Еден од водечките швајцарски музеи на уметност, Кунстхаус во Цирих, најави дека ќе повлече пет слики од една од своите изложби, бидејќи постои сомневање дека сликите биле ограбени од нацистите.
Долго време има сомнежи за потеклото на сликите во музејот од колекцијата на Емил Бирле, трговец со оружје роден во Германија, кој своето богатство го заработил за време на Втората светска војна правејќи и продавајќи оружје на нацистите, објави Би-Би-Си.
Одлуката за повлекување на сликите доаѓа по објавувањето на новите упатства чија цел е да се испита каде се наоѓаат голем број уметнички дела кои се уште не се вратени на семејствата од кои се украдени.
Сликите што се повлечени се „Градината во Живерни“ од Клод Моне, „Портрет на скулпторот Луј-Жозеф“ од Густав Курбе, „Жорж-Анри Мануел“ од Анри де Тулуз-Лотрек, „Стара кула“ од Винсент Ван Гог и „Пат по угорнина“ од Пол Гоген.
Одборот на фондацијата колекцијата Емил Биерл во соопштение наведе дека е „посветен на барање праведно решение“ за тие сликите со законските наследници на поранешните сопственици.
„Стара кула, Винсент Ван Гог
Шестото дело од колекцијата, „Султанија“ на Едуард Мане, исто така беше под дополнителна проверка, но фондацијата соопшти дека не верува дека новите упатства треба да важат за таа слика и дека ќе се разгледува одделно.
„Поради севкупните историски околности околу продажбата, Фондацијата е подготвена да понуди финансиски придонес за наследството на Макс Зилберберг поради трагичната судбина на поранешниот сопственик“, се вели во соопштението.
Зилберберг бил германски индустријалец, Евреин, чија голема уметничка колекција била продадена на аукции организирани од нацистите.
„Султанија“, Едуард Мане
Се верува дека Зилберберг е убиен во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц за време на Втората светска војна.
Според пишувањето на некои швајцарски весници, се води дебата дали Зилберберг бил принуден да ја продаде „Султанија“ или тоа го направил слободно од финансиски причини.
Повеќе од 20 земји, вклучително и Швајцарија, се согласија претходно оваа година да ги имплементираат новите најдобри практики на американскиот Стејт департмент за тоа како да се постапува со уметноста ограбена од нацистите.
Според швајцарскиот закон, денеска не може да се поднесат правни барања за враќање или компензација за делата од колекцијата Бирле поради застареност. До моментот на неговата смрт во 1956 година, Бирле собрал колекција од околу 600 уметнички дела, а со голем број од нив управува Фондацијата Бирле и се изложени во Кунсхаус како дел од 20-годишен заем. Други слики се во домовите на преживеаните роднини на Бирле.