Во пресрет на претстојната туристичка сезона, во околината на Солун започнаа големи инфраструктурни работи на проектот Thessaloniki Flyover, поради што е можно туристите кои одат на одмор во Грција да им е потребно малку повеќе трпение на овој дел на патот, особено оние кои ќе летуваат на Халкидики.
Започнати кон крајот на 2023 година, работите на обиколницата околу Солун (Periferiakos – Ring Road) и според најавите ќе трае околу четири години, додека самиот проект, освен континуираниот надвозник долг четири километри, вклучува и модернизација и проширување на постојната делница од 13 километри, со 9 различни нивоа на раскрсници, како и осум нови мостови и три нови тунели.
Буџет од речиси половина милијарда евра
Проектот Thessaloniki Flyover е покренат како амбициозна иницијатива за ублажување на хроничниот проблем со сообраќајниот метеж во градот.
Целта е да се овозможи побрзо и побезбедно минување на возилата, да се подобри пристапот до аеродромот, јужниот дел на Солун и Халкидики и да се намали бројот на сообраќајни несреќи кои се чести на постоечките патишта.
Вкупната вредност на проектот е 478 милиони евра, а се очекува дека Flyover ќе може да опслужува 10.000 возила на час во двата правци, што секако ќе го намали колапсост во сообраќајот.
Како што беше претходно најавено, во четиригодишната изградба на овој проект ќе бидат вработени над 1.000 работници, додека изведувач и проектант е конзорциум составен од грчките компании Mytilineos и M-Concessions, во соработка со градежната групација Avax.
Континуиран надвозник во должина од четири километри проектиран е над сегашната источна обиколница која со проектот ќе биде проширена, а надвозникот ќе биде најдолг во Грција. Обиколницата ќе добие нови раскрсници и технички елементи и ќе се модернизира до вкупна должина од 13 километри.
Проблемите во сообраќајот ставени над еколошките
Почетокот на изградбата на солунскиот Flyover е одбележан со протести на граѓаните, кои истакнаа дека за време на работите ќе бидат исечени илјадници дрвја и со тоа ќе бидат уништени 82.000 квадратни километри приградска шума, што ќе го намали квалитетот на воздухот во градот.
Во еден момент, во април годинава, работите беа дури и накратко прекинати поради поплаки од три градски здруженија, но со продолжувањето на градбата стана очигледно дека во овој случај сообраќајните проблеми се ставени над еколошките.
Проверете ја состојбата на обиколницата
Со цел да се намалат маките на возачите на пат кон грчкото море, пуштен е во употреба специјализиран портал Thessaloniki Flyover, каде што во реално време може да се следи состојбата на солунската обиколница. На тој начин, може навремено да се донесе одлука дали да се поминува низ градилиштето на Flyover, директно низ градот или преку алтернативниот пат преку блиското езеро.