Google ќе инвестира дополнителни милијарда евра во проширување на дата центар во Финска. Во последните години, повеќе дата центри се отворени во нордиските земји поради поладната клима, даночните олеснувања и достапноста на обновливите извори на енергија. Од друга страна, не е мал бројот на аналитичари кои велат дека овие земји би требало да ја користат енергијата добиена од обновливите извори во други индустрии, како на пример за производство на „зелен“ челик.
Но, финскиот капацитет на ветерни електрани само во 2022 година се зголемил за 75%, на вкупно 5.677 MW, што довело во одредени денови цената на енергијата да има негативна вредност. Експертите веруваат дека потрошувачката на енергија во дата центрите значително ќе се зголеми поради брзиот раст на употребата на вештачката интелигенција.