Дали холандскиот сликар Јан Вермер ван Делфт, кој во средината на 17 век насликал млада жена со турбан, чија цел лик е осветлен со нестварна светлина, можел да сонува дека на почетокот на 21 век, река од луѓе ќе стои и трпеливо чекајќи во ред пред парискиот Лувр – за да му се восхитува на неговото дело?
Детал од сликата „Проститутка“ од 1656 година, на која се смета дека е прикажан автопортретот на Вермер
Приказната за чудесната светлина е всушност приказна за бисерот, која ги фрла сите други приказни во втор план: и онаа за генијалниот сликар кој умрел млад, измачуван од прозаичноста на секојдневниот живот, и онаа дека прашината на заборавот паѓала врз неговото дело речиси два века, и онаа дека по повеќе од три века повторно оживеа една слика преку книжевно дело и филмско остварување. Во 1999 година, англиската писателка Трејси Шевалие го напиша бестселерот „Девојката со бисерна обетка“ за животот на Вермер и девојката – слугинка Грит, а во 2004 година беше снимен американски филм со истиот наслов, во режија на Питер Вебер со Скарлет Јохансон во главната улога, кој постигна светска слава. Сето горенаведено сепак останува во сенка на еден природен феномен – бисерот и неговата чудесна светлина.
Бисерот е лунарен симбол покој се врзува за вода и жена. Тој е исто така симбол на совршениот цикличен, космички ритам, кој, како и месечевите мени, претпоставува раѓање, живот, смрт и повторно раѓање. Идеалното совршенство на почеток и крај. Духовна светлина во срцето, божествена визија. Бисерот е редок, чист и скапоцен, целосно бел, иако бил во матна вода и груба школка. До него може да се дојде само со напор, додека е недопрен, тој е симбол на невиност.
Вермер го осветли лицето на младата жена со сјај на бисер, блесок на обетка што виси лежерно од нејзиното уво.
Сè е случајно и ништо не е случајно во оваа божествена слика на холандскиот мајстор.
„Девојка со бисерна обетка“
Јан Вермер ван Делфт (1632–1675) е холандски сликар, роден во Делфт. За неговата младост има малку податоци. На неговото сликарство најмногу влијаел сликарот Питер де Хох. Во 1653 година се оженил со Катарина Болнес. Истата година станува мајстор сликар во сликарскиот еснаф Св. Лука. Една деценија подоцна, францускиот патник и трговец со слики Балтазар де Монкој ја посетува куќата на Вермер и забележува во својот дневник дека неговите слики се „брилијантни, но многу скапи“. Во 1672 година, Вермер бил поканет во Хаг како експерт за уметност за да оцени 12 италијански уметнички дела, за кои изјавува дека се „грди и многу лоши“. Во исто време, финансиската состојба на Вермер е исклучително тешка, што се совпаѓа со инвазијата на Холандија од страна на францускиот крал Луј XIV. Сопругата на Вермер пишува дека нејзиниот сопруг со години не можел да продаде ниту една своја слика, но ниту пак сликите на други сликари со чии дела тргувал.
Во 1675 година, Вермер умира на 43-годишна возраст. Зад себе остава сопруга и единаесет деца (во меѓувреме починуваат четири негови деца).