти.
Во времето на смртта на Гауди во 1926 година, Саграда Фамилија била завршена само 10 до 15 отсто. Потоа, кон крајот на 1930-тите, Шпанската граѓанска војна уште повеќе ја забавила изградбата, кога повеќето од оригиналните проекти на архитектот биле изгубени.
Иако објектот сè уште не е завршен, Саграда Фамилија е прогласена за светско наследство на УНЕСКО во 1984 година, а папата Бенедикт XVI во 2010 година ја користел за верска богослужба. Во 2016 година, властите сфатија дека зградата никогаш не добила официјална дозвола за градба, што значи дека изградбата се одвивала незаконски повеќе од 130 години. Градскиот совет на Барселона со задоцнување издаде градежна дозвола во 2019 година, тогаш проектот беше завршен 70 отсто.
Идната највисока црква во светот
Кога ќе биде завршена, Саграда Фамилија ќе стане највисоката црква во светот. Во моментов се градат последните шест кули, вклучувајќи ја централната кула висока 170 метри, која ќе ја направи Саграда Фамилија највисоката црква во светот, која ќе се издигне речиси десет метри повисоко од катедралата во Улм, Германија.
Сега локалното население и туристите треба да чекаат само неколку години за да ја видат Саграда Фамилија во сиот свој сјај – без кранови и градежна опрема – 100 години по неговата смрт Гауди веројатно би бил задоволен и горд да го види резултатот.