Насловна / Вести / Станот „Земја“ во Сараево синоним за обнова на општеството

Станот „Земја“ во Сараево синоним за обнова на општеството

Сместена во сараевската населба Грбавица, „Земја“ е еколошки и економски одржлив адаптиран стан – нов модел за одржлива реконструкција и урбано домување што доаѓа од Босна и Херцеговина.

Во општество кое сè уште се опоравува од војната во 1990-тите, „Земја“ е проект кој се обидува да го врати чувството за место, дом и заеднички идентитет преку архитектонски иновации, благодарение на бирото „Проект V Aрхитектурa“ од Сараево.

Сепак, се поставува прашањето: дали реновирањето на домот може да даде идеи за обнова на заедницата, градот или дури и земјата? „Земја“ нуди трошка надеж за одржлива алтернатива, токму преку одржлива реконструкција.

 

Проектот отелотворува холистички пристап кон длабока општествена, еколошка и економска рехабилитација и заздравување, промовирајќи производството и употребата на локални и одржливи материјали и знаење, спротивставувајќи се на неодржливите повоени градежни практики.

Радикална трансформација на запуштен стан

Оригиналниот запуштен стан радикално е трансформиран во простран и прилагодлив дом, работејќи во компактна површина од 50 квадратни метри, заменувајќи ги неструктурните преградни ѕидови со подвижни завеси кои ги претвораат четири темни, мали соби во еден дарежлив, светол простор со прилагодливи простории.

Волнените завеси делуваат како театарска драперии – тие откриваат и кријат слоеви на простор и нудат бескрајни можности за промени, создавајќи интимни или пространи поставки.

„На овој начин, секој поединечен простор делува поголем како и целиот стан, што секогаш се чувствува низ периферното доживување на бекстејџот“, објаснуваат архитектите.

Три острови на фиксен мебел правен по мерка, замислен како минијатурна архитектура, ги закотвуваат главните простории.

Вклучувајќи кафе масичка од набиена земја, трпезариска маса од камен и бука и тростран монолит од бука со плакар и работна маса што ја создава главната поделба помеѓу спалниот, работниот и дневниот простор.

„Секојдневниот живот се врти околу овие острови од природна земја, дрво и камен. Тие се вовлчени од надворешните ѕидови и таванот, овозможувајќи непречена циркулација на движење, проток на воздух и дневна светлина“, велат проектантите.

„Земја“ е и нов асортиман на мебел

Подовите од бел даб во форма на рибина коска го обединуваат целиот стан, а остатоци од оригиналниот под терацо сочувани се во кујната и бањата за да го одбележат неговото минато.

Истите три острови мебел, заедно со софата, креветот и наткасните, дизајнирани се по нарачка од архитектонското биро „Проект V Aрхитектурa“, како нова палета на мебел, исто така наречен „Земја“.

„Земја“ е речиси целосно направена од природни материјали – земја, глина, природни ткаенини и дрво.

„Станот е како геолошки артефакт со траги од човечка рака оставени на неговите изработени површини. Ова создава сетилно искуство и чувство на припадност на земјата“, велат од сараевското биро и нагласуваат: „Употребата на домашни производи од полно дрво, вклучително и масивни лепени плочи од бука, дабов паркет и прозорци од смрека, кои се сè попристапни од увозните алтернативи, не само што придонесува за циркуларната економија, туку и симболично го поврзува станот со шумите на Босна и Херцеговина, кои покриваат над 50 отсто од земјата“.

Длабочина и амбиент кој постојано се менуваат

Природен глинен малтер е последниот слој на ѕидовите и таваните, што претставува прв модерен примерок на глинен малтер во БиХ, вкоренет во традиционалната градба со глина, посочуваат авторите.

„Површината со богата текстура обезбедува длабочина и постојано менување на амбиентот бидејќи ја одразува дневната светлина и топлите материјали во станот“, велат од бирото.

Глината и дрвото се биофилни материјали кои ја регулираат влагата и го подобруваат квалитетот на воздухот, топлинската ефикасност и благосостојбата, намалувајќи ја потребата за греење во текот на зимата.

Концептот на „Земја“ се протега на фасадата, вклучувајќи ги прозорците, балконите и жардинерите од смрека.

„Ова го слави урбаниот живот кој е повеќе поврзан со природата и заедницата, аспекти кои често се занемаруваат во повоената урбана обнова“, велат авторите.

Уривањето на ѕидовите во станот го симболизира отстранувањето на физичките и психолошките граници кои постојат во поделеното општество, додека делови од дизајнот учат од примерите на иновативна, прилагодлива и органска архитектура од минатото на градот.

„Земја“ има за цел да ја врати довербата и односите меѓу одржливите домашни природни материјали и потрошувачите, кои често се склони да избираат увезени композитни материјали, ламинати, пластика и материјали на база на цемент“, нагласуваат проектантите.

Реновирање на стари згради како синоним за обнова на општеството

Покрај проектирањето, бирото „Проект V Aрхитектурa“ го водело и целиот градежен процес, вклучително и изведбата на специјализираниот мебел, работејќи со неповрзана мрежа на рудници, фабрики и занаетчии од Босна и Херцеговина.

„Овој пристап кон самоизградба го олеснува подлабокото разбирање на материјалите што се користат во дизајнот и поттикнува поактивна улога на архитектите во одржливото градење“, велат проектантите и на крајот додаваат: „Реновирањето на старите згради е синоним за обнова на општеството. Ова е еден од првите примери на современа одржлива архитектура во Босна и Херцеговина. Преку процесот на изградба на мал дом, создадовме еден вид ‘оаза’, која е поинаков и мирен свет од хаотичниот што не опкружува“.

Испрати коментар

Scroll To Top