Насловна / Архитектура / Кружни отвори сместуваат дрвја во куќа на езеро во Мексико

Кружни отвори сместуваат дрвја во куќа на езеро во Мексико

Кружни дупки формираат светлосни отвори, дворови и простори за постојните дрвја во оваа куќа покрај езеро во државата Nayarit,  во Мексико, проектирана од мексиканското биро MCxA Group.

Casa Santa Maria del Oro е сместена на стрмна падина што се спушта до вода, делумно вградена во теренот и покриена со зелен кров.

„Волуменот на куќата е целосно скриен, се губи во падот на теренот и остануваат видливи само терасите, кои коегзистираат со автохтоните дрвја и се отвораат кон езерото“, велат архитектите од MCxA.

Бирото ја проектирало куќата околу пет стари дрвја што требало да останат на локацијата, формирајќи кривини и дупки од подот и таванот за да им овозможат простор.

„Кружните форми се одземени од волуменот за да се оддаде почит на нивното присуство, дозволувајќи им на овие џинови да се испреплетат со живеалиштето“, велат главните проектанти  Mauricio Ceballos и Francisco Vázquez за Dezeen и додаваат: „Оваа проектантска етика е почит кон животната средина и локалната заедница, каде градбата се усогласува со природата.“

Домот од 350 квадратни метри е распространет на три нивоа и вклучува три спални соби, сите скриени од погледот со зелениот кров што ја покрива структурата.

Од горното ниво, пристапот е преку патека од цилиндрични столбови кои формираат скали од 20 метри што се спуштаат помеѓу два кружни волумени.

„Скалите се комплексно проектирани за да се претопат со локацијата, да ја пренасочуваат дождовницата преку пропуст формиран со размакнување на делови и да служат како скулптура од префабрикувани цилиндрични бетонски скалници“, велат архитектите.

Овие волумени се делумно полнии, но со заоблени застаклени делови што овозможуваат поглед на дрвјата и од внатрешноста на домот.

Поголемиот дел од станбените простори се протегаат низ средното ниво, со спални соби и бањи од двете страни на дневната соба и трпезарија со отворен план.

Бетонските подови и декор во земјени тонови – вклучувајќи елементи од вулкански камен и рециклирано дрво – се врамени со темни челични столбови и рамките на прозорците.

Свртени кон езерото, стаклените панели од подот до таванот се отвораат и се лизгаат за да ја отворат просторијата на голема тераса на отворено.

„Овде, станарите можат да се нурнат во убавината на околината, да станат дел од нишањето на дрвјата со ветрот и да уживаат во различните глетки на езерото“, велат проектантите.

Околу стеблото на друго старо дрво се наоѓа рефлектирачки базен во облик на прстен, додека друго расте низ дупка делумно покриена со дрвени штици и прегрнато со главниот прозорец на спалната соба.

Брановидната малтерисана линија на кровот што се протега над лизгачките панели, исто така, вклучува и кружен кровен прозорец.

Од терасата, скалите се протегаат до најниското ниво, каде што се наоѓаат дополнителна повеќенаменска просторија, простори за перење, складирање и пристаниште за чамци.

Позиционирањето на дворовите овозможува природно осветлување и вкрстена вентилација низ целиот објект, додека садењето растенија помага дополнително да се спои домот со неговата околина.

 

„Во терасите и внатрешните дворови на куќата растат тропски градини од регионот, постигнувајќи подобра интеграција со природниот контекст“, велат од бирото.

 

Испрати коментар

Scroll To Top