Американската агенција за развој на трговијата (USTDA) започнала процес за пријава за финансирање на физибилити студија за пилот проект за водород за подземното складиште Чирен во Бугарија. Притоа се истакнува дека сите детали се веќе договорени со компанијата „Булгартрансгаз ЕАД“. Агенцијата обезбедува финансирање на клучни проекти и соработка со компании на развој на одржлива инфраструктура и поттикнување на економски развој во партнерски земји. Договорот за грант ќе биде потпишан кога ќе заврши интерната процедура во рамките на агенцијата.
За потсетување, во септември минатата година, во САД е потпишан Меморандум за разбирање за споменатиот проект во кој се вклучени и амероканските компании Solar Turbines Inc. и Honeywell, како и италијанската компанија Pietro Fiorentini. Првиот чекор е изработката на физибилити студија. Произведениот „зелен“ водород треба да се користи како гориво на лице место. Но, истовремено се работи и на развој на преносната мрежа за водород во Бугарија. Проектот кој е развиен од страна на „Булгартрансгаз ЕАД“ е на листата на проекти на Европската комисија од заеднички интерес. Планираната инфраструктура се состои од околу 250 km гасоводи и две компресорски станици на подрачјето на Дупница и Кулата. Новата инфраструктура ќе овозможи двонасочен пренос на водород со Грција.