Сместен во пријатен двор во центарот на Торино, станот Loft M50 е резултат на реновирање и преуредување на простор кој бил користен како авто сервис. Проектот го потпишува италијанската дизајнерката на ентериери Paola Mare.
Поради потребата да се создаде приватен простор на отворено, дел од кровот е елиминиран. Овој извор на светлина од две страни е врамен со големи лизгачки врати, со што се создава континуитет меѓу внатрешниот и надворешниот простор.
За да се искористи висината, направени се три галерии од челична конструкција. На едната галерија се наоѓа сппалната соба во која има џакузи, а тука е и мала бања, другата е простор за опуштање, додека третата се користи како простор за гости.
На приземјето е предвиден голем, отворен простор кој содржи дневна соба и трпезарија, скалите кои водат до галериите се карактеризираат со различни форми и бои, за да се ублажи симетријата која на ентериерот би му дала строга слика.
Под поголемите галерии сметен е гардеробер, влезот во куќата украсен со тапети, главната бања и работната соба со засебен влез.
Лизгачкиот панел со дрвени летви што ја одвојува работната соба од останатиот дел од куќата е направен по нарачка, како и фиксниот мебел и кујната која е сместена во просторот под помалиот меѓукат и е одвоена со ѕидна преграда.
Во ентериерот преовладува белата боја која е во контраст со црниот челик, а со елементи од иверица од бреза просторот добива топлина.
Расветата е внимателно поставена за да се создаде посебна атмпсфера во зависност од различните функционални протори.