Во градовите често во лето е неподносливо топло поради бетонските површини, густата изграденост, малку зеленило и порастот на температурите. Дали мерките што може да се преземат вклучуваат т.н. коридори на ладен воздух?
Градовите се особено жешки во лето. Бетонот и асфалтот ја апсорбираат и задржуваат сончевата топлина, па дури и ноќите се исклучително топли. Таканаречените тропски ноќи со температури над 20 степени го нарушуваат здравиот сон. Како се оладат градовите? Дали се корисни таканаречените коридори за ладен воздух?
Што се коридори за ладен воздух?
Во околината на градовите ноќите се многу посвежи. Градовите би можеле малку да се разладат доколку тој воздух може да струи во нив.
Коридорите на студениот воздух се зелени површини, реки, езера, железници и многу широки улици со зеленило. Ладниот воздух тече само неколку сантиметри над земјата, па насипите и зградите го спречуваат тој проток. Затоа, при дизајнирање на градовите, треба да се внимава таквите коридори да останат слободни.
Зошто во околина ноќите се поладни?
Едноставно, таму нема бетон и асфалт, туку преовладува земја, песок и ливади, сончевата топлина не се апсорбира да се задржи до доцна во ноќта.
Покрај тоа, свеж воздух се создава со испарување на водата над лисјата, а во областите вон градовите обично има многу зеленило. Затоа воздухот во нив побрзо се лади по зајдисонце.
Посебно е свежо на ливади и во овоштарници, како и над глинена, песочна и тресетна почва.
Како свеж воздух доаѓа до градот?
Топографијата е исто така многу важна. Студениот воздух е потежок од топлиот и се собира при тлото, да речеме на ливадите. Ако ливадата е на падина или на рид, тогаш студениот воздух силно струи надолу. Така се создава ветер што разладува.
Градовите кои се во долини, на падини или на ридови можат да профитираат од тој ладен воздух. Низ коридор, студениот воздух може да стигне до центарот, потиснувајќи го топлиот воздух, кој се крева, а свежиот воздух ги лади улиците и зградите.
На пример, Штутгарт лежи во долина и сака да го задржи локалниот систем на проветрување врз основа на неговите коридори со ладен воздух. Урбанистичките планови и градењето се усогласуваат со таа цел.
Што можат да направат градовите?
Ширум светот се повеќе се посветува внимание на можноста за разладување на градовите со доток на свеж воздух од околината. Во Германија, пак, бројни градови и региони спроведоа соодветни климатски анализи. Истото е направено и низ светот, во градовите како Њу Делхи, Лима, Лагос, Сеул, Мелбурн и Портланд.
Метеоролозите прво ги мерат температурите и струењето на воздухот на различни места во градот и неговата околина, ги внесуваат податоците во посебни компјутерски програми и на тој начин создаваат детални климатски атласи на градовите. Врз основа на овие атласи, градовите можат да одлучат да не ги преградуваат коридорите низ кои тече свеж воздух, да ги подобрат и заштитат и да го зајакнат природното ладење на околината.
Покрај тоа, градовите можат да воведат голем број мерки за значително разладување, намалување на бројот на тропски ноќи и подобрување на квалитетот на животот. Овие мерки вклучуваат отстранување на површините запечатени со бетон и асфалт, садење дрвја по улиците, помалку мотори со фосилни горива, зазеленување на покривите и фасадите, повеќе паркови и водени површини, што посветли фасади и згради, зголемување на површините под сенка.