Насловна / Вести / Извајана фасада за Rolex продавница во Торонто

Извајана фасада за Rolex продавница во Торонто

Архитектонското биро Partisans од Торонто користело параметарско моделирање за да создаде брановиден камен излог за продавница за накит со бутик посветен на брендот за луксузни часовници Rolex.

Најновата примена на техника за дигитално моделирање и изработка од страна на Partisans резултирала со скулптурална фасада што обвива приземје на облакодер на улицата Bloor во центарот на Торонто.

Бирото работело со италијанскиот архитект Arturo Tedeschi на проектот, кој има за цел да ѝ даде на продавницата Royal De Versailles Jewellers присуство и да и овозможи да се истакне од останатите во прометната трговска четврт, како и да ја одрази високата прецизност на часовниците на Rolex.

Панелите од варовник прицврстени на надворешноста на зградата се обликувани да ги одразуваат формите и текстурите на часовниците на брендот.

 

Материјалот е избран поради неговиот луксузен изглед и долговечност, според основачот на Partisans, Josephson, кој за Dezeen вели: „Каменот е наследство на иднината, доживува ренесанса“.

Панелите ја продолжуваат геометријата на постојните карактеристики на зградата, како што се крутите столбови, но се влеваат во помеки форми кои се заоблуваат околу големите прозорци и над влезниот портал.

„Секоја камена облина е исечена според мерењата направени преку 3Д скенирањата на постоечката зграда“, вели проектантот на Partisans, Ian Pica-Limbaseanu.

 

Нишите се интегрирани во камената обработка за да се смести расветата што ги осветлува облините навечер, но спојките меѓу каменот и стаклото најмногу изискувале за деталите, според Pica-Limbaseanu. „Деталите на прозорците, конкретно, имаа мошне големи барања што требаше да се задоволат“, рече тој.

„Не само што требаше да се сретне со надворешните камени ѕидови на прецизни места, туку исто така требаше да овозможи лесно одржување и соодветни енергетски перформанси за она што инаку беше сосема досега невиден изглед на застаклувањето на улицата Bloor.”

Tedeschi ги применил своите компјутерски и дизајнерски вештини за да создаде алгоритам за параметарските композиции врежани во варовникот низ источната фасада.

Овие форми ги следат геометриите на гравурите што се гледаат на бројчаниците на часовниците, а истовремено одговараат на уникатните квалитети на структурата.

Ентериерите на продавницата имаат повеќе камен, чиј кремаст тон е во контраст со облогите и мебелот од темно дрво орев.

 

Темно зелените седишта се слагаат со уметничко дело од стаклен ѕид што го носи логото на Rolex, кое го дели главниот простор на продавница од поинтимен простор за дневна соба сместен позади.

Испрати коментар

Scroll To Top