Насловна / Вести / Урбана морфологија на пограничните градови во Македонија (2 дел)

Урбана морфологија на пограничните градови во Македонија (2 дел)

1.Вовед

Морфологијата на урбаните простори се согледува низ изучување на формата и структурата на градот, положбата и функцијата на градот, особено на неговите изградени делови и отворените јавни простори како блокови, објекти, улици, плоштади, паркови и сл. Според тоа, урбаната морфологија овозможува согледување на многубројните аспекти и на суштината на изградените структури и јавните простори во градовите.

2.Анализа на урбаната морфологија на пограничните градови во РСМ

Преку анализа на урбаната морфологија, се утврдува просторното проширување и развојот на градот и развојот на урбаната матрица во него, од која произлегуваат различни организации на урбаните блокови. Целта е да се даде приказ на правците и обрасците (patterns) на проширување на градовите за да може да се утврди како урбанистичките и просторните белези на градот влијаат врз општиот развој на самиот град затоа што градовите во источниот и во југоисточниот регион на државата се соочуваат со застој од архитектонско-урбанистички аспект.

2.1. Крива Паланка

Слика 2 – Град Крива Паланка 

                

Слика 3 – Морфолошки приказ на градот

Крива Паланка е млад град според периодот на оформување. Градот бил формиран во времето на османлиското владеење во Македонија, и имал важност како воен и одбранбен центар со цел зајакнување на североисточниот регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи во 1633 година. Добрата позиција, комуникациите, развојот на занаетчиството и трговијата на тогашната мала населба ѝ овозможиле да прерасне во поголемо населено место.

Градот во сегашната состојба е со линеарна, органска форма која се развива по двата брега на Крива Река, со доминантна оска во правец североисток – југозапад. Сообраќајниците се развиваат постепено, со временското проширување на градот, со прекршени, флуидни и кривулести движења што довело до формирање на различни, неправилни урбани блокови, по големина и форма. Градскиот плоштад се наоѓа во централниот дел од градот, покрај реката. Јавните функции на градот се сместени покрај реката, на десниот брег, додека станбените се развиени по висорамнините од двата брега.

Градот се состои од два дела – старо градско јадро и ново јадро. Старото градско јадро се наоѓа на левиот брег на реката каде што се наоѓа и градскиот плоштад, чаршијата и градскиот пазар, а тука се сместени и јавните административни општински објекти. Новото градско јадро започнува да се развива во 50-тите години од 20 век паралелно со  формацијата на административните објекти и плоштадот, колективните станбени згради и новите објекти кои се прошируваат и на десниот брег на реката (сл. 4).

Слика 4 – Шематски приказ на зоните на градот и формација на урбани целини

2.2 Македонска Каменица

Слика 5 – Град Македонска Каменица                              Слика 6 – Морфолошки приказ на градот

Македонска Каменица е еден од најмладите градови во државата според периодот на оформување. Иако за прв пат Каменица се спомнува во турските записи, како село во 1570-1573, градот е основан пред 1950 година, којшто во почетокот бил само населба за рударите кои работеле во рудникот Саса, а официјално е прогласен како град во 2004 година.

Градот во сегашната состојба е со комбинирана форма, составена од линеарни и од радијални урбани форми на урбаната ткаенина, која се развива по двата брега на Каменичка Река, со доминантна оска во правец север – југ. Карактеристика за формата на градот е тоа што градското јадро на десниот брег на реката, се развива плански, па затоа се формираат радијалните форми на урбаната ткаенина, додека пак левиот брег се развива органски, следејќи ја конфигурацијата на теренот, по падините на планината.

Сообраќајниците се развиваат според формата на градот, односно на левиот брег од реката тие се тесни станбени улици со кривулести движења, додека на десниот брег тие се со геометриски, радијален облик, и се состојат од пристапни, станбени и собирни улици.

Визуелно, градот може да се подели на неколку зони (сл. 7) – 1. Строгиот центар на градот, сместен на десниот брег на реката во кој се наоѓаат градскиот плоштад со црквата „Успение на Пресвета Богородица“, градските општински објекти и колективни станбени згради, 2. Спортско-рекреативна зона со градскиот стадион, 3. Индустриска зона, на левиот брег на реката 4. Урбана целина од колективни станбени згради и 5. Урбани целини од индивидуални семејни куќи.

Урбаните блокови во градот генерално имаат издолжена, линеарна форма во кои се изградени колони на станбени куќи, во правец на оската на градот север-југ. Колективните станбени згради се изградени во централното градско подрачје со катност од П+4 до П+10.

Слика 7 – Шематски приказ на зоните на градот и формација на урбани целини

2.3. Делчево

Слика 8 – Град Делчево 

                      

Слика 9 – Морфолошки приказ на градот

За прв пат како населба Делчево, односно Царево Село се споменува во една повелба на цар Душан од 1347 до 1350 година. Како најстар дел на градот се смета турската колонија што се создала околу џамијата. Сè до XIX век Делчево било село, турска колонија, населена со Турци.  Кон средината на XIX век почнала да се развива чаршијата и да расте населбата, а воедно и да се зголемува македонското население.

Сообраќајниците се развиваат според формата на градот и се со ортогонален облик во маалата на десниот брег, а во маалата на левиот брег тие се тесни и кривулести. Градот во сегашната состојба е со комбинирана форма, составена од кружни и од ортогонални форми на урбаната ткаенина, кои се развиваат плански, на десниот брег на реката Брегалница, додека пак, на левиот брег, маалата се развиваат органски следејќи ја конфигурацијата на теренот, односно падината на ридот.

Визуелно, градот може да се подели на неколку зони (сл. 10) – 1. Индустриска зона која се наоѓа на влезот на градот, 2. Градско јадро во кое се наоѓаат градскиот плоштад и јавните управни објекти и 3. Урбани целини – зоните за домување во индивидуални семејни куќи.

Урбаните блокови, на некои места се со правилна геометриска форма, во облик на квадрати, правоаголници и триаголници, а на други места со искривени форми. Објектите за домување се проектирани линиски и периметрално во однос на урбаните блокови. На левиот брег, каде што градот се развива органски, кривулестите и тесни улици ги формираат урбаните блокови со слична форма, каде што објектите се поставени и проектирани следејќи ја формата и движењето на улиците.

Слика 10 – Шематски приказ на зоните на градот и формација на урбани целини

2.4. Пехчево

Слика 11 – Град Пехчево

                         

Слика 12 – Морфолошки приказ на градот

Пехчево започнува да се формира кон крајот на XIV век (1394-1395 г.). Во 1580 година, поради добрата местоположба, во Пехчево се населиле нови жители, претежно Турци. Со новите сожители, Пехчево во втората половина на XVIII и почетокот на XIX век добива ориентален лик. Поради ваквата физиономија на гратчето, Турците го нарекле Османли Касаба (турско гратче). Кон крајот на XIX век, гратчето пораснало во голем административен центар на турската управа за поширокиот регион на целата Малешевска област.

Градот во сегашната состојба има изразито радијална форма која се развива околу централното, старо градско јадро. Градското јадро е сместено на двата брега на Пехчевска Река која поминува низ градот и го сече по доминантната оска исток-запад. Урбаните блокови се со издолжена, полукружна форма распоредени како 4 концентрични прстени во кои се сместени станбените зони. Домувањето во овие блокови е исклучиво во индивидуални семејни куќи.

Градот визуелно може да се подели на неколку зони (сл. 13) – 1. Индустриска зона на влезот на градот, 2. Градско јадро каде се сместени градскиот плоштад и јавните градски управни објекти, 3. Урбани целини од кои најголемото е со карактеристичната радијална урбана форма, а две се помали, едно сместено по регионалниот пат кон Делчево, а друго на периферијата на градот од источната страна.

Слика 13 – Шематски приказ на зоните на градот и формација на урбани целини

2.5. Берово

Слика 14 – Град Берово

                              

Слика 15 – Морфолошки приказ на градот

Во османлиските даночни регистри од вилаетот Малешева од 1621 до 1622 година е забележано селото Берова, кое во тој период имало вкупно 55 домаќинства. Градот оттогаш постепено се развивал преку низа на историски значајни настани – 1830 година во Берово е отворено келијно училиште, во 1876 година во селото Разловци во близината на Берово е дигнато познатото Разловечко востание, а во 1971 година е изградено Беровското Езеро.

Градот во сегашната состојба е со комбинирана форма составена од радијални и од ортогонални урбани форми на урбаната ткаенина, која се развива по двата брега на реката Брегалница со доминантна оска во правец север-југ. Целиот град се развива плански, со што се појавува на места ортогонална урбана матрица изградена во радијален облик, освен старото градско јадро, кое е зачувано и со линерен правец.

До градот се пристапува преку регионален пат кој не поминува низ градот и води до соседниот град Пехчево, оддалечен 10 км. Сообраќајниците се развиваат според формата на градот и се со геометриски, радијално-ортогонален облик, и се состојат од главна улица која се протега низ целата должина на градот, пристапни, станбени и собирни улици.

Визуелно, градот може да се подели на неколку зони (сл. 16) – Индустриската зона е поставена на влезот од градот, по регионалниот пат, градското јадро се наоѓа на источниот брег на реката, каде се наоѓа и градскиот плоштад опкружен со градските административни објекти. Урбаните целини во градот се развиваат плански, по двата брега на реката. При крајот на градот од западната и од источната страна, започнува органски развој на урбаните целини во склад со теренот и нивно меѓусебно постепено поврзување преку тесни кривулести улици. Станбените објекти за домување се куќи кои се проектирани долж улиците во линеарна композиција.

Слика 16 – Шематски приказ на зоните на градот и формација на урбани целини

3. Заклучни согледувања

Формата на овие градови е различна. Сите градови имаат комбинирана форма која се состои од 2 или 3 видови на урбани матрици кои се развиваат во нив. Најзастапени типови на форми на град се линеарната, ортогоналната, радијалната и органската.

Главна карактеристика на линеарната градска форма е лонгитудиналниот развој на проширување на градот и појава на типови на матрици со органски и со линеарни форми. Доминира во Крива Паланка.

Во градовите со ортогонална форма најзастапени се ортогоналните урбани матрици кои може да се квадратни или правоаголни или да имаат неправилна геометризација со што се појавува мрежеста структура на градот. Доминира во градовите Делчево и Берово.

Радијалната форма се појавува поради присуство на радијални урбани матрици. Овој вид на матрица има делумно закривување на одредени делови на градската мрежа или целосно закривување во форма на полукругови или прстени. Доминира во градовите Македонска Каменица, Делчево и Пехчево.

Органската форма се карактеризира со појава на органски форми при проширување на градот, односно неговите маала и појава на урбани целини со кривулести форми кои ги следат топографските услови на теренот. Доминантна е во Крива Паланка и во Берово.

Сепак мора да се напомене, дека секој град нема една строго одредена форма или урбана матрица. Секој град се состои од повеќе разни видови на урбани матрици кои се развиваат плански согласно со урбанистичките планови. Формата на градовите е резултат на нивното меѓусебно поврзување, преклопување и соединување.

Автор: м-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.

4. Библиографија

Kostof S. (1991), “The city shaped: urban patterns and meanings through history”, Bulfinch press, New York, pp. 35-39

Lynch K. (1961), “The pattern of the metropolis” во: Banerjee T, Southworth M. (1990) “City Sense and City Design: Writings and projects of Kevin Lynch”, MIT Press, London

Vresk M. (1986), “Osnove urbane geografije” Školjska knjiga, Zagreb 23.

Đokić V. (2004), “Urbana morfologija: grad i gradski trg”, Arhitektonski fakultet Univerziteta u Beogradu, Beograd, pp. 11-64

Општина Берово, (2014), „Стратегија за локален економски развој на Општина Берово за периодот 2014-2019“, Берово

Општина Делчево, (2014), „Стратешки план за локален економски развој“, Делчево

Општина Крива Паланка, (2015), „Стратегија за локален развој на Општина Крива Паланка 2015-2020“, Крива Паланка

  1. Општина Македонска Каменица, (2015), ЛЕАП на Општина Македонска Каменица“, Македонска Каменица
  2. Општина Пехчево, (2018), „Стратегија за развој на руралниот туризам на Општина Пехчево за периодот 2018-2023“, Пехчево

Испрати коментар

Scroll To Top