Насловна / Вести / Станот Parazit Habitat во Нови Сад

Станот Parazit Habitat во Нови Сад

Стан со мала квадратура во Нови Сад проект на архитектите од бирото Cherry Art Hub, наменет е за домување на две лица, како единствен простор со вметната спална соба. При изработка на проектот првиот чекор бил отстранување на сите преградни ѕидови и изместување на постојните функционални целини, како и формирање на целосно отворен простор кој дава можности за примена на креативни и необични решенија.

Главен мотив во просторот е спалната соба, која е направена во форма на кабина со неправилен облик, поврзана со отвори со останатите делови од станот, така што е овозможено циркуларно движење. Оваа кабина, чии ѕидови достигнуваат од подот до таванот, содржи само брачен кревет и е подигната на дрвена платформа.

Приливот на природна светлина и протокот на воздух го обезбедуваат низа отвори: содржи голем кружен прозорец кој гледа кон кујната и терасата, со дневната соба е поврзана со голем премин кој се затвора со поместување на тешка плишана завеса, додека од другата страна е поврзана со лизгачка врата со гардероба и бања.

Мијалникот со огледало се наоѓа пред бањата и се потпира на преградниот ѕид на кабината, кој е перфориран со прозорец, кој овозможува прилив на светлината, но и визуелно го проширува просторот.

Кујната е поместена во однос на првобитната основа на станот и е проектирана веднаш до терасата, со која е поврзана преку големи прозорци. Мошне е  компактна и униформна – содржи подни елементи во бела боја кои обезбедуваат простор за одлагање и го кријат фрижидерот и другите апарати и мал остров кој функционира како работна површина или трпезарија за две лица. Во овој монохроматски амбиент се издвојуваат две интензивно жолти отворени полици со зачини.

На кујната се надоврзува дневната соба, која исто така е многу светла. Идејата била, според добри примери од јапонската архитектура, секој квадратен метар простор да се искористи што е можно пофункционално.

Централниот дел од просторот на дневната соба е исполнет со подвижни и модуларни парчиња мебел кои овозможуваат брза и лесна трансформација на просторот по потреба, додека долж ѕидот направена е долга и ниска библиотека и затворени комоди за одлагање. Дневната соба е одвоена од влезниот хол со голем трокрилен ормар, која е целосно прекриен со огледала, со што се постигнува поголема осветленост и визуелна просторност. Трпезариската маса е на развлекување, подвижна и подготвена да прими шест лица на вечера или пак да служи како помало биро, а кога е склопена, инкорпорирана е во комода. По истиот принцип е употребена и модуларна софа, која освен за секојдневна употреба, може да се користи и за ноќевање за едно лице.

Едноставноста и монохромноста што доминира во елементите на мебелот, изедначениот под од микроцемент и белите ѕидови, оплеменета е со детали со интензивни бои, како што се галерија на слики на ѕидот, декоративни перници, завеси, теписи и собни растенија.

Темнозелената плишана завеса, која заедно со видливата дрвена платформа ја кријат спалната соба, потсетуваат на театарска сцена и имаат сценски ефект, а со тоа метафорично најдобро ја прикажуваат разиграноста и трансформативната моќ на просторот на овој стан, во кој сценографијата е подредени на секојдневниот живот.

 

Испрати коментар

Scroll To Top