Реномираната архитектонска компанија Skidmore, Owings & Merrill (SOM), која ја проектираше највисоката зграда во светот, Бурџ Калифа во Дубаи и кулата Белград во главниот град на Србија, влегла во партнерство со компанијата Energy Vault Holdings за да ја истражи можноста за изградба на уште повисоки згради кои истовремено би функционирале како масивни системи за складирање енергија користејќи гравитација.
Иновации во складирањето на енергија
Проектот се заснова на две главни иновативни идеи. Првата идеја, инспирирана од истражувањата на компаниите како Gravitricity и IISA, користи вишок енергија – без разлика дали е од обновливи извори како соларна енергија или стандардна електрична мрежа – за да го подигне товарот до врвот на многу висок облакодер. Кога е потребна енергија, товарот се спушта, користејќи ја силата на гравитацијата за стартување на генераторот.
SOM и Energy Vault Holdings наведуваат во соопштението дека EVu е дизајн на суперструктура на кула што ја подобрува економичноста на единицата и овозможува интеграција на системи за складирање енергија базирани на гравитација (GESS) во високи згради преку употреба на шуплива структура висока над 300 метри, па дури и до 1.000 метри.
Овие структури ќе можат да складираат повеќе GWh енергија, со што ќе можат да ја напојуваат не само зградата, туку и соседните објекти. Овој иновативен проект, кој ја интегрира водечката GESS технологија во суперструктурата на зградите, овозможува повраток на јаглерод диоксидот во забрзана временска рамка од 3-4 години.
Алтернативни решенија
Покрај системот EVu, тимот предлага и систем EVc. Тој би користел вода што се пумпа до врвот на облакодерот, а потоа испушта низ цевки за да ги придвижи турбините и да генерира енергија.
Иако делува футуристички, такви системи веќе постојат во форма на хидроелектани со пумпно складиштење. Водата се ослободува од планина или рид, генерирајќи електрична енергија со придвижување на турбините додека тече низбрдо. Кога вишокот енергија е достапен, водата се пумпа назад до врвот, подготвена за повторен циклус.
Предизвици и перспективи
Теоријата зад овие идеи е исправна, но практичните предизвици се значајни. Дополнителната тежина може да претставува проблем за зградата, а ефикасноста и одржувањето се под знак прашање. Најголемите предизвици се просторните барања и сите подвижни делови на системот што би можеле да го направат облакодер економски неодржлив.
Сето ова треба да се земе со резерва. Сепак, имајќи предвид дека експертите како Бил Бејкер, кој е ко-проектант на Бурџ Калифа, стојат зад овој проект, ќе биде интересно да се следи понатамошниот развој.