Сателитот „Арктика-М“ број 2 е пуштен во употреба, со што Русија прва во светот создаде хидрометеоролошки вселенски систем за континуирано следење на арктичкиот регион и соседните територии, објави руската вселенска агенција „Роскосмос“.
„Донесена е одлука тестовите да се завршат со пуштање во употреба на леталото Арктика-М бр.2 и да се користи орбиталната констелација составена од вселенските апарати Арктика-М бр.1 и бр.2 за предвидената намената“, се наведува во соопштението.
Се посочува дека системот ќе собира метеоролошки податоци од поларниот регион на Земјата, што ќе овозможи да се унапредат временските прогнози и ќе им помогне на научниците подобро да ги проучуваат климатските промени.
Во „Роскосмос“ додаваат дека првиот таков сателит бил лансиран во орбитата во февруари 2021 година, а вториот во декември 2023 година.
Двете вселенски летала обезбедуваат деноноќно следење на површината и облачноста на Земјата и морињата во арктичкиот регион и соседните територии, како и постојана и сигурна размена на метеоролошки информации.
Покрај тоа, нивната опрема се користи за одредување на локации на бродови, авиони и други мобилни објекти во неволја во рамките на меѓународниот сателитски систем за пребарување и спасување ЦОСПАС-САРСАТ.