Мислам дека е тешко да се најде област во светот, која во старо време играла таква улога, а игра и во сегашноста и ќе игра во иднината, без да постои сомневање во историјата на човештвото, како што е територијата на Палестина, земја што е опеана во псалмите и во песните. Таа е алка на поврзување меѓу Западот и Ориентот, помеѓу Европа и Азија, помеѓу Азија и Африка, помеѓу средоземноморските земји на Запад и прастарите асирски, вавилонски, персиски и индиски царства на Исток.
Палестина има славна историја. Како лулка на цивилизацијата и како средиште на трите светски монотеистички религии исламот, христијанството и јудаизмот. Палестина, иако мала, има глобално влијаније со што се зголемува нејзиното значење. Таа е мало парче земја на кое поради постојните религиозни, етнички и политички поделби се случуваат големи економски, социјални, еколошки и политички промени.
Купола на карпа и Мумен, Ерусалим
Во историјата на цивилизацијата тешко може да се најде друга територија која има слични карактеристики со Палестина. Отсекогаш, тука се сретнувале различни цивилизации од повеќе континенти со различна вероисповед. Палестина отсекогаш претставувала сцена на светските историски настани, од времето, кога асирските и египетските кралеви војувале меѓу себе, до времето на англиската, јорданската и израелската окупација.
Ваква богата, бурна историја овозможува извонредно големо културно и историско наследство, така што до денес се присутни овие влијанија во сите сфери на живеењето. Мешањето на различни култури и религии има огромно влијание врз развојот на Палестина.
Ентериер на палестинска христијанска фамилија
КЛИМАТСКА РАЗНОВИДНОСТ
Географската местоположба на Палестина истовремено претставува проклетство и благодат. Поврзувајќи ги Азија и Африка, таа придонела за мешање и за меѓусебни влијанија на народите од трите континенти. Тоа придонесува и за богатата и разновидна палестинска флора и фауна, што предизвикува големо интересирање кај еколозите и научниците.
Оваа разновидност, исто така е, последица на одвоеноста на климатските зони – пустина, степа, медитеранска шума. Постојат места каде, поради топографските особености, зоната на раздвојување меѓу пустината и пошумената зона е толку тесна што, практично, и не постои. Од високите делови на Ерусалим, на пример, може да се гледа пошумената и медитеранска вегетација, на запад, и пустината, на исток, со типична степа што се проширува на врвовите на планините, делејќи ги овие две зони.
Хермон
Со благородна сериозност, често со заносна убавина, во Палестина се подигнуваат карпи од варовик и од песочен камен, кои припаѓат на варовничкиот и на терцијарниот период и неретко се со еруптивни планински врвови, како алка за поврзување помеѓу Турус и висорамнината во Западна Арабија. Тие дејствуваат како можен граничен бран помеѓу Средоземното Море и Сириската Пустина.
Од заливот Акаба, северно кон Мртвото Море преку Јорданската Долина и Либан се простира низина која целата земја ја расчленува на два дела, од кои западниот дел паѓа стрмно кон Средоземното Море, но е и рамнина на морскиот брег, додека источниот дел преминува постепено во Сириската Пустина, која се проширува до брегот на Ал-фурат. Во живописните корита на долините, овие планини се пресекуваат со пенливите реки: Оронтес, Леонтес, Барада и Јармук, на чии брегови шкрипат тркалата, кои водата ја пренесуваат кон полињата и кон градините, кои ги обработуваат селаните.
Во светот постојат малку земји, кои можат да покажат таква климатска разновидност, како Палестина, од алпската зима на вечно снежните површини на гребените на Либан и на врвот Хермон, до задушливата топлина на Мртвото Море.
Ерихон
Во Палестина, чија надморска висина се качува на 3.068 метри, а чија длабочина се спушта до -408 метри под морската површина може да биде многу различно. Лесни ветрови носат атмосферски талози, а сувите ветрови од пустината доведуваат до отежнато дишење. Од октомври до април дождот го маѓепсува зеленилото и ја истакнува богатата раскошност на цвеќињата. Потоа следува кратка пролет. Таа, всушност, претставува премин кон сувото годишно време. Но, во долините и крај реките, каде изворите или вештачкото наводнување даваат влажност, растат дабови, терпентински дрвја, рогач, шимширово дрво, бор, чемпрес, платан, маслинови и багремови дрвја. Таму зреат кајсии, смокви, мандарини, лимон, калинки, ореви, црници, ф’стаци, бадеми, а исто така, како во Ерихон, урми и банани. Најважното што го дава земјата се маслинките и виното. Лозјата и пресите за цедење се карактеристични за Палестина, исто како и одгледувањето на маслинки.
Belvoir Castle
ЈАСНА СЛИКА НА МОЈОТ СТАР ДОМ
Да погледнеме нагоре, кон брдото над Ерусалим, градот на нашата Палестинска тврдина. Со длабоко почитување и треперење се патува во Палестина, чија света историја ги видела првите драматични настани, за кои ние, Палестинците, слушаме од раскажувањата на мајките во нашите детски години. Од моите најрани години се сеќавам на јасната слика на мојот стар дом, со детето Исус и неговата мајка во сиромаштија. Таквото сеќавање, како патник низ животот, ме следи како добронамерна светлина на мојот тежок пат и кога, конечно, после долги години, веќе заморен, можам да ја видам сцената од раскажувањата од моето детство, но во облик на нашето време, тогаш опфатен од стварноста, се радувам што мојата мајка можела да раскажува – мал надоместок за нејзината верност и љубов.
џамијата Ел Акса
Но покрај овој сјај, кој лебди над земјата, поседувам уште едно друго богатство: ретка привлечност на чудесните предели и природната убавина која привлекува посебно внимание. Но, можам да споменам, нема ниту едно место на земјата, кое ми направило толку длабок и силен впечаток како Генезаретското Езеро или уште наречено Галилејско Море, распространето како круна на пуста планина, високите Галилеи на запад преку кои средоземноморскиот ветер нè води со шепот.
Старите Палестинци раскажуваат дека Господ создал седум мориња, но морето Генезарет било неговата радост. Таму на северозапад, се наоѓа Сафад, историскиот палестински град, таму лежи старата магдала, таму се наоѓа Тиберија, од чии морски брегови се пружа прекрасен поглед на езерото, кој не може да се опише и не може да се спореди со ништо. И тука се наоѓа ридот, од чија стрмнина се изговорени вечните зборови и едноставните вистини со бесмртна убавина од осамениот патник од историскиот палестински град Назарет.
Сафад
Овде реката Јордан ја празни својата матна вода во пазувите на кристалното бистро Генезаретско Езеро, и овде преку свети таласи пловат рибарските чамци со големи јарболи, живописна глетка, кога тие се наоѓаат усидрени на морскиот брег.
Назарет
НА ПАТОТ ЗА ЕРУСАЛИМ
На патот за Ерусалим туѓинецот од запад не пропушта да го посети историскиот палестинки град Назарет и извесно време да сонува на Аин Марија, изворот на Марија. Овој предел претставува раскрсница, низ која поминуваат каравани и војска, и кој уште пред 2000 години ги соединувал Египет и Вавилон.
На патот низ Палестина, кој води преку висини и долини, во сенките на маслиновите дрвја пасат црни кози и бели овци. Мојот поглед ги следи контурите на планинскиот венец помеѓу морето и Јорданската Долина, која понатаму кон југ незабележливо преминува во планински ридови, како море со скочанети сиви бранови, или кафени, испечени од сонцето. Планината е гола, наместа украсена со темнозелени, големи маслинови дрвја со раскошни зелени крошни.
Витлеем
Тука лежи градот Ерихон, кој е изграден 7000 години пр. н. е., најстар град во историјата, со куќи покриени со ќерамиди кои се наоѓаат меѓу дрвја од портокал, банани, лимон. Ерихон чуден град, но плоден. Ерихон не е град, туку е историја во подножјето на планината Муаб.
Khirbat al-Mafjar во Ерихон
Од врвовите на Муаб може да се види Ерихон, опкружен со бронзени планини наутро, а сиви навечер. Планината Ал-Таџруба или Коронтул како што ја нарекуваат Палестинците се гледа од далеку, врвот е украсен како круна со бели камења. Планината изгледа како свето божество, во јадрото на планината, палестински наследници на христијанската религија, со генерации, стотици години се молат очекувајќи Исус Христос повторно да се врати на земјата.
Витлеем
Штом ќе се помине палестинскиот град Наблус, кој бил сведок на многу историски настани во текот на својата долга историја, и може да се види животот на палестинските Самартанци, кои се најстара секта во светот, се стигнува до високо поставеното место Ел-Бире, каде војската на Темпел во 1146 година изградила црква. Овде се пружа првиот поглед на Ерусалим, пределот кон југ отсликува сè појасни и посветли бои. Овој предел зрачи со достоинствена, сериозна, мрачна убавина; ја потенцира моќната замагленост помеѓу морето и низината, која ги прикрива Јордан и Мртвото Море.
Ниеден друг облик на предел не би можел да има подостоен споменик за прекрасното старо време, чија хроника овде се издига од земјата како химна. Во период од илјада години тука се забележуваат Семиќаните, кои живеат овде и во соседните земји, посредниците помеѓу Ориентот и Западот. Тие биле религиозни водачи и ги имаат изнесено најголемите пророци на светот, и подариле три монотеистички религии.
Сега во далечината веќе се гледа Ерусалим! При овој поглед човек се чувствува вознемирен од доживувањето, се колеба и претпочита да остане во сенките на маслиновите дрвја, за да може во мир да ги согледа впечатоците кои надојдуваат. Тоа се ридовите околу Ерусалим, кои го носат овој град, а подостоен пиедестал не би можело да се замисли како споменик на потресната драма од светската историја.
Но, патот продолжува понатаму, и одеднаш се покажува градот, каде Титус во 70-тата година го подигнува својот конак. Овие слики не можат да се опишат со зборови, оваа значајна збирка на муслимански, христијански и еверејски сводови претставуваат сплет од куќи, во кои се кријат многу стари сеќавања.
џамија Al-Jazzar
Мојот поглед лута над Ерусалим и на околните долини. На запад се гледа источниот градски ѕид со злато и портата на светиот храм Ал- Шариф со светата џамија на Омар и Ал-Акса џамија. Не помалку восхитува погледод источно, преку Мртвото Море и преку тесниот зелен појас, кој волшебно се издигнува од светлозелената почва на Јорданската Долина.
Овде го наоѓаме градот Ерусалим со неговите ѕидини и порти, со неговите цркви и џамии, со неговите тесни улици и сокаци, често со скали и свиоци, кои се провлекуваат под живописните столбови и на набљудувачот му нудат разновидност на архитектонски погледи и шарена разноликост на мажи и жени од различни раси и култури, тука се пазарите и дуќаните, штандови и трговци, занаетчии од најразлични занаети.
стариот пазар во Ерусалим
На безброј луѓе, кои не биле во Палестина, сакам да им доловам само јасен впечаток за едно од најзначајните жаришта од светската историја, но немам доволно зборови, недостасуваат. Овој сликовит приказ ќе посредува при давање на јасна претстава, како набљудувачот и Палестинацот ја доживуваат Палестина. Тоа може да го направи само еден таков подробен опис.
Тоа е Палестина во денешни денови. Зад нас останува милениум од едно време, произлезено делумно преку магловито раскажување, кога светската историја го имаше овде своето жариште и кога од Палестина излегоа големите, одлучувачки и пионерски дела и мисли и кога светските војни од поранешните времиња ја имаат Палестина како главна сцена.
Светата Земја лежи како да е потоната во сон. Ехото од минатото веќе долго е премолчувано; полињата, богатите жетви за леб на големите народи се доведоа во ситуација денес да служат како ливади за кози и овци, а пропаѓањето изгледа како епидемија.
Во последните години почнаа да дуваат нови, свежи и слободарски ветрови над ридовите на Ерусалим, и како тие знаци да ме мамат. Ние стоиме пред еден нов развој во историјата на Палестина, кој без сомнение ќе биде од големо значење со оглед на порастот на азиските народи. Сепак иднината на Палестина изненадува и можеби е неизвесна, но Палестина ќе биде како порано, држава за сите Палестинци во светот, муслимани и христијани, средиште на култура за сопственото добро и за доброто на цело човештво.
Автор: Проф. д-р Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.
(Специјално за Порта 3 од Палестина)