Насловна / Архитектура / Се одржа првиот семинар за производство на вино, технологии и архитектура – „Архитектурата на виното“

Се одржа првиот семинар за производство на вино, технологии и архитектура – „Архитектурата на виното“

Првиот научен семинар за производство на вино, технологии и архитектура „Архитектурата на виното“ се одржа на 19-ти април, 2024 година во просториите на Центарот за напредни постдокторски истражувања – ЦАПРИС УКИМ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На отварање на семинарот се обратија проректорот за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Валентина Гечевска која ја истакна важноста на мултидисциплинарната и трансдицсиплинарната соработка помеѓу различните научни полиња и области реализирани од единиците на Универзитетот, деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ и управител на ЦАПРИС УКИМ проф. д-р Огнен Марина и директорот на Земјоделсиот Институт при УКИМ проф. д-р Виктор Ѓамовски.

Идејата за научниот семинар „Архитектурата на виното“ произлегува од потребата  за согледувања на врските и синергиите помеѓу две навидум одвоени научни области, а кои создаваат извонредни резултати низ нивната соработка и синергија.

Проф. д-р Огнен Марина во својот поздравен говор истакна: „На прв поглед, кога зборуваме за виното и архитектура, можеби се чини дека станува збор за два одвоени света, за две далечни и разделени области. Сепак, тие споделуваат многу повеќе заеднички особини отколку што може на почеток да се претпостави. И двете области се базираат на уметничката умешност на креаторите, занаетчиска вештина, длабоко разбирање на контекстот, почитување на традициите и разбирање на материјалите и технологиите на производство“.

Тој додаде: „Изреката „вистината е во виното“ (in vino veritas) совршено се вклопува во филозофијата на архитектурата. Виното, со своите сложени вкусови ја открива вистината на својот извор – уникатниот тероар од кој изникнува и кој ги носи специфичностите на климата, почвата и вештината на винарот. Слично, вистинската архитектура која ги создава новите просторни искуства, тежнее кон искреност во изразувањето и користењето на материјалите, каде што секој елемент служи не само за функционалноста на објектот, туку и за да го искаже духот на времето и местото на кој е изграден. Освен ова, и виното и архитектурата создаваат силни просторни искуства и сензации. Архитектурата со своите простори не само што ги задоволува основните човечки потреби, туку и создава амбиенти кои влијаат на нашите чувства и емоции. Просторот може да инспирира, да смири или да предизвика дијалог. Слично, виното создава сетилно искуство каде дегустацијата на вино се претвара во ритуал во кој јасно се препознаваат сите сензации низ кои го доживуваме просторот како видот, мирисот, па дури и вкусот, создавајќи уникатно патување во просторот и времето и оставајќи длабок впечаток што трае долго откако вкусот ќе исчезне.

Така, и виното и архитектурата ги спојуваат уметноста, науката и филозофијата. Секоја фаза од создавањето на вино е аналогна на процесите во планирањето и изградбата на архитектонското дело. Од изборот на локација, преку обликувањето на формата, градењето на структурата, постигнувањето на балансот, елегантноста и естетиката на крајниот производ, меката или робусната текстура на крахјниот производ, до крајната цел создавање на уникатно искуство базирано на убавината на животот“ – заклучи проф. Марина.

Директорот на Земјоделскиот институт при УКИМ во Скопје во својот говор се осврна на убавината на заедничката креација помежу создавањето на виното и архитектурата: „Можеби најдлабоката врска помеѓу архитектурата и производството на вино лежи во нивната заедничка способност да предизвикуваат емоции и да создаваат трајни спомени. Исто како што една прекрасна градба може да инспирира стравопочит и чудо, убавото вино има моќ да не пренесе во друго време и место и да евоцира спомени од посебни моменти. Во двата случаи, убавината не лежи само во финалниот производ, туку и во патувањето – прецизното планирање, внимателната изработка и непоколебливата посветеност. Без разлика дали се восхитуваме на едноставните, слободостоечки и волуминозни градби на пост-земјотресно Скопје или уживаме во робусноста на совршено созреаниот Вранец, се потсетуваме на креативноста и страста што нè поттикнува да создаваме, да иновираме и да бараме убавина. Затоа, врска помеѓу архитектурата и производството на вино нè потсетува на моќта на човечката креативност, убавината на природниот свет и потрагата по извонредност“ – заклучи тој.

Во рамките на семинарот се одржаа седум научни и стручни предавања од врвни стручњаци во своите области проследени од повеќе од 50 учесници, архитекти, енолози, сомелиери, винолози, претставници на винарии и вински ентузијасти.

Проф. арх. Владимир Лојаница, декан на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград кој е и визитинг професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје одржа предавање за процесот на проектирање и изведба на мала семејна винарија во Република Србија насловено „Проектирање со намена – винарија Acumincum“. Во процесот на создавањето на оваа винарија особено интересен беше фактот на откривање, а потоа и интегрирање на архелошки наоди во рамките на постоечкиот објект со што, како што нагласи предавачот проф. Лојаница, се доби дополнителен квалитет на новата винарија и автентично искуство во запознавањето и дегустацијата на вината од оваа мала семејна винарија во Војводина.

Проф. д-р Климе Белески од Земјоделскиот Институт при УКИМ во Скопје говореше за историјата на производство на грозје и вино во Македонија, а проф. д-р Горан Миланов за технологија на производство на вино. Проф. Александар Радевски од Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје го презентираше проектот за Винаријата Стоби во Градско. Проф. д-р Душко Неделковски од Земјоделскиот институт при УКИМ во Скопје даде извонредно детален приказ на автохтоните и локалните вински сорти во Македонија.

Серијата на научни предавања за виното и архитектурата беше заокружено со предавањето на м-р Бранка Костиќ Марковиќ посветено на виното и уметноста. М-р Костиќ Марковска даде особен осврт на улогата на виното во уметност, фолклорот и особено традиционалната народна музика.

Ова предавање беше извонредно илустрирано со изведба на на Матеј Тушевски студент на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИМ во Скопје, придружуван од Оркестарот на традиционални инструменти на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ кои изведоа неколку народни песни посветени на виното од Македонија како „Не пиј Недо рујно вино“, „Винце ле, винце“ и „Дафино вино црвено“.

 

Научниот семинар и денот посветен на виното, архитектурата и уметноста беше заокружен со погледот на сомелиерот Александар Вучковски за начинот на впарување на виното со храната, проследено со дегустација на вината од винариите од Македонија кои љубезно ги донираа своите вина за оваа цел. Научниот семинар беше поддржан од Винарија Тиквеш, Винарија Камник, Винарија Далвина, Винарија Брзанов, Винарија Попов, Винарија Бади и други.

Огромниот интерес за научниот семинар, надополнет со извонредната организација во инспиративниот простор на Центарот за напредни и постдокторски истражувања ЦАПРИС УКИМ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја потврдија успешноста на идејата базирана на потребата за допонително интердисциплинарно делување и истражување на вредностите и квалитети кои произлегуваат низ соработката на различните научни полиња и потребата за организација на вакви настани кои ќе овозможат создавање на нови вредности и нови знаења.

Испрати коментар

Scroll To Top