Од вчера, поранешната фабрика за сапун „Цветан Димов“ е оградена со црвена лента поради опасност од уривање. Неколкуте семејства што на диво беа вселени во руините и со години живееја тука, се иселени. Екипи на МВР, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со општина Кисела Вода, минатата недела спроведоа акција за празнење на фабриката, токму поради опасноста да се урне.
“Објектот го оградивме со црвена лента од безбедносни причини. Имаме документација изработена од ИЗИИС, според која фабриката е небезбедна за живеење и може секој момент да се урне. Пред само неколку дена беше спроведена акција во која дивовселените лица беа иселени од објектот, бидејќи тој е руиниран и нестабилен. И во еколошка смисла, оваа локација е опасна за живеење бидејќи, поради постојаното собирање отпад од дивовселените, таа е претворена во депонија и е извор на зараза и смрдеа”, вели Тања Атанасовска-Ивановска, портпарол на општина Кисела Вода.
Таа објасни дека пред акцијата за иселување, во општината постојано стигнувале поплаки од граѓаните што живеат во околните згради. Тие се жалеле дека дивовселените кревале врева и ја претвориле некогашната фабрика во депонија.
Црвената лента околу фабриката ќе остане, сè додека не почне изградбата на згради на нејзино место. Општинарите уште пред две години одлучија фабриката да се урне и на нејзино место да се изградат нови објекти.
„Согласно ДУП, на оваа локација е предвидена изградба на комерцијално-деловен објект. Сопственик на земјиштето е Република Македонија, а за евентуалните понатамошни постапки, јавноста навремено ќе биде известена”, рече Атанасовска-Ивановска.