Насловна / Архитектура / „Град на бесмртници“ во Индија, дело на Foster + Partners

„Град на бесмртници“ во Индија, дело на Foster + Partners

Во Азија и Африка не престануваат со плановите за нови градови, бидејќи старите се пренаселени и енергетски неефикасни, непријатни за живот и инфраструктурно неодржливи. А простор имаат.

Еден таков во Индија, конечно ќе го забрза своето пристигнување на светот, а се вика Амаравати или „Град на бесмртници“ и ќе биде главен град на државата Андра Прадеш – а е дело на славните Foster + Partners.

Распад на државата и потреба од нов главен град

Прво малку историја – Андра Прадеш не е случајно „во потрага“ по нова престолнина. А ова не е ни првиот наменски проектиран град да биде престолнина на некоја индиска држава. Пред неколку децении намерно е изграден Чандигар, дело на Ле Корбизје, и служи како двојна престолнина на Харајана и Пенџаб – од 2016 година, под заштита на УНЕСКО.

А сега дојде до политички потреси кои довеле до распаѓање на индиската сојузна држава Андра Прадеш на две држави – Телангана и Андра Прадеш (она што остана од неа), и ова е првпат некое сепаратистичкото движење да се избори за своја сојузна држава преку референдум.

 

Имено, Телангана долго време сакала да се отцепи од останатиот дел од земјата, со која дели заеднички јазик – телугу, со која била „насилно споена“ од 1956. Тогаш се поставени сосема нови граници на индиските сојузни држави , кои се базирале на лингвистички критериуми (еден јазик – една земја, ако е можно), а се занемарувале културните разлики.

Со оглед на тоа што Телангана, под името Држава Хајдерабад, била најголемата индиска држава пред независноста на Индија, па дури и насилно била припоена кон Индија (не сакала да влезе во нејзиниот состав), сосема е јасно дека сепаратизмот и тврдоглавоста на Хајдерабад на крајот го скршила индиската влада и во 2014 година, Теленгана се одвои, „земајќи го“ со себе главниот град Хајдерабад.

Андра Прадеш остана без главен град. Требаше да се најде нов. И најдоа – во поле.

Greenfield престолнина

Како што постојат greenfield инвестиции, така постојат и greenfield градови, очигледно, бидејќи на поле за кое фармерите доброволно давале земја, предвиден е сосема нов град, кој е замислен како „поефикасен од Сингапур“.

Местото е избрано сосема намерно – пред неколку века, Амаравати бил центар на будизмот и седиште на моќта на древната династија Сатавахана, чие владеење започнало на крајот на 2 век п.н.е. и траело до 3 век од нашата ера.

Новата престолнина е предложена на плодно земјиште опкружено со ридови на 300 километри од Хајдерабад, и на половина пат помеѓу денешната „комерцијална престолнина“ на Андра Прадеш – градот Виџајавада и неговиот земјоделски центар, Гунтура.

Тогашниот премиер Чандрабаба Наиду го нашол земјиштето, „религиски погодна“ и географски соодветна локација, а потоа барал врвни архитекти и ги нашол, каде на друго место освен во Лондон – Foster + Partners го завршиле мастер планот за Амаравати, уште во 2017 година.

Изградбата започнала, но Наиду ја загубил власта во 2019 година и неговиот наследник сметал дека  мегапроектите се премногу скапи, па во следните пет години Амаравати беше само мал град на бреговите на третата по големина индиска река, Кришна, уште еден од напуштените проекти на светските архитектонски бироа и сон што нема да се оствари.

Но, оваа година ем Наиду е повторно на власт во својата држава, ем премиерот Нарендра Моди без него не може да формира сојузна влада – а еден од условите што му ги поставил Наиду е – да го завршиме градот!

Мастер план за зелен град „помодерен од Сингапур“

Мастер планот на градот што го работеа Foster + Partners ја поделил замислената престолнина на девет зони, секоја е посветена на одредена област – во еден дел се планирани владини згради, во друг спортски објекти, во третиот болници, во четвртиот образовни институции и студентски град, а тука се и „медиумски град“, финансиски центар, како и Палатата на правдата и околината, и дел наменет за туризам и за современи ИТ и електронски индустрии. Предвидено е да се протега долж дури 22 километри по бреговите на реката Кришна, каде што би биле најважните институции, но и дел за „обиколка“.

И како што многу нешта се распоредуваат по системот „фенг шуи“, и како што на Далечниот Исток сакаат да градат згради во знакот на бројот 8 (88 ката или 8×8=64 ката и слично), и тука не  недостиглао „древно знаење“, па така сè е усогласено со традиционалната хиндуистичка архитектонска логика наречена „ва(а)сту шастра“.

Не недостигаат ниту зелените површини, планот предвидува многу паркови, инспирирани од визијата на Лутјенс за Њу Делхи или Централ парк во Њујорк (се повикуваат на ова Foster + Partners).

Од 2019 до 2029 година, градот требаше да биде целосно завршен и да смести, во хигиенски услови, со сеприсутен интернет и hi-tech инфраструктура, три и пол милиони луѓе.

Треба да има 217 или 219 квадратни километри и да има 61 отсто зеленило (51 отсто од површината) или водни површини (10 отсто) и да има 13 плоштади (симболично поради 13-те региони на Андра Прадеш) околу кои би се „собирале населби“, велосипедски патеки, посебни патеки за трамваи и електрични автобуси, а предвидена е и густа мрежа за такси на вода.

Централниот дел би била зградата на Парламентот на Андра Прадеш, поставена во големо езеро и врамена со секретаријати и згради од областа на културата. По принципот ва(а)сту, јавниот влез е предвиден од север, а влезот за министри и функционери – од исток.

Собраниската комора – каде се одржуваат министерски дебати – сместена е кон југозападниот агол на зградата, кој според овој принцип се смета за најповолен. Во југозападниот, односно североисточниот агол се собраниската сала и сала на советот, со административни канцеларии на северозапад.

Тесно усогласен со идеалите на ва(а)стуа, велат од Foster + Partners, централниот дел на парламентот е проектиран да биде – празнина, слична на двор. Покривот со пречник од 250 метри со врв е можеби највпечатливиот знак не само на зградата на државното собрание, туку и на градот во целина.

Како понатаму?

Секој фармер кој придонел за еден акр земја добил во новиот град околу 880 квадратни метри земја за домување и уште 200 квадратни метри за комерцијални објекти. Се разбира, фармерите не биле среќни кога новиот премиер Џаган Мохан Реди ја прекинал изградбата, за што Светската банка претходно обезбедила заем од 300 милиони долари, додека Азиската банка за инфраструктурни инвестиции (AIIB) се обврзала на заем од 200 милиони долари.

И конзорциумот Ascendas-Singbridge со седиште во Сингапур и Sembcorp Development беа вклучени во целиот процес. Поради ова, фармерите одржуваа демонстрации секој ден за време на владеењето на премиерот Реди со барање градот – конечно да се изгради!

Во јуни 2024 година, ново – стариот премиер Наиду изјави „Амаравати ќе биде нашиот главен град!“. Машините се запалија, почнаа да работат дигалките. Во последните пет недели активноста е трескавична, а комплексите што беа „почнати и стопирани“ ќе бидат готови за 30 месеци, најавуваат.

Дали петгодишната пауза ќе го продолжи рокот за завршување на градот – не е познато, но со оглед на поддршката што сега ја има од сојузниот премиер, можеби доцнењето ќе се намали. А кога ќе биде готов ќе биде еден од најинтересните градови во Азија.

Испрати коментар

Scroll To Top