Дека добрата архитектура никогаш не умира, туку само треба одвреме навреме малку да се освежи, сведочи реновираната и модернизирана внатрешност на Железничката станица во Нови Сад, за многумина, веќе шест децении, првото место на средба со најголемиот град во Војводина и неговата архитектура.
Со отворањето на брзата пруга Белград – Нови Сад во март 2022 година, беа претставени реконструираните станични перони, настрешници и новопоставениот бехатон со хоризонтална сигнализација, работите продолжија во зградата на станицата, а беа завршени непосредно пред фестивалот Exit – 5 јули 2024 година.
Проект на Имре Фаркаш
Да се потсетиме, сегашната Железничка станица Нови Сад изградена во 1964 година е дело на архитектот Имре Фаркаш (1924-2003) и неговите соработници од проектантското биро „Архитект“, додека изведувањето било доверено на компанијата „Неимар“ од Нови Сад.
Имре Фаркаш студирал во Белград каде дипломирал во 1950 година. По дипломирањето се вработува како асистент, а потоа како вонреден наставник по предметите нацртна геометрија, перспектива и технички цртеж на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје, каде што останува до 1955 година.
Најпознати проекти на Имре Фаркаш во Македонија се гимназијата во Тетово (1951) и поголем станбен блок за универзитетски наставници, проектиран во соработка со неговиот колега Ристо Шекерински (1955). Во текот на следната деценија живее и работи во Нови Сад како водечки архитект во бирото „Архитект“, каде проектира неколку јавни и училишни згради, како и поголем број станбени објекти. Во 1966 година и се сели во градот Брамптон во Канада и се занимава со проектирање се до неговото пензионирање во 1996 година.
Фаркаш припаѓа на бројната група архитекти кои твореле под силно влијание на европската функционалистичка архитектура. Неговите дела се карактеризираат со функционалистички дизајн на ентериери и екстериери, употреба на рамни кровови и разновидни материјали.
Архитекткт Јулка Мајтан, била инженер на градилиштето во тимот на „Неимар“, во време кога е градена Железничка станица Нови Сад. Таа е можеби последниот автентичен сведок на изградбата на овој архитектонски бисер, а со своите колеги, градежни инженери и техничари, се грижела „се да се работи според проектот“.
„За време на изведбата пристигаа разни детали и имаше и договарања и поправки и измени, па и грешки, но се беше направено во рок и навреме“, вели Јулка Мајтан.
До неодамна без значајна реконструкција
Од пуштањето во употреба на железничката станица, па се до пред неколку години, не е направена значајна реконструкција на оваа култна новосадска зграда, а сега, по втората фаза, која опфаќаше уредување на бочниот вестибил, продолжи уредувањето на просторот пред зградата на станицата.
Работите од втората фаза опфаќале замена на мермерните површини на целата зграда на станицата и во целиот вестибил, изолатерски работи на плочата, довршување на капацитетот на колосеците, изградба на галерија во фоајето, замена на комплетната столарија во објектот, уредување на шалтерските простори и работи на чекалните, како и електрични и термотехнички работи.
И додека во првата фаза објектот доби целосно нова челична настрешница, чија форма ја следи оригиналната архитектура на Фаркаш, по завршувањето на втората фаза, со нов сјај блесна познатото „злато на Фаркаш“, таванска површина составена од исти „позлатени“ квадратни плочки , што денес уште повеќе придонесува за топлината на овој двокатен простор.
„Само во оваа зграда беа инвестирани вкупно 16 милиони евра. Реновирана е, има некои нови делови, но според условите на Заводот за заштита на спомениците, зачуван е изгледот на станицата каков што бил кога е изградена и по кој е позната“, кажано е на пригодната свеченост по повод повторното отворање на станицата.