Нè напушти уште еден великан на македонската архитектонска сцена. На 22 мај 2024 во Скопје, по кратко боледување, почина познатата македонска архитектка Мимоза Несторова-Томиќ. Но, како нејзиниот живот и архитектонски опус да се опише и расветли во текстовите и објавите кои ги пишуваме по нејзината смрт? Како на јавноста дополнително да ѝ се приближи, да ѝ се опише една личност од таков формат, а да не се погреши или да се банализираат некои важни и неважни епизоди од нејзиниот живот? Безмалку тешка работа, затоа што Мимоза Томиќ не ја познавав доволно.
Фактографијата за нејзиниот живот и дело веќе ја знаеме или можеме да ја прочитаме од она што е напишано за неа, но некои „ситни“ детали остануваат забележани само во очите и во срцата на оние привилегираните, нејзините најблиски, нејзините соработници и пријатели кои имале можност да соработуваат и да се дружат со неа.
Сули ан, состојба по земјотресот 1963 г.
Сулиа ан, денес, ФЛУ
Текстов за спомените на архитект Мимоза Несторова-Томиќ е почит за нејзиниот живот, а не за нејзиното заминување, затоа што наследството на Мимоза Томиќ ќе живее. Нејзините згради се општествено огледало на таа личност – отворени, добредојдени. Потписот на Несторова-Томиќ е архитектура која ја манифестира и ја слави улогата на струката. Нејзиниот живот, архитектонското дело, духовната потрага и истражувањата за нејзините проекти не можат да се напишат во еден текст. За комплексноста на нејзината личност ќе напишам еден мал дел, еден извадок од нејзината работа и од нејзиниот живот, онолку колку овде можам да напишам. Таа со своето потекло и раѓање како да била предодредена да остави длабока трага во македонската архитектура. Заха Хадид за себе велеше дека е жена, ирачанка и архитект. Биологијата и географијата ги дефинираат првите две работи и тоа е така од раѓањето, но за архитектурата ѝ биле потребни повеќе од четириесет години работа. Мимоза Томиќ беше жена, македонка и архитект. Исто како и Заха и неа ѝ требале многу години да го создаде она што го создала во архитектурата. Нејзиниот архитектонски опус беше обележан со нејзиниот секогаш присутен личен печат. Цел еден микро и макрокосмос се вткаени во нејзината работа. Во работата се трудела за обмислен и постапен начин на проектирање, кај кој урбанистичките планови, куќата, зградата, или кој било друг објект, не можеле да се создадат за кратко време, туку промислено, низ идеи, а потоа доаѓала функцијата со која се обликувала формата. Како круна на секој нејзин проект доаѓале внимателно одбраните градежни материјали со кои нејзините објекти биле изведени и со кои секогаш предизвикувала ефект на нешто неповторливо.
занаетчиски дуќани, Стара чаршија, Скопје
Родена е на 21 јуни 1929 година во Струга. Таму го завршува основното образование. Средно училиште завршува во Охрид, а потоа се запишува на Архитектонскиот факултет во Белград. Понесена од младешката љубопитност го започнува своето трагање по архитектурата. Нејзиниот развоен пат како архитект е променлив, но успешен. По дипломирањето во 1953 година на Архитектонскиот факултет во Белград се враќа во Скопје каде што во 1954 година се вработува во Институтот за народна архитектура при Техничкиот факултет во Скопје, а потоа истата година е примена на Катедрата за проектирање на станбени згради како асистент. Во текот на таа година имала и двомесечна практика во Бирото на архитектот Драго Галиќ во Загреб. Во 1957 година има студиско патување во Франција, а потоа во 1960 година во Велика Британија. Во 1963 по скопскиот земјотрес, била ангажирана во тимот кој го работел Основниот урбанистички план на град Скопје во Заводот за урбанизам, како раководител на тимот за изработка на социолошка студија.
со архитект Кирил Муратовски, Музеи на Македонија, фото: Благоја Бајковски
Во 1964 заедно со нејзиниот сопруг архитектот Љубомир Томиќ заминала во САД на петмесечно студиско патување во Њујорк, Беркли, Сан Франциско и во Чикаго. Имала значајна улога во изработка на мастерпланот и реконструкцијата на постземјотресно Скопје. Од 1965 година се вработува во Градскиот завод за урбанизам и архитектура на град Скопје, како самостоен проектант и раководител на ателјето. Во 1969 година, Несторова-Томиќ ќе го предводи архитектонскиот тим кој ќе го изработи проектот за стоковната куќа „Беко“ изградена во 1973 година, а срушена во 2018 година. Заедно со архитектот Кирил Муратовски го изработуваат проектот Музеи на Македонија. Го работи и проектот за угостителскиот објект „Менада“ во старата скопска чаршија. Како и стоковната куќа „Беко“ исто така и угостителскиот објект „Менада“ е срушен. „Да се сочува еден урбан комплекс, значи да се сочува архитектурата, да се сочува културата на еден град и на државата“ велеше Мимоза Томиќ. Ние за жал не успеавме да сочуваме многу објекти. До своето пензионирање во 1989 година ја извршува функцијата директор на Градскиот завод за урбанизам.
угостителскиот објект „Менада“ во старата скопска чаршија, фото Дијана Томиќ
Со своето знаење и со силата на својата личност, успеала да се наметне при проектирањето на своите објекти. Беше долгогодишен член на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ. Нејзината голема и повеќедецениска кариера ја обележуваат и награди и признанија, како наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 1977 година и во 2011 година наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Во 2019 година го доби признанието Opera Omnia од меѓународното друштво Share Architects за забележителни достигнувања во архитектурата.
Mимоза Несторова-Томиќ беше можеби персонификација на оној најдобриот вид архитекти и личности која ги разбираше професионалните одговорности.
Во својата кариера имаше пристап до мноштвото различни улоги во архитектурата – како урбанист, како проектант, како градител, архитект, како мислител, архитект, како учител, писател или како јавен интелектуалец. Леснотијата со која навлегуваше меѓу овие различни домени, сведочи за еластичноста на дисциплината што таа толку брилијантно ја претставуваше, но повеќе од сè друго ја одразуваше и нејзината интелигенција и великодушност.
воени станбени згради, нас. Капиштец, Скопје
Мимоза Нестотова-Томиќ за својата работа велеше „Мојата главна преокупација беше урбанизмот, но имав среќа да добијам и архитектонски проекти. Секој проект е дел од вашата интимна инвестиција и од вашиот внатрешен немир, има моменти и на солзи. Од идеја, кон скица и цртеж до финална реализација бев возбудена и ментално и физички исцрпена за секој проект. Најголем успех е кога ќе дојдете до реализација. Горда сум и на социолошката студија, како раководител во екипата на Пол сервис, што е основа за еден град. Мудрост е да се откријат сите извори на можностите за градот, без таа студија нема добар урбанизам. Мака ми е за некои проекти кои не се реализираа, но сите мои проекти се мојот живот и љубов кон професијата.“
Животот на Мимоза Несторова-Томиќ како архитект е неразделен од животот на нејзиното семејство, нејзиниот сопруг Љубомир Томиќ, како и нејзините ќерки. Таа беше голем македонски архитект, длабоко посветена на модерната повоена и на подоцнежната македонска архитектура, општествено посветена и влијателен протагонист за најдоброто во градителството. Нејзината смрт е голема загуба за нашата архитектонска заедница и нè поттикнува сите нас да размислиме за наследството на овој голем творец.
Многу ќе ни недостасува!
Автор: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх.