Насловна / Архитектура / Сите стадиони на Европското првенство во Германија

Сите стадиони на Европското првенство во Германија

Од Хамбург на север па се до Минхен на југ, стадионите ширум Германија се подготвени да го дочекаат претстојното Европско фудбалско првенство – УЕФА ЕУРО 2024, кое од 14 јуни до 14 јули ќе го привлече вниманието на љубителите на најважната споредна работа на светот, но и – зошто да не – љубители на добрата архитектура.

Внимателно проектирани да ги задоволат високите стандарди за врвни спортски настани, стадионите на овој турнир, се секој на свој начин, архитектонски импресивни, комбинирајќи ја функционалноста со естетиката за да пружат врвното искуство за играчите и навивачите.

Некои од нив се изградени пред речиси сто години и повеќе пати се се модернизирани, други се чисти производи на современата high-tech ера, но сите ја истакнуваат архитектурата на стадионот како клучен елемент кој придонесува за целокупното искуство на престижен фудбалски настан како овој.

Берлин – Олимписки стадион (капацитет: 71.000*)

Домаќинот на шест натпревари на EУРО 2024, вклучувајќи го и финалниот натпревар, Олимпискиот стадион (германски: Olympiastadion) е изграден според проектот на германскиот архитект Вернер Марш за Летните олимписки игри во Берлин 1936 година, со капацитет кој на поедини натпревари достигнувал и до 110.000 гледачити, првенствено Германци опиени од сонот на Хитлер за „супериорна раса“.

Поради своето „матно“ минато, Olympiastadion и денес е предмет на контроверзи – многу критичари повикуваат на поинаков пристап кон зданието од ерата на националсоцијализмот и сакаат, на пример, да се отстранат скулптурите од тоа време или да се инсталираат информативни табли кои појасно ја објаснуваат историјата на објектот, на кој денес своите конкуренти ги пречекува фудбалскиот клуб Херта.

Откако ФИФА го избра Олимпискиот стадион како едно од местата за одржување на Светското првенство во фудбал во 2006 година, градот Берлин му ја довери работата на реконструкцијата на конзорциумот составен од компаниите Walter Bau AG и DYWIDAG, а работите официјално започна со церемонија одржана на 3 јули 2000 година.

Покрај спуштањето на теренот за 2,65 метри, кровот на стадионот со најголем капацитет на ЕУРО 2024 со проектот е проширен за да покрие вкупна површина од 37.000 квадратни метри, со 20 столбови кои носат тежина од 3.500 тони челик, а е составен од проѕирни панели кои овозможуваат навлегување на сончевата светлина во текот на денот.

Келн – Стадион Rheinenergie (капацитет: 43.000)

Позната со децении како Müngersdorfer Stadion, фудбалската арена во Келн го носи името на локалната енергетска компанија Rheinenergie од 2004 година, но поради спонзорските договори на УЕФА за време на ЕУРО 2024, таа ќе биде позната едноставно како стадионот Келн и ќе биде домаќин на вкупно пет натпревари на Европското првенство во периодот од 15. до 30 јуни.

Домашниот терен на фудбалскиот клуб Келн, стадионот е реконструиран за потребите на Светското првенство во 2006 година, а од 2010 година е редовно место за финалето на германскиот фудбалски куп за жени, како и домаќин на натпревари во американски фудбал и хокеј на мраз, како и концерти на музички уметници од Ролинг Стоунси и Металика до Ријана и Бијонсе.

Официјално отворен во септември 1923 година, по речиси две години изградба, стадионот во спортскиот парк Müngersdorf е најстариот стадион на ЕУРО 2024, двапати е реновиран – од 1972 до 1975 година и од 2002 до 2004 година, кога е награден со бронзен медал за извонредни спортски и рекреативни објекти од страна на Меѓународниот олимписки комитет.

Денес стадионот има капацитет од 50.000 гледачи (од кои 41.825 седење, а 8.175 стоење), односно 43.000 според правилата на УЕФА, а бидејќи обично е распродаден за натпреварите на ФК Келн, клубот размислувал да го прошири на 75.000 седишта до 2027 година.

Меѓутоа, физибилити студија нарачана од спортското здружение покажала дека иако проширувањето би било изводливо, тоа нема економска смисла. Наместо тоа, се разгледува само (уште една) модернизација.

Дортмунд – Signal Iduna Park (капацитет: 62.000)

Некогаш само Westfalenstadion, денес Signal Iduna Park, а за потребите на меѓународни натпревари на ЕУРО 2024 BVB Stadion Dortmund, домот на славната Борусија со своите осум жолти столбови е најголемиот стадион во Германија и седми по големина во Европа, со вкупен капацитет од 81.365 седишта (стоење и седење).

Со капацитет од 24.454 гледачи, неговата Јужна трибина (Südtribüne), наречена „жолт ѕид“ поради својата исклучително страсна навивачка атмосфера, е најголемата трибина во фудбалот на стариот континент, додека во североисточниот дел од стадионот е сместен Borusseum, музеј на клубот, чиј спонзор е компанија која произведува оружје.

Стадионот е изграден помеѓу 1971 и 1974 година за Светското првенство во 1974 година со капацитет од 54.000 гледачи. Тоа чинело 31,7 милиони германски марки, што било релативно евтина цена за стадион со оваа големина: градскиот совет и управата на Дортмунд одлучиле да изградат монтажен стадион од палети.

Отворен е на 2 април 1974 година, досега неколку пати е реновиран, а за сезоната 2011/2012 година, доби два LED видео ѕида со површина од 48 квадратни метри, додека видео ѕидовите на фасадата на северната трибина заменети се со нови уреди во формат 16:9. Во рамките на ЕУРО 2024, на овој стадион ќе се одиграат шест натпревари, меѓу кои и едно полуфинале.

Дизелдорф – Merkur Spiel-Arena (капацитет: 47.000)

Merkur Spiel-Arena, порано позната како Esprit Arena и LTU Arena, а за време на Евровизија 2011 и турнирот ЕУРО 2024 и како Düseldorf Arena, е мултифункционален стадион во Дизелдорф кој ќе биде домаќин на пет натпревари од 17 јуни, заклучно со полуфиналето на 6 јули.

Дом е на фудбалскиот клуб Фортуна, кој се натпреварува во втората германска Бундеслига, а неговиот кров што се вовлекува и систем за внатрешно греење, исто така, го направија атрактивно место за разни настани надвор од доменот на „најважната споредна работа на светот“, првд се концерти.

Изградбата на стадионот започнала во 2002 година, а завршена е две години подоцна. Изграден е да го замени поранешниот Rheinstadion, лоциран на истото место во близина на реката Рајна. Почетниот капацитет од 51.500 седишта проширен е во летото 2010 година, кога некои места за седење се претворени во трибини за стоење, а денес стадионот собира 54.600 гледачи, што е корегирано на 47.000 за стандардите на ЕУРО 2024 година.

Во надворешноста, архитекти од бирото ѕор|architekten проектирале фасада од алуминиумски цевки кои формираат медиумски екран што може да се користи долж целата површина. Сепак, флексибилноста е една од неговите највпечатливи карактеристики – Merkur Spiel-Arena е проектирана со вграден потенцијал за пренамена и/или проширување.

Франкфурт – Deutsche Bank Park (капацитет: 47.000)

Franfkurtski Waldstadion (стадион во шумата) првично бил отворен на 21 мај 1925 година, по четири години изградба, со капацитет од околу 35.000 гледачи. Трибините главно биле земјани, вклучувајќи и дел од некогашното стрелиште искористено за јужната трибина. Само трибината од северната страна била од армиран бетон и имала фасада по моделот на античкиот грчки театар.

Стадионот е целосно урнат за време на Втората светска војна, а првата од неколкуте реконструкции на кои бил подложен во неговата подоцнежна историја траела до почетокот на педесеттите. Домаќин на стадионот е ФК Ајнтрахт, кој се натпреварува во германската Бундеслига, а името Waldstadion се задржало до 2005 година, кога е сменето во Commerzbank-Arena, а во 2020 година во Deutsche Bank Park.

Реконструкцијата за Светското првенство во 2006 година започнала во јули 2002 година и траела до октомври 2005 година, за кое време активностите на стадионот не беа прекинати. Трошоците беа многу високи – 126 милиони евра за стадионот и уште 45 милиони за помошната инфраструктура. За возврат, направен е интересен дизајн со проѕирен кров, видео коцка тешка 30 тони и технолошки најсовремен систем за дренажа и третман на вода.

Новиот Waldstadion е првенствено проектиран како фудбалски стадион, но може да се користи и за други спортови на трева, како што е американскиот фудбал, како и за големи настани. Структурата нуди и простории за состаноци и конвенции за луѓе од светот на бизнисот, а под името Frankfurt Arena, стадионот ќе биде домаќин на пет натпревари на Европското првенство во Германија во периодот од 17 јуни до 1 јули.

Гелзенкирхен – Veltins Arena (капацитет: 50.000)

Во овие краишта познат како Шалке Арена (германски: Arena AufSchalke), стадионот во Гелзенкирхен ќе го намали капацитетот на трибините од околу 61.000 на 50.000.

Освен за главна намена како фудбалски стадион, арената која денес го носи името на пивницата Veltins може за само неколку часа да се претвори во огромна сала за најразлични врвни настани. Долните редови на јужната трибина можат да се повлечат околу 16 метри под горните редови, со што се создава простор за тенис, бокс, рок концерти, класични изведби, мјузикли или телевизиски емисии.

Изградбата на новиот стадион во Гелзенкирхен се смета за преломна точка во фудбалска архитектура на Европа. Иако Amsterdam Arena е отворена порано, а Alianz Arena во Минхен можеби изгледа поубаво и порадикално, Veltins Arena се смета за технички супериорен и најмодерен стадион на континентот, отворен во 2001 година како нов дом на фудбалскиот клуб Шалке 04, моментално член на втората германска Бундеслига.

Заедно со подвижниот кров, врвен семафор и електронската контрола на билетите, голем број навивачи кои го посетуваат стадионот вреден 191 милион евра се радуваат и на една несекојдневна конструкција – пивовод. Долг пет километри, носи пиво до стадионот од пиварницата Veltins со просечен проток на ден од 53.000 литри.

Хамбург – Volksparkstadion (капацитет: 49.000)

Иако во својата историја многупати го менувал името, објектот изграден во периодот од 30 април 1998 година до 2 септември 2000 година се уште е најпознат по името на поранешниот стадион на истата локација – Volksparkstadion (изграден од 1951 до 1953 г). , и е еден од стадионите со пет ѕвезди на УЕФА. Неговиот вкупен капацитет е 57.274 седишта, од кои 10.750 се за стоење.

Во однос на претходниот објект, новата арена е свртена за 90 степени со цел подобро да се искористи сончевата светлина. Исто така, отстранета е и атлетската патека за да се доближат гледачите до теренот и да се создаде подобра атмосфера. Така е создаден стадион кој му помогна на локалниот ФК Хамбургер финансиски да расте многу брзо, со преку 50.000 гледачи по натпревар во сите натпреварувања.

Во Втората светска војна е срамнет со земја, како и целиот урбан дел на Хамбург, некогашниот стадион на Хамбургер станал безнадежно застарен до крајот на деветтата деценија на минатиот век, а големата модернизација била неминовна и без Светското првенство, за кое тогаш аплицираше Германија.

Трошоците за изградба на новиот Volsparkstadion изнесувале околу 97 милиони евра, а просторот проектиран од инженерите на Mos Architekten и SBP има две нивоа на седење и стоење. Лесен мембрански кров ги покрива сите гледачи, додека пилоните што го носат се користат и како изложбен простор за носителите на правата на името на стадионот, кои често се менуваат (AOL, HSH Nordbank, Imtek…).

Лајпциг – Red Bull Arena (капацитет: 40.000)

Порано познат како Централен стадион (германски: Zentralstadion), арената која денес го носи името на познатиот енергетски пијалок кој ви „дава крилја“ е стадионот на фудбалскиот клуб РБ Лајпциг, а за време на првенството во Германија ќе биде домаќин на четири натпревари.

Отворен во 1956 година по 15 месеци изградба, гигантскиот оригинален објект низ децениите бил домаќин на некои од клучните натпревари на репрезентацијата на тогашна Источна Германија и дрезденскиот ФК Локомотива, но по падот на Берлинскиот ѕид состојбата на стадионот станувала сè полоша, сè додека во октомври 1997 година, градските власти не донеле радикална одлука.

Така, од декември 2000 година до март 2004 година, во ѕидините на стариот стадион изграден е нов спектакуларен објект посветен исклучиво на фудбалот. Во него се интегрирани најнапредните аудио-визуелни системи – осветлувањето е вградено во кровот, кој може да се повлече во случај на потреба, а што се однесува до акустиката, се вели дека е „најдобра во Германија“.

Во јули 2004 година, стадионот е официјално отворен, а проектиран е за 44.199 гледачи. До самите трибини се пристапува преку специјално изградени мостови, долги околу дваесет метри, по кои се поминува директно од портите на стариот стадион. Целиот надворешен ѕид на некогашниот Zentralstadiona е задржан, а неговите трибини се целосно покриени со трева.

Минхен – Allianz Arena (капацитет: 66.000)

Стадионот е проектиран од познатото архитектонско дуо Жак Херцог и Пјер де Меурон.

Објектот висок 51 се важи за еден од најмодерните стадиони во светот, а се наоѓа во северниот дел на Минхен и е поврзан со градската јавна транспортна мрежа со метро, оддалечен само 16 минути возење од центарот на градот. Работите на неговата изградба започнаа на 21 октомври 2002 година, а завршија 30 месеци подоцна, додека проценетите трошоци за изградба беа околу 340 милиони евра.

За време на изградбата, стадионот што го делат градските фудбалски ривали Баерн и Минхен 1860 „доби“ 120.000 кубни метри армиран бетон, како и 22.000 тони железо, додека во гаражата со површина од 270.000 квадратни метри врадени се 85.000 кубни метри армиран бетон и 14.000 тони железо. Димензиите на стадионот се 258 x 227 x 50 метри, со вкупен, швајцарски прецизен капацитет од 69.901 седишта.

Највпечатлив дел од Allianz Arenа се речиси 3.000 „воздушни панели“ направени од ETFE фолија кои ја покриваат фасадата и кровот на објектот. Секој од панелите, кои се познати и како „перничиња“, може да биде осветлен во три бои – сина, црвена и бела. Сината главно се користи за натпреварите на Минхен 1860, црвената за натпреварите на Баерн и белата за други настани, иако конфигурациите обично се помешани.

Штутгарт – MHP Arena (капацитет: 51.000)

Своевремено Gottlieb-Daimler-Stadion и Mercedes-Benz Arena, фудбалскиот стадион во главниот град на германската покраина Баден-Виртемберг првично бил изграден од 1929 до 1933 година според проекти на германските архитекти Пол Бонак и Фридрих Шолер, а откако бил изграден го доби името Adolf- Hitler-Kampfbahn, за што веруваме дека можете да претпоставите колку долго се задржало.

По падот на Третиот Рајх, од 1945 до 1949 година се викал Century Stadium,, додека меѓу жителите на Штутгарт, името Neckarstadion најдолго се задржало, добиено по името на блиската река Некар. Дом е на фудбалскиот клуб VfB Штутгарт, член на германската Бундеслига, а ќе биде домаќин на вкупно пет натпревари на овогодинешното европско фудбалско натпреварување, вклучувајќи го и четвртфиналниот натпревар на 5 јули.

На крајот на 1980-тите и почетокот на 90-тите, извршена е голема реконструкција со значителна поддршка на Gottlieb-Daimlera, за што општината Штутгарт се оддолжила со преименување од Neckarstadion во Gottlieb-Daimler-Stadion. Ова име траело се додека Mercedes-Benz не го замени во 2008 година, а во 2023 година Porsche стана нов спонзор и името е сменето во MHP Arena.

Објектот добил кровна челична мембранска конструкција во 1993 година. Во периодот од 2009 до 2011 година била отстранета атлетската патека од времето на Хитлер, додека трибините се изградени поблиску до теренот под постоечкиот кров. Откако последните градежни работи се завршени во март 2024 година, капацитетот на стадионот е 60.058 седишта за првенствени натпревари и 54.812 седишта за меѓународни натпревари.

Испрати коментар

Scroll To Top