Последиците од климатските промени – суши, поплави, топлотни бранови, односно генерално екстремните временски прилики, имаат значително негативно влијание врз земјоделството и одгледувањето на храна. Минатата година била најтопла во последните 125.000 години. Зголемувањето на просечните температури влијае врз процесите на цветање и созревање на плодовите, што доведува до промени на приносот и квалитетот на посевите. Од друга страна, топлото време им одговара на разни паразити и штеточини, со што земјоделството станува уште поранливо, а цените ан храната се очекува да растат. Доколку не се направат драстични промени, долга е листата на намирници кои во не така далечна иднина ќе изостанат од нашата исхрана.
Користејќи го климатскиот модел HadGEM2,истражувачите од Меѓународниот институт за истражување на прехрамбените политики (IFPRI) проектирале дека до 2050 година, земјиштето погодно за одгледување на пченка, компир, ориз и пчемица значително ќе се промени, приносите значително ќе се намалат, а во некои случаи земјоделците ќе бидат принудени да садат други култури. Цитрусното овошје исто така е на удар од климатските промени. Во Перу, цената на лиметата минатата година забележала раст од еден на 16 долари за килограм, со оглед на екстремни ниските приноси. Слична е состојбата и со портокалите во повеќе земји во Јужна Америка. Од 124 познати видови на кафе, загрозени с едури 75%. Етиопија, која е најголем производител на кафе во Африка, само до крајот на деценијата се проценува дека ќе изгуби околу 25% од приносот. Порастот на температурите веќе донел промени во квалитетот на вината, како и врз вкупните приноси. Во студијата објавена во часописот Nature се истакнува дека околу 90% од постоечките лозарски региони во јужна Европа и калифорнија ќе бидат загрозени, доколку глобалните температури забележат пораст од два степени. Уште во 2021 година, научниците предупредиле дека стеблата какао се сериозно загрозени, и дека нивниот број до средината ан векот ќе се намали за една третина. Климатските промени го загрозуваат и сточарството. Освен намаленото производство на млеко, влијаат и врз зголемена смртност кај животните. Од друга страна, сточарството има сериозни емисии на метан, гас кој сериозно придонесува за глобалното затоплуување.
Клучот за решавање на опишаните состојби е во адаптацијата. Земјоделците ќе мора да се адаптираат на нови видови, а потрошувачите ќе мора да го сменат односот кон храната. Имено, огромни количини на храна завршува на депониите како отпад, каде е извор на емисии на метан.