Денес со црковно-народен собир во општина Аеродром беше осветен и отворен новиот православен храм „Свети Јован Крстител“, изграден со донација на градежната компанија „Адора Инженеринг“ и ктиторот Ванчо Чифлиганец.
Новиот храм „Свети Јован Крстител“, сместен во паркот со авион во општина Аеродром е петкуполна црква висока 15,5 метри, со специфична, препознатлива, дрвна архитектура, изградена според каноните на МПЦ и традициите на нашето културно наследство.
Осветувањето го изврши поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со митрополитите: преспанско-пелагониски г. Петар, брегалнички г. Иларион, тетовско-гостиварски г. Јосиф, кумановско-осоговски г. Јосиф, Епископот Хераклејски г. Климент и повеќе свештеници на МПЦ, во присуство на ктиторот Чифлиганец, градоначалници, претставници на државните институции, бизнис личности и голем број православни верници и граѓани на Скопје и Македонија.
„Од Бога сме сите задолжени со животот и со добри дела треба да Му благодариме за сè што ни дал и што ни дава, зашто без него ништо не би можеле да правиме и имаме“, рече на осветувањето на црквата „Свети Јован Крстител“, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој на ктиторот му подари орден Свети Климент Охридски од Прв ред, највисокото признание на МПЦ, а ктиторот Чифлиганец на г.г. Стефан симболично му го предаде клучот од црквата „Свети Јован Крстител“ и позлатен орден.
„По шест децении плоден живот и четири децении успешен работен опус, воден од вербата во Бога, на мојата земја самостојна и независна Република Македонија, со признат македонски идентитет и Македонска православна црква, на мојот македонски народ , им го подарувам православниот храм „Свети Јован Крстител“ со желби тој да живее вечно и тука во македонскиот Јордан, реката Вардар, да се прославува крштевањето Христово-Богојавление-Водици”, истакна ктиторот Ванчо Чифлиганец, кој за изградбата на црквата доби благодарница од градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски.
Црквата внатре е со богат живопис, а над главниот влез има мозаик со ликот на свети Јован Крстител изработен во византиски дух со позлатени камчиња од Венеција и природни камчиња од Македонија. Во црковниот комплекс има камбанарија висока 18,5 метри, фонтана во облик на крст со три водоскоци, природен камен стар 25 милиони години, тежок 15 тони, донесен од рудникот Бучим во Радовиш со пораките на ктиторот Чифлиганец, а дворот е партерно и хортикултурно уреден со места за одмор на посетителите. Од денес овој православен храм е во надлежност на Македонската православна црква.