Насловна / Арт и дизајн / 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски: Големиот охридски сликар од бајките и визионер за архитектурата

100 години од раѓањето на Вангел Наумовски: Големиот охридски сликар од бајките и визионер за архитектурата

Верувам дека не постои човек од македонското поднебје кој не е запознаен со ликот и делото на охридскиот уметник Вангел Наумовски (Охрид, 22 март 1924 – Охрид, 13 јуни 2006.) Неговото име веднаш буди визуелни асоцијации на неговите фантастични органски форми кои наликуваат на пресоздадени светови од најдлабоките езерски места, таинствени предели и мистериозни далечни галаксии. Неговата способност да го види убавото во своето опкружување и да го преточи во надреален, фантастичен свет е она по што е фасцинантен и препознатлив. Овој април 2024 година, неговиот роден град Охрид го чествува јубилејот по повод 100 години од неговото раѓање преку низа на настани со кои му оддава почит на овој уметник, кој неуморно твори до својата смрт. За тоа говори големото и разновидно творештво, разновидните техники кои ги користи и со кои експериментира низ своите различни фази, како и бројните публикации, награди и признанија. Но, секогаш за него останува карактеристична таа заоблена, органска линија, линија која обвиткува фантастични светови и бои. Истата таа линија ја гледаме во цртежите, во графиките, во сликите, а потоа и во скулптурите и во неговите архитектонски модели.

Цртеж со туш и перо, Вангел Наумовски

Овој културен априлски бран што го заплисна летаргичниот Охрид вон туристичка сезона беше организиран од Lions Club Lychnidos, кој истовремено одбележа уште еден јубилеј, 15 години постоење и делување во хуманитарни цели и во културно-уметничко издигнување на Охрид.

100 години од раѓањето на Вангел Наумовски и 15 години Lions Club Lychnidos

Културниот бран започна со изработка на мурал, според позната графика на Вангел Наумовски, на страничната фасада на зградата на малиот плоштад меѓу охриѓани познат како „Мини маркет“, во непосредна близина на самата куќа и ателјето на уметникот, како дел од поширокиот културен комплекс што го сочинуваат Основното музичко училиште „Методи Патче“ и Историскиот архив во Охрид.

Мурал посветен на Вангел Наумовски по повод 100 години од неговото раѓање

Истовремено, за самиот плоштад беше спроведена иницијатива за негово преименување во плоштад „Вангел Наумовски“ и оваа иницијатива беше едногласно прифатена од локалната самоуправа на Општина Охрид. Во создавањето на овој нов урбан пејзаж кој дише во духот на уметноста и културата, за финансиската рамка се заслужни Lions Club Lychnidos и Lions Club Ohrid, а во изработката учествуваа групата млади ентузијасти „Културолошка иницијатива 5 до 12“ и здружението на млади архитекти „Архрид“, како и останати индивидуалци и фирми кои се приклучија кон активностите и дадоа свој придонес на различен начин. Иако, најтешкиот дел од работата бил да се убедат станарите за изработката на овој мурал на фасадата од нивната зграда, се чини дека идејата беше срдечно прифатена од населението, генерирајќи спонтани дружби и собирања токму на ова место и позитивно „отпоздравување“ за уметничкото „разубавување“. Со дополнително партерно и светлосно уредување на просторот пред муралот, комплетно ќе се оформи урбаната слика која би можела да се анализира во еден поширок контекст заедно со Музичкото училиште и со Историскиот архив.

Плакат од изложба во Загреб, 1985

Вториот дел од културниот бран беше изложбата посветена на 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски, која беше отворена на 12 април во големата сала при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, каде истовремено Lions Club Lychnidos го прослави и својот јубилеен роденден, 15 години активност во хуманитарни цели и во културно-уметничкото издигнување на Охрид. Изложбата беше свечено отворена со хорска и придружна инструментална изведба на староградската охридска песна „Што се чуло Нане“ која му била омилена на охридскиот уметник.

Плакат од изложба во Минхен, 1984

На изложбата акцент беше ставен на плакатите од бројните изложби на кои тој учествувал, а изложени беа и 9 модели на неговите архитектонски замисли. Плакатите говореа за бројното учество на Вангел Наумовски на домашни, регионални и светски изложби, 30 самостојни и преку 100 групни, во познати галерии низ поранешните југословенски градови, но и во центрите на модерната уметност како Рим, Париз, Лондон, Минхен, Њујорк итн. за што говори неговото огромно препознавање од светската уметничка јавност и критика.

Плакат од изложба во галеријата „Мона Лиза“ во Париз, 1970

Особено интересно е да се спомене изложбата на Вангел Наумовски во галеријата „Мона Лиза“ во Париз во 1970 година, каде веќе како етаблиран уметник го привлекува вниманието и на светски познатиот надреалист Салвадор Дали да ја посети неговата изложба, за што сведочат и написите и фотографиите во југословенските весници од тоа време.

Фотографии од  галеријата „Мона Лиза“ во Париз 1970 г., кога Салвадор Дали ја посетил изложбата на Вангел Наумовски

Но, она што за мене како архитект беше посебно фасцинантно е моето реоткивање на Вангел, како мултиталентиран уметник и визионер во поглед на скулптурата, дизајнот и архитектурата, но исто така и со пишувањето поезија и создавањето музика заедно со неговиот син Рубенс Наумовски, кој по вокација е академски образован музичар, а истовремено и сликар, наследувајќи ги уметничките гени од својот татко.

Модели од архитектонско футурустичко решение на една од езерските вили на Вангел Наумовски, 1965 година

Фантастичниот свет на Вангел го замислив просторно оживеан преку овие футуристички модели, рамо до рамо со органските архитектонски форми на архитект Сантијаго Калатрава и футуристичките форми на архитектката Заха Хадид.  Воедно, на изложбата беше изложен и модел – скулптура од неговиот архитектонски труд со кој учествувал на конкурсот за Националната опера и балет во Скопје кој бил распишан во 1967 година, на кој победиле словенечките архитекти Биро71, по чие решение е изведен објектот во 1979 година.

Модел-скулптура за конкурсното решение на Национална опера и балет 1967 г. – страничен поглед (фото Алберта Гули)

Модел-скулптура за конкурсното решение на Национална опера и балет 1967 г

Неговите трудови не биле само замисли, тој ги развивал заедно со архитекти и со ГП „Трудбеник“ Охрид, за што има и каталог од модели кои се сликани во природно опкружување, што повторно посочува на силната врска на Вангел Наумовски кон природата и фасцинацијата од неа, притоа задржувајќи го неговиот препознатлив израз интерпретиран и во просторната 3Д димензија.

Каталогот со скулптуралните модели во соработка со ПГП „Трудбеник“ Охрид

Воедно, овој каталог е специјално направен за изложбата во Рим 1967 година која ја имал исклучиво со овие негови архитектонски футуристички замисли. За жал, останати се само како идеи, кои ќе служат како пример колку визионерска и прогресивна мисла имало кај нашиот Вангел,  паралелно на светското футуристичко движење.

Архитектонски теракотни модели на Вангел Наумовски за хотелот „Ерос“ (1965г.) чиј израз бил споредуван со архитектите на Модерната, Рајт и Ле Корбизје

Основа на хотел Ерос – разработено решение на Вангел во соработка со архитекти

За среќа, како сведок дека уметноста е нераскинлив дел од архитектурата, постои неговата куќа и галерија-ателје, што самиот ја замислил и реализирал чекор по чекор од крајот на педесеттите години од минатиот век.

Влезна порта, куќата на Вангел Наумовски во Охрид

Не може да ја одминете бидејќи уште од самата улица погледот ви го краде влезната порта која со своите заоблени линии изгледа како да оживеала од некоја негова слика, а продолжува преку оградата која личи како Вангел да се разиграл просторно со четката, како со својот карактеристичен заоблен потег да исцртал просторна линија која почнува со обвиткување околу каменото ѕитче до самата порта, за да се спушти до земјиштето и пак да се заобли нагоре, откривајќи го веднаш зад себе архитектонскиот кубус на својата куќа и своето ателје.

Куќата на Вангел Наумовски во минималистички израз на Модерната

Со својот минималистички израз и лентовидни прозорци, во препознатлив шарм на модерната, на прв поглед делува како Френк Лојд Рајт да замешал прсти во проектирањето на оваа куќа, на што најмногу асоцираат појасите од тула, што ѝ даваат дополнителен шарм и повторно ја поврзуваат со природната материјализација. Но, тука не завршуваат изненадувањата. Проаѓајќи низ влезната порта, како да сте влегле во некој волшебен свет повторно оживеан од некоја негова слика. Патеката ве води во двор кој проширувајќи се од другата страна на куќата изгледа како да ве вовлекува во неговиот фантастичен свет од сликите.

Ателјето на Вангел Наумовски (фотографија во сопственост на Рубенс Наумовски)

Таму ве пречекува мала интимна оаза со зеленило и партерно уредување со ситни езерски камчиња, медитерански растенија, лимони, скулптура и прекрасна фонтана со вода во која се рефлектира целата околина. Зад неа како сценографија продолжуваат камчињата во разиграна текстура да ја градат полукружната фасада на неговото ателје. Разиграната фасадна камена текстура од вдлабнати и издадени камчиња е единствено разбиена со големите стаклени отвори низ кои „ѕирка“ светот од неговото творечко гнездо. Внатре, времето како да застанало. На масата сѐ уште се неговите четки и бои, штафелајот, софата за одмор пред која стои масичка со неговите каталози и книги, а на ѕидовите се дел од неговите слики и цртежи. Ова творечко катче како што кажува неговиот син Рубенс, во времето на поранешна Југославија било генератор на многу уметнички дружби и сите делегации кои ја посетувале Македонија не го одминувале, доаѓајќи да се запознаат со неговата уметност и со самиот Вангел. Ателјето е сведок на неговиот креативен неумор и уметнички порив, од најраните години кога бил запишан во Средното уметничко училиште во Скопје, од каде бил исфрлен како „неталентиран“, делејќи слична судбина со каталонскиот архитект Антони Гауди. И двајцата, подоцна, преку своето творештво, му го докажуваат на светот токму обратното, нивните вистински вредности испишуваат историја.

Скулптура од Вангел Наумовски во прекрасно цветно опкружување во неговиот двор (фотографија во сопственост на Рубенс Наумовски)

По враќањето во Охрид, во поствоениот период, Вангел го ангажираат во Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде во тоа време вршат микроскопски истражувања на ендемските видови од Охридското Езеро. Во тогашно време, сѐ уште недостапна е технологијата за микроснимки, па ангажманот на Вангел е од суштинско значење да ги гледа под микроскоп овие ендемични форми и да го прецрта нивниот изглед на хартија.

Охридските ендемични полжавчиња што ги цртал Вангел Наумовски за испитувањата на Хидробиолошки завод – Охрид

Токму преку овој негов ангажман се запознал со необичните форми на охридската фауна и флора, кои подоцна провејуваат во многу негови слики како мотиви. Особено препознатливи се во колекцијата на слики кои припаѓаат на охридската костозглобна болница „Св. Еразмо“, кои јавноста исто така ќе може да ги погледне на изложба оваа година.

 

Во најава е и уште една изложба токму во неговото ателје, за големиот македонски празник Илинден, кој Вангел како голем патриот си го зел како традиција за изложување и сплотување. Има уште многу што да се зборува за Вангел, оваа тема е неисцрпна и веројатно пропуштив да кажам за многу работи кои ги оставам за следна прилика. Преку овој текст сакав да ги поздравам активностите кои се презедоа за јубилејот 100 години Вангел Наумовски, да потсетам на големината на овој уметник, да поттикнам иницијатива за негова постојана поставка (музеј) во Охрид и за вистинските вредности кои треба да ни се водилка за поубав свет, токму онаков како што Вангел го замислувал во своите соништа и го интерпретирал во своето „бајковито“ творештво.

Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.

(Специјално за Порта 3 од Охрид)

Акварел, Бангел Наумовски

Дел од изложените плакат на изложбата по повод 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски

 

Испрати коментар

Scroll To Top