Изминативе неколку година изгубивме многу ценети колеги добитници на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ која ја доделува ААМ и воедно членови на Архитектонската академија при Асоцијацијата на архитекти на Македонија – АА.
На 5 јуни 2024 година во салата на Комората на овластени архитекти и овластени инженери се одржа свечена комеморација. Во организација на ААМ им се оддаде почит на доајените на нашата архитектура: Мимоза Несторова-Томиќ, Благоја Колев, Трајко Димитров, Георги Константиновски, Радован Раѓеновиќ и Миодраг Митровиќ.
Колегите се сеќаваа на своите колеги и се потсетија на нивните дела и на нивниот придонес за македонската архитектура.
На комеморацијата присуствуваа колеги, соработници, роднини и пријатели. За жал забележливо беше отсуството на помладите колеги и студенти по архитектура, кои ја пропуштија можноста да слушнат и научат нешто од животниот пат и работата на овие доајени, чие делување остави длабока трага. Пропуштија поучна лекција по архитектура.
Само најдобрите имаат препознатлив јазик. Јазикот на овие доајени е јасен во естетиката, рационален, постојан, конзистентен, обликувањето е со поедноставени форми, како што велеше професорот Георги Константиновски: „ги избегнувам шминките, коишто се одраз на недоволно созреано општество“. За овие архитекти човекот е на тронот на она што го создаваа, не инвеститорот или политиката, бидејќи се творци свесни за огромната одговорност на професијата архитект, создадоа простори и објекти достојни за човекот, кои прават подобри луѓе, затоа што им овозможуваат да се чувствуваат удобно, сигурно, возвишено.
Сите тие беа архитекти полни со оптимизам, сила и етичност, само такви можат да остават огромна трага на архитектонската сцена. Но не само во домашни рамки. Многумина од нив работеле и вон ова мало парче земја, нивни дела можат да се сретнат на просторите на поранешна Југославија, Русија, Блискиот Исток. И тоа и не какви било дела, туку станува збор за репрезентативни објекти и комплекси, за проектирани илјадници и илјадници квадратни метри. Денес речиси и да немаме архитекти кои излегуваат вон локалните рамки. Па затоа професорот Мишко Ралев, кој говореше за архитект Мимоза Несторова-Томиќ, за која вели дека била негов идол, зборуваша за херојската генерација на македонски архитекти која полека си заминува од сцената и ќе каже: „Велат хероите никогаш не умираат. Секако дека е така, но можам да надополнам дека всушност хероите умираат по неколку пати, и можеби и затоа се херои“.
За архитект, професор Благоја Колев, говореше неговиот колега и соработник од Архитектонскиот факултет Скопје, Влатко Коробар, кој нè потсети на сестраната личност на професорот кој се занимавал и со урбанизам, проектирање, едукација, публицистичка дејност и сликарство. И сè тоа проследено со висок морал и доследност до самиот крај.
За човекот кој умееше да говори на многу теми, особено за архитектурата и за спортот, Трајко Димитров, ни раскажа неговата колешка и пријателка Билјана Филиповска. Димитров беше оној кој помнеше и многу, и долго, и кој беше вистинска енциклопедија за историјата и за случувањата во архитектурата во Скопје. Архитект кој сакаше да се дружи, чии веселби на неговото лозје секогаш ќе се помнат, каде често ги канеше своите пријатели од различни генерации, беше легенда на домашната архитектонска сцена.
Професорката Зорица Блажевска, како студент имала привилегија да учи како се работи архитектонски проект во архитектонското ателје „Андерграунд“, директно и изворно од професорот Георги Константиновски, а како дипломиран архитект привилегија да стане негов близок соработник, како во образовната дејност така и во професионалната пракса. Денес говорејќи за професорот Константиновски, вели дека без сомнение станува збор за еден од најголемите и најзначајните архитекти, великани на просторите на Република Македонија, југословенските простори и многу пошироко.
За интернационалниот мајстор, архитект Радован Раѓеновиќ, како за архитект, човек и пред сè пријател зборуваше архитект Владимир Пота, кој вели дека трајно ќе се сеќава со длабок пиетет на личноста и делото на неговиот ментор. Човекот кој остави неизбришлива трага со трајните белези од својот творечки опус на територијата на Македонија, Русија, Украина. „Нашиот Ратко или Рале“, како што вели Пота: „Нè научи како несебично да ѝ се даваме на архитектурата и што е многу важно, да бидеме доследни, да имаме како проектантски, така и човечки интегритет, а конечно и да разбереме дека личниот и професионалниот интегритет и архитектурата, едно без друго не одат“.
Архитект Миодраг Радоњиќ-Бато говореше за својот пријател, соученик уште од гимназиските денови, Миодраг Митровиќ, кој го нарекува „мој Миле“. Тие се имењаци, кои учеле во ист клас и двајцата станале врвни архитекти. Мики, како што го викаа колегите и пријателите го испекол занаетот во големите проектантски бироа на „Пелагонија“ и на „Маврово“ и како одличен проектант во сопственото биро сè до крајот на својот живот. Неговото творештво е исполнето со мноштво значајни и комплексни проекти, а учествувал на многу архитектонски конкурси на кои е и наградуван.
Овие архитекти, творци на објекти како музеите на Македонија, зградата на некогашна „Нова Македонија“, Архивот на град Скопје, Зоолошката градина, хотелскиот комплекс Запољарје во Сочи, Русија, клиничката болница во Штип и многу други значајни реализирани објекти и проекти се оние кои го дадоа идентитетот на нашата архитектура. Тоа се луѓето кои покажаа како се поима, сака и почитува архитектурата. Ни оставија современи и функционални објекти, објекти со кои сме биле во чекор со времето и со светските трендови. Никогаш повеќе не сме биле толку модерни. Како луѓе со огромна љубов кон професијата, никогаш не престанаа да веруваат во архитектурата, никогаш не престанаа да се борат за неа. Тоа беа архитекти кои не трпеа импровизации, кои имаа одговорен пристап кон професијата, создаваа со талент, дисциплина и многу работа и до крај не можеа да разберат луѓе кои проектираат без одговорност, не можеа да разберат инвеститори кои ја злоупотребуваат архитектурата за своите сомнителни желби и профитерски интереси. На крајот, не можеа да разберат ни општество кое сето тоа го дозволува. Затоа и се големи. Затоа што несебично се даваа и што е многу важно, беа доследни, поседуваа како проектантски, така и човечки доблести, ни помогнаа да разбереме дека личниот и професионалниот интегритет и архитектурата, едно без друго не одат.
Дали ова навистина го разбравме, дали научивме нешто од нивните лекции? Ние на овие архитекти им должиме многу, а не успеавме да ги сочуваме. Некои нивни објекти се срушени, некои преобликувани, најголем дел пропаднати и неодржувани. Личности како овие творци се сè поретки, сè повеќе ги снемува, а времето кое го живееме многу тешко изнедрува луѓе и професионалци како нив.
Ни преостанува да им ветиме дека ќе ги чуваме од заборав, дека нивните дела ќе ги заштитиме, да им се извиниме и гласно кажеме вечно БЛАГОДАРАМ.